недела, 6 април 2025
Јове Кекеновски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Судирот меѓу централнолевичарските и десничарските политички сили во ЕУ

Во последните десет години, Европа е сведок на засилена политичка поларизација меѓу централнолевичарските и десничарските сили. Додека левицата доминира во институциите на ЕУ, десничарските движења добиваат сè поголема поддршка во многу земји, особено во Источна и Централна Европа. Овој судир има длабоки импликации врз иднината на европската политика и стабилноста на самата Европска Унија.

Централнолевичарските партии и движења, кои често имаат поддршка од Брисел, се залагаат за: јакнење на федералната моќ на ЕУ и ограничување на националниот суверенитет; либерални вредности како мултикултурализам, миграциска политика и зелена агенда, контрола на медиумите преку регулации за борба против „дезинформации“, што всушност претставува механизам за контролирање на наративите во медиумскиот простор, при што одредени ставови се етикетираат како „дезинформации“ само затоа што не се усогласени со официјалната политика. Ова се користи како политички инструмент за заштита на владејачките елити од критика и финансирање на невладини организации кои ја поддржуваат нивната агенда. Овие сили најчесто се потпираат на бирократските структури на ЕУ и глобалистичките фондации.

Од друга страна, десничарските партии, како што се ФИДЕС во Унгарија, Лига во Италија, Национален собир во Франција и АФД во Германија, ја градат својата платформа врз: заштита на националниот суверенитет и спротивставување на наметнувањето политики од Брисел; строга миграциска политика и зачувување на европскиот идентитет; поддршка на традиционалните семејни вредности и намалување на влијанието на странски невладини организации; овие сили често се напаѓани од централнолевичарските елити преку обвиненија за „авторитаризам“, „популизам“ и „екстремизам“, со цел нивно делегитимирање.

Десничарските влади се залагаат за намалување на даноците и заштита на домашната економија, додека централнолевичарските промовираат поголема регулација и зелена економија. Ова доведува до економски судири во рамките на ЕУ, особено околу финансирањето на „Зелената агенда“ и распределбата на фондовите. Десничарските влади генерално имаат поцврст став кон нелегалната миграција и тероризмот, додека левичарските структури повеќе инсистираат на човекови права и интеграција на мигрантите.

Сигурно е дека една од најзначајните разлики помеѓу овие два политички блока е односот кон Русија и војната со Украина. Левичарските сили во ЕУ, предводени од Брисел, ги осудуваат руските активности и ја поддржуваат политиката на санкции против Русија, особено во контекст на конфликтите во Украина и Крим. Овие позиции се резултат на глобалистичката ориентација на левицата и желбата за ослабување на рускиот геополитички влијание во Европа. Левицата, досега во голема мера, се потпираше на поддршката од САД и нејзината алијанса со НАТО, што ја доведе во позиција на конфронтација со Русија. Исклучок од оваа матрица (шаблон) е словачкиот премиер Роберт Фицо, лидерот на партијата Смер – Социјалдемократична партија на Словачка. Тој се смета за левичар, но неговата политика има карактеристики што го прават да биде делумно популистички или со елементи на десничарски ставови, особено во контекст на национализмот и неговиот став кон миграцијата. Фицо е познат по својата проевропска ориентација и социјалдемократските погледи на економијата, но исто така има и ставови што се слични на оние на десничарските партии, како што се критиките на миграциските политики на ЕУ и ставовите во однос на безбедноста и традиционалните вредности. Овој комбиниран пристап му дава некои елементи на „популист” и „нaционалист”, што го става во позиција да бидат сметан за „прагматичен” во политичкиот спектар, иако неговата партија историски има левичарска основа. Роберт Фицо и неговата партија Смер имаат поблаг став кон Русија во споредба со многу други политички лидери во ЕУ. Тој се залага за подобри односи со Русија, особено во контекст на енергетската безбедност и економската соработка и настојува да се воспостави дијалог со Москва, а не санкции. Фицо и неговата партија ја критикуваа политиката на ЕУ кон Русија, посочувајќи дека санкциите против Русија не донесуваат резултати и дека не се во интерес на земјите од Централна и Источна Европа што се покажа како точно.

За разлика од централнолевичарските, десничарските сили во односот кон Русија имаат различен пристап. Тие генерално се поотворени за дијалог со Русија, сметајќи дека Европа треба да развива своја независна стратегија која ќе го вклучува и руското влијание. Лидери како Виктор Орбан и Џорџа Мелони ја поддржуваат оваа политика, гледајќи ја Русија како важен геополитички партнер во контекст на глобалната конкуренција со Кина и САД. За разлика од левицата, десницата често ги истакнува заедничките интереси со Русија во сферата на енергетиката и националниот суверенитет.

Централнолевичарските политички сили користат стратегија на делегитимација кон своите политички ривали (читај противници). Нивната цел е да се одржи статус квото на либерално-глобалистичките елити и да се спречи алтернативна политика која е посуверенистичка и традиционалистичка. Тие настојуваат да создадат перцепција дека десничарските функционери се проблем, а не алтернатива. Унгарија и Италија се одличен пример, особено со Џорџа Мелони, која откако дојде на власт, се соочи со обиди за делегитимација. Левичарските и глобалистичките кругови ја претставуваат како „фашистка“ и „закана за демократијата“, иако нејзината политика е јасно проиталијанска и конзервативна. Таа застана зад Трамп, отворено зборува против бирократијата во Брисел и се обидува да ја врати националната сувереност на Италија. Станува збор за глобален тренд во кој централнолевичарските сили настојуваат да ги делегитимираат десничарските функционери, претставувајќи ги како авторитарни, популисти или закана за демократијата.

Кои се можните последици од овој судир? Сублимирано во кратки црти тие би можеле да бидат следниве: 1) Политичка дестабилизација на ЕУ и нејзините членки: протести, обиди за санкции против десничарските влади (како Орбан и Мелони), политички напади преку медиумите и европските институции. 2) Појава и јакнење на алтернативни геополитички и економски сојузи: држави како Унгарија, Италија, Србија, Македонија и други сè повеќе се приближуваат до Вашингтон (Трамп). 3) Блокирање на ЕУ политиките: земјите од Вишеградската група и други десничарски влади успешно се спротивставуваат на некои одлуки на ЕУ, како на пример обврзувачките миграциски политики и 4) Можен распад или реформа на ЕУ: ако десничарските влади продолжат да се спротивставуваат на Брисел, можно е преструктурирање на ЕУ или создавање нови сојузи.

Доколку Брисел, Берлин и Париз продолжат со својата агресивна политика против суверенистичките влади, лесно може да се случат поголеми политички разидувања со можна поделба на Европа на два паралелни геополитички блока – едниот под водство на Брисел и Берлин, а другиот составен од суверенистички влади кои бараат поголема автономија. Со победата на Доналд Трамп, десничарските влади во Европа добиваат поголема поддршка. Можно е САД да ја искористат оваа динамика за да го ослабат влијанието на Брисел и Берлин.

                                                                       Проф. д-р Јове Кекеновски

КОЛУМНИ

Јове Кекеновски

Фeноменот Томсон

Бранко Прља

Дали ВИ создава уметност или само бескорисен дигитален шум

Билјана Ванковска

Геоекономската дилема: глобализација à la Си или изолационизам à la Трамп?

Ристо Цицонков

Замена на мазут и нафта за греење на разни згради

Александар Стојановски

ЕУ планира Западен Балкан да го претвори во гето за мигрантите

Елеонора Серафимовска

Страв, бес и надеж: Моќни алатки за политичко влијание

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ