Последните 15-на години сведочиме токму на такво триење, тектонска промена преку судир на две различни логики на моќ. Едната е американската, софтверска и финансиска: контрола врз податоците, стандардите, доларот и правилата на глобалната размена. Другата е кинеската, материјална и инфраструктурна: фабрики, пристаништа, коридори, 5Г, енергетски мрежи и индустриски синџири на снабдување. Меѓу нив, како најава за идните линии на фронтот, стои Евроазија како континент каде е концентриран најголемиот дел од населението, ресурсите и производствениот капацитет на планетата.
Заборавете на клишето „демократија наспроти автократија“. Клучниот конфликт на 21-от век е судир меѓу софтверската хегемонија и хардверската геоекономија. И во таа битка, Иран е многу повеќе отколку Украина или Тајван. Иран е јазолот што ги врзува коридорите, енергенсите и безбедносните дилеми на целиот континент.
Американската хегемонија како проект на либералниот капитализам
Родена од либералниот капитализам во 19-от век во перманентна потрага по профит, американската држава го помина целиот 20-ти век во градење на незапирлива хегемонија. Финансирајќи, а потоа и учествувајќи во двете светски војни, САД излегоа од стариот поредок без вистински економски конкурент. Европа беше физички разрушена и финансиски исцрпена. Германија и Јапонија поразени, окупирани и парадоксално реинтегрирани во нов систем каде американскиот капитал ги претвори во столбови на западниот блок. Клучната иновација на американската моќ не беше само во тенковите, туку во институционалната архитектура: доларот како глобална валута, меѓународните финансиски институции и трговските правила. Се создаде ефект на гравитација: државите кои сакаа раст мораа да се усогласат со американскиот „оперативен систем“. Хегемонијата почна да се одржува преку зависност од капитал, технологија и пристап до најголемиот потрошувачки пазар на светот. Но, овој систем има една стратешка слабост: географијата. Она што е уникатно за нејзината положба – опкружена со два светски океани – освен предност, може да биде и ограничување. Затоа, за да биде релевантна за Евроазија, Америка мора да има истурена позиција во Европа. Во спротивно, таа станува изолиран континентален џин, самодоволен, но периферен. Европа е „непотопливиот носач на авиони и воен хардвер“ преку кој океанската сила станува континентална – релевантна за Евроазија, а со тоа и за светот.
Затоа велам, ако географијата е судбина, Евроазија е неспорниот Центар на светот. Она што се менува низ вековите се само инструментите: некогаш тоа беа копнените армии; денес се дигиталните инфраструктури и коридорите за податоци. Токму затоа и СССР беше толку опасен, иако економски инфериорен. Имено, во текот на Студената војна, Советскиот Сојуз поседуваше сурова деструктивна моќ и асиметрична брилијантност, но никогаш, во ниту еден момент, не се ни приближи до економската моќ на САД.
По 1979: Кина како ученик, фабрика и кредитор
Денес, за првпат по околу 150 години, САД се соочуваат со вистински економски конкурент. Интеграцијата на НР Кина во глобалните економски текови по 1979 година првично му послужи на Западот за генерирање на профит пред сè преку евтината работна сила. Но, Кина учеше, копираше, преговараше за трансфер на технологии и акумулираше капитал. Кога имате милиони инженери, огромни пазари и државна политика што ја третира индустријата како национална безбедност, фабриката брзо станува лабораторија. Кинескиот успех е резултат на стратешко и долгорочно гледање, но и прагматизам. И токму затоа, новите тектонски поместувања мора да се читаат низ три оски: рускиот географски фактор, кризата од 2008 година и „геополитиката на Облакот“.
Рускиот фактор и кризата од 2008
Русија останува глобален играч поради две причини: офанзивна деструктивна моќ (капацитет да ја подигне цената на конфликтот до степен на невозможна рационална пресметка) и огромна територија полна со ресурси. Русија е „географски забрзувач“ на кинеската индустриска моќ и истовремено „непремостлива пречка“ која мора да се земе предвид кога зборуваме за Евроазија.
Од друга страна, не треба да заборавиме дека финансиската криза од 2008 година го соблече превезот на западниот систем. Профитите беа приватизирани, а загубите социјализирани. Довербата во либералниот капитализам еродираше, создавајќи геоекономски вакуум во кој Кина започна масивни инвестициски циклуси. Кина престана да биде само „светска фабрика“ и стана светски кредитор и градител. Ако 1990-тите беа декада на американска самодоверба, 2010-тите го донесоа сфаќањето дека економијата е безбедност, а синџирите на снабдување се прашање на суверенитет.
Ова донесе големи долгорочни последици, од кои денес ги береме плодовите. Прво, довербата во либералниот капитализам беше еродирана. Кога системот бара жртви од средната класа, но ги штити оние што го создаваат ризикот, се раѓа цинизам и политичка поларизација. Второ, генерациската последица: генерацијата на милениумците (родени помеѓу 1981-1996) влезе во зрела возраст со долг, инфлација на цените на недвижностите, нестабилна работа и слаб раст на реалните плати. Тоа ја намали способноста за акумулација на капитал и ја поткопа социјалната мобилност. Трето, создавање на геоекономски вакуум: додека Западот се занимаваше со санација на финансискиот сектор и со политички турбуленции, Кина започна масивни инвестициски циклуси во инфраструктурата и индустријата. Тие инвестиции не ја одржаа само кинеската економија, туку и глобалната побарувачка за суровини, машини и логистика. Кина престана да биде само „светска фабрика“ и стана светски кредитор и градител кој има капацитет да финансира и да реализира проекти што другите држави ги одложуваа.

Геополитика на Облакот — американската дигитална доминација
Додека Кина го гради физичкиот хардвер (мостови, пристаништа, железници, енергетски мрежи и 5G), САД ја зацврстија својата хегемонија преку софтверот и технологијата. „Облакот“ не е само техничка метафора; тој е инфраструктура на моќ. Кој ги контролира платформите, стандардите, оперативните системи, платежните мрежи и најкритичните чипови, тој ја контролира брзината и насоката на глобалната економија.
Погледнете ја трката за вештачка интелигенција: иако конкуренцијата е жестока, највидливиот фронт долго време беше доминиран од американски корпорации и екосистеми (OpenAI, Gemini, Grok, Meta). Тоа не е случајно. Американската предност се базира на три слоја: капитал и ризичен инвестициски модел што рапидно се мултиплицира; концентрација на талент во универзитети и технолошки центри; и пристап до податоци и облачни инфраструктури што се веќе вградени во администрациите и компаниите ширум светот, како и располагање со огромен број на податоци! Кога ги контролирате податоците и алгоритмите што ги обработуваат, вие влијаете врз создавањето на „вистината“: кои информации се видливи, кои се рангираат, кои се актуелизираат и „монетизираат“, но и кои се маргинализираат. Тоа не значи дека реалноста е целосно конструирана, но значи дека рамката во која луѓето ја перцепираат реалноста станува зависна од неколку центри на технолошка моќ.
Доларот е финансискиот еквивалент на Облакот. Преку доларската ликвидност, платежните мрежи, кредитните пазари и санкциските инструменти, САД можат да го „исклучат“ пристапот на држави и компании до глобалниот финансиски систем. Затоа современата хегемонија не е само во воената сила, туку во способноста да се контролираат протокот на пари и протокот на податоци.
Американски софтвер vs. кинески хардвер: две логики на моќ
Ако го поедноставиме светот, ќе добиеме две логики. Првата е логиката на стандардите: кој поставува технолошки и финансиски стандарди, тој ги собира рентите на глобализацијата. Тоа е американскиот модел: платформи, патенти, облачни услуги, финансиски инструменти. Втората е логиката на волуменот: кој произведува, гради и поврзува, тој ја контролира материјалната основа на економијата. Тоа е кинескиот модел: фабрики, логистика, инфраструктура, индустриски капацитет.
Во пракса, овие логики се преплетени. За да произведува хардвер, на Кина ѝ треба софтвер, чипови, дизајн и интелектуална сопственост. За да продава софтвер, на Америка ѝ треба физичка економија што ќе купува, ќе транспортира и ќе троши. Оттука, конфликтот не е целосна разделба, туку борба за „стратешките височини“ во синџирите на вредност: чипови, ретки минерали, енергија, податочни центри, подморски кабли, стандарди за 6G и управување со податоци. Во оваа рамка, терминот „сајбер безбедност“ станува премногу тесен. Попрецизно е да зборуваме за дигитален суверенитет и отпорност на инфраструктурата. Државите повеќе не прашуваат само дали сме заштитени од напад, туку дали можеме да функционираме ако ни се прекине пристапот до облак, чипови, ажурирања или платежни мрежи.
Иран: јазолот на Евроазија
Ако овие постулати ги споиме во една слика, станува јасно зошто конфликтите и тензиите околу Иран не се изолирани регионални судири. Тие се дел од пошироката битка за управување со срцето на Евроазија. Тоа е битка во која коридорите и точките на теснец (chokepoints) се подеднакво важни како и идеологијата.
Иран не е само нафтена држава; тој е голема, суверена територија што географски може да ги поврзе неколку стратешки правци: прво, Русија со Јужна Азија преку коридорот Север–Југ; второ, Каспискиот регион со Персискиот залив; трето, Европа и Југозападна Азија со Централна Азија и Кина преку различни гранки на Иницијативата Појас и Пат; и четврто, енергетските пазари со поморската артерија на Ормускиот теснец.
Затоа дестабилизацијата или контролата на Иран значи контрола на точката која може да обезбеди суверенитет на движењето на стоки, енергија и услуги помеѓу исток–запад и север–југ. Ако Иран е санкциониран и изолиран, коридорите се забавуваат, проектите стануваат поскапи, а интеграцијата меѓу Русија, Кина и делови од Јужна Азија се отежнува. Ако Иран е реинтегриран, тогаш Евроазија добива копнен и поморски „бајпас“ кој ја намалува релативната тежина на западно-контролираните точки на теснец и финансиски канали. Од перспектива на САД, Иран е проблем затоа што го комплицира моделот на управување со регионот преку сојузи и морска доминација. Од перспектива на Кина, Иран е можност за диверзификација на енергенсите и за осигурување на коридорите. Од перспектива на Русија, Иран е партнер што ја проширува географијата на маневарот кон топлите мориња и јужните пазари.
Суштината е едноставна: кој ќе ја контролира сврзницата меѓу Каспискиот басен, Персискиот залив и Централна Азија, тој ќе влијае врз темпото на евроазиската интеграција. И токму таму се судираат американскиот софтвер и кинескиот хардвер: едниот сака да задржи финансиски и дигитални лостови на притисок, а другиот сака да изгради заобиколување на истите.
Кој ќе го пишува алгоритмот на 21-от век?
Во овој вековен судир, каде либералниот капитализам се судира со државниот капитализам на Истокот, улогите се релативно јасни. САД го контролираат дигиталниот ум и финансискиот нервен систем на светот: стандарди, платформи, долар, санкции, облак. Кина ја гради физичката инфраструктура: пристаништа, железници, индустрија, енергетски мрежи и трговски коридори. Русија, со својата деструктивна моќ и ресурси, останува фактор што може да ја забрза или да ја сопре интеграцијата.
Евроазија останува шаховската табла на која ќе се одлучи исходот, но и повеќе од табла: таа е простор што генерира моќ преку концентрација на ресурси, производство и население. Во таков свет, клучното прашање не е кој ќе има повеќе ракети, туку кој ќе ги контролира протокот на енергија, стоки, пари и податоци. И токму затоа Иран е јазол: не затоа што е морално симболичен, туку затоа што е географски неопходен. Контролата на Иран е контрола на можноста Евроазија да се поврзе без вентилите со кои сега Западот командува.
На крајот, битката е за оперативниот систем на светот: дали глобалната економија ќе остане врзана за американскиот Облак и доларот, или ќе се појави паралелен евроазиски хардвер со сопствени стандарди, платежни канали и дигитални екосистеми. Оној што ќе ја спои инфраструктурата со алгоритмот — материјалното со дигиталното — ќе го пишува кодот на 21-от век.
Aлександар Иванов
(При подготовката на овој текст е користен GEMINI за структурна оптимизација и визуелизација на сликите според целосните упатства од авторот. Авторот ја задржува целосната одговорност за сите изнесени ставови, заклучоци и финалната верзија на текстот.)












