Оваа недела, благодарение на „Триглав Осигурување АД“ и на главниот извршен директор Ѓорѓе Војновиќ, имавме ретка можност и привилегија лично од Светислав Кари Пешиќ да слушнеме мал дел од неговата спортска и животна филозофија во однос на лидерството и менаџирањето на спортските клубови и тимовите. Повод за гостувањето беше промоцијата на неговата книга „Светислав Пешиќ, Моја игра, мој пат – Животот на тренерот не е бајка“. Вредно четиво кое може да се чита како мемоарска книга или како тренерски прирачник, но кое кога ќе ги затворите последните страници, ќе ви остави силен впечаток и ќе ви вреже слика за еден живот целосно посветен на спортот и кошарката.
Она што го прави Пешиќ уникатен е неговата способност да остане релевантен низ пет различни децении. Додека многу негови врсници се повлекоа од активна работа, тој не само што остана во чекор со времето, туку и не престанува со победи и освојување на трофеи. А, листата е навистина импресивна, почнувајќи од кадетските, јуниорските и сениорските европски и светски титули, до бронзата од Олимпијадата во Париз. Од европската титула со Босна како играч 1979, до трофеите во Евролигата со Барселона 2002, ФИБА Кораќ купот 1995 со Алба Берлин и ФИБА Евро купот со Џирона 2007 како тренер. Тој е еден од ретките што знаел како да одигра и да излезе на крај со националниот тим на САД. Два пати тоа го стори на јуниорското светско првенство во Бормио 1987 и еднаш на нивен терен, во сениорска конкуренција, на Светското првенство во Индијанополис 2002 година кога на тогашна СР Југославија ѝ ја донесе светската титула. Сите овие успеси во репрезентативна и клупска конкуренција беа причина во 2020 да биде промовиран во член на ФИБА „Салата на Славните“, а годинава таа чест му беше укажана и од шпанската кошаркарска федерација со прием во нивната „Сала на Славните“. Пешиќ е единствениот тренер во историјата кој освоил златни медали на европски и светски првенства во сите категории, кадети, јуниори и сениори, но единствениот кој на европските првенства освојувал титули со две различни репрезентации, 1993 со Германија и 2001 со СР Југославија. Иако за најголемиот број тренери освојување на повеќе шампионски титули во различни национални првенства е во домен на фантазија, осумте трофеи на Пешиќ се некако во сенка на сите овие меѓународни репрезентативни успеси. Првата титула како тренер ја освои со неговата Босна пред точно 42 годни во 1983 година, а потоа следуваа уште пет во Германија, четири последователни со Алба од 1997 до 2000, една со Баерн во 2014 и две во Шпанија со Барселона, 2003 и 2004 година. И тука не е крајот на трофеите, на сето ова погоре треба да се додадат уште и шест национални купови, еден со Босна во 1984, два со Алба Берлин во 1997 и 1999 и три со Барселона 2003, 2018 и 2019-та. Сѐ на сѐ, девет медали со репрезентативни селекции, од кои шест златни и дури 17 клупски титули во различни натпреварувања.

Бормио – најава на светска доминација
Како тренер на Босна, Пешиќ од 1985 до 1987 беше селектор на младите селекции на Југославија и веднаш почна со собирање златни медали. Најпрвин на кадетското европско првенство во Бугарија 1986, а година дена подоцна на, сега веќе легендарното, светско првенство во Бормио, Италија. Таму ја предводеше генерација 1967/68 во која настапуваа момците кои ќе ја изменат кошарката на светско ниво во наредната деценија: Кукоч, Раџа, Дивац, Ѓорѓевиќ, Павичевиќ, Илиќ, Копривица, Авдиќ… Со некои мали измени овој тим настапуваше и на кадетското првенство, но тоа што Пешиќ направи од нив во период од една година, а посебно на едномесечните подготовки на Игман, беше нешто што сите ги фасцинира и неизмерно влијаеше на нивната подоцнежна кариера. Германскиот репрезентативец Хенрих Редл тоа го опиша на најпластичен начин. Според него во Бугарија југословенскиот тим бил најдобар, но другите селекции чувствувале дека со нив може да се игра. Но во Бормио, според Редл, кошаркарите на Пешиќ биле толку супериорни и подготвени што делувало депримирачки на останатите, или како што опиша Редл, се чувствувале како мали деца што играат со сениори. Физички доминантни, технички перфектни, тактички беспрекорни и со виц и дух во играта. Плус МВП-то на турнирот – генијалниот Тони Кукоч. Составот на Пешиќ ги мина сите препреки без проблем. До финалето стигнаа преку шест победи со просек од 26,7 поени разлика. Во една од тие средби ги добија и Американците со 15 поени разлика, а Кукоч им уфрли 37 кошеви погодувајќи 11 од 12 шутеви за тројка. Во финалето повторно им ја земаа мерката на Американците за кои настапуваа идни големи НБА ѕвезди како Гери Пејтон, Стејси Огмон, Лери Џонсон, Двејн Шинциус, Лајонел Симонс, ЛаБрадфорд Смит… До златниот медал дојдоа со победа од „само“ 10 поени разлика 86:76. Но, тоа што е поважно од резултатите е сигурноста, самодовербата, дисциплината и одговорноста што Пешиќ ја вгради во оваа генерација кошаркари како квалитети што ги красеа низ целата нивна кариера.
Германска лебедова песна
Еден од неговите најголеми успеси секако е европската титула со репрезентацијата на Германија во 1993 година. Титула со селекција во еден спорт кој немаше никакви корени и не привлекуваше никаков интерес кај германските спортски фанови. Пешиќ со својата визија и посветеност направи таков пресврт што кошарката ја крена меѓу трите најпопуларни спортови во државата и буквално отвори нова врата за спортскиот бизнис во земјата. Тој стана селектор и тренер на германскиот национален тим во 1987 и полека го градеше тимот предводен од НБА ѕвездата Детлеф Шремпф. Првиот успех го оствари веќе две години подоцна, во 1989, освојувајќи го бронзениот медал на Универзијадата во Дуизбург со победата над Канада од 86:83. На Олимписките игри во Барселона, Германија дојде до седмото место, а потоа следуваше Европското првенство во Минхен. Со оглед на тоа што Шремпф поради повреда не беше во можност да игра, апсолутно никој не му даваше на германскиот состав било какви шанси за медал без оглед на тоа што првенството го играа на домашен терен. Во 1/4 финалето ја совладаа Шпанија со 79:77, во 1/2 финалето 76:73 победа над Грција и во финалето 71:70 против Советскиот Сојуз. Три натпревари – три победи со вкупно 6 поени разлика. По оваа титула интересот за кошарката во Германија експлодира и беа поставени темелите на успесите на германската кошарка во наредните години и децении. Заслугите на Пешиќ беа фундаментални, немерливи, а колку е ценет неговиот придонес потврдува и фактот што Кари доби и германско државјанство.
Индијанополис – злато во земјата на кошарката
Светското првенство во Индијанополис е уште едно славно поглавје во кариерата на Пешиќ. Победата над селекцијата на САД, на нивен, домашен терен, се славеше дури и повеќе од златниот медал освоен со победата од 84:77 над Аргентина. Во последната четвртина од 1/4 финалниот натпревар, Американците имаа и 10 поени разлика на шест минути до крајот, но мотивирани и авторитетно водени од Пешиќ, со целосна доверба во неговите инструкции, југословенските кошаркари во тие последни шест минути од натпреварот постигнаа 22, а примија 9 поени и славеа со 81:78. Кари Пешиќ надмудри, надигра и порази двајца од најценетите тренери воопшто во историјата на НБА, Џорџ Карл и петкратниот НБА шампион Грег Поповиќ. Во Индијанополис оваа тренерска двојка предводеше тим од 12 НБА играчи меѓу кои и Олстар кошаркари како Реџи Милер, Пол Пирс, Џермејн О‘Нил, Андре Милер, Бен Валас, Бајрон Дејвис… Незаборавна останува сцената на солзите на Карл во автобусот по натпреварот…

Може да се пишува и за среброто на СП во Филипни, кога во Белград за првпат во историјата беше организиран пречек за националниот тим кој не освоил златен медал, или за Олимписките игри во Париз кога Пешиќ и неговите момци го пропуштија финалето заради, за повеќето неутрални гледачи, пристрасноста на судиската тројка… или за пропуштените шанси на двете последни европски првенства 2022 и 2025 година. Сите овие турнири и натпревари имаат своја приказна, своја „пред и по“ историја, но она што останува засекогаш е наследството на Пешиќ, изразено колку со медалите, можеби и повеќе со генерациите кошаркари кои своите кариери во голема мера ги должат на неговото кошаркарско знаење.
Животна и спортска филозофија
„Кога наутро ќе се поздравиш со семејството и заминеш на работа, стави кацига на глава и како рудар во рудник влези во салата каде што те чека златото од кое ќе направиш украс за својот пат до успехот“ – во една реченица цела животна и спортска филозофија на Кари Пешиќ. Љубов кон семејството, посветеност кон работата, врвен респект кон играчите и силна верба за успех. Тој ја живее кошарката во секој момент од денот. Тренинзите и натпреварите се само круна на неговата целокупна работа и подготовка. Пред да заминат на светското првенство во САД, Пешиќ на кошаркарите им подели писма со мотивациски текст подготвувајќи ги за сите искушенија пред нив. Затоа и можеа да се вратат од минус 10 на 6 минути до крајот против домашната селекција. Пешиќ знаеше дека такви моменти ќе има и кошаркарите ги подготви навреме. Тоа е неговата визија на која сите со кои работел можеле да се потпрат. Ова е само еден пример од стотиците кои од него направија спортска институција. Кари нè потсетува дека за големи нешта е потребно време, работа и чиста, неповторена љубов кон она што го работите. Но, неговиот најголем триумф е сведоштвото на играчите кои поминале низ неговите раце, а излегле како подобра верзија од себе – не само како спортисти, туку и како личности.
Љубомир Николовски










