понеделник, 16 март 2026
Јове Кекеновски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Стручните соработници – неискористен потенцијал на правосудството?

Со години јавноста слуша дека правосудството мора да се реформира. Секоја нова влада најавува „длабоки промени“, нови стратегии и нови закони кои треба конечно да ја вратат довербата на граѓаните во судството. Но реалноста е поинаква: довербата на јавноста во правосудството останува драматично ниска и се движи на ниво кое сериозно го доведува во прашање кредибилитетот на целиот систем.

Тоа значи дека досегашните реформи очигледно не ги дале посакуваните резултати. Во таква ситуација логично е да се постави едно многу едноставно прашање: дали досега навистина се правеле реформи на вистинските места или се било само импровизација на дневна основа?

Додека јавната дебата се врти околу институции, закони и нови модели на селекција, една категорија правници со години останува на маргините. Можеби токму затоа е време вниманието да се насочи кон кадарот кој со години работи во самото срце на системот. Станува збор за стручните соработници во судовите и јавните обвинителства кои во моментов се повеќе од 350 на број.

Станува збор за правници кои секојдневно учествуваат во подготовката на судски одлуки, обвиненија и правни анализи. Тие работат на предметите, ја следат судската пракса и непосредно се соочуваат со комплексноста на судските постапки. Многумина од нив имаат зад себе десет, петнаесет или дваесет години искуство во судовите и обвинителствата. Со други зборови, станува збор за кадар кој го познава системот одвнатре.

И покрај тоа, токму оваа категорија правници со години останува практично исклучена од можноста за вистинско кариерно напредување. Тие се луѓето кои секојдневно извршуваат значаен дел од стручната работа во системот, но речиси никогаш не се дел од разговорот кога се зборува за избор на судии. Тука се појавува еден сериозен парадокс.

Правосудниот систем создава искусен и обучен кадар кој со години работи во судовите и обвинителствата, но истовремено не му овозможува да напредува во рамките на истиот систем. Наместо тоа, тие често остануваат „вечни соработници“, без реална перспектива за понатамошна кариера. Последиците од оваа политика веќе се видливи.

Сè повеќе стручни соработници го напуштаат правосудството и заминуваат во приватниот сектор, адвокатурата, академската сфера или во странство. Наместо да се задржи искусниот кадар во институциите, системот практично сам се лишува од луѓето кои најдобро го познаваат неговото функционирање. Со тоа правосудството парадоксално инвестира години во создавање стручен кадар, за потоа само да го изгуби токму кога тој кадар станува најискусен и најкорисен за системот.

Истовремено, младите правници сè помалку гледаат перспектива во тоа да започнат кариера како стручни соработници. Ако позицијата не нуди реална можност за напредување, тогаш логично е дека таа станува само привремена станица, место за стекнување кратко работно искуство пред да се премине во некоја друга професија. Токму затоа одамна веќе се чувствува недостаток на стручен кадар во судовите и јавните обвинителства. Овој тренд, доколку продолжи, може дополнително да го ослабне системот.

Но можеби најважното прашање е следното: зошто правниците со долгогодишно практично искуство во судовите и обвинителствата, кои веќе имаат положен правосуден испит, немаат реална можност да станат судии или обвинители? Отворањето на можноста за избор на судии од редот на стручните соработници не значи негирање на улогата на Академијата за судии и јавни обвинители, ниту потценување на кадрите кои произлегуваат од неа. Академијата има значајна улога во подготовката на нови генерации правници за правосудството.

Исто така е неспорно дека стручните соработници имаат една важна предност, долгогодишно практично искуство во самите судови и обвинителства. Тие веќе со години работат на предмети, ја познаваат судската пракса и функционирањето на институциите. Токму затоа, наместо овие два извори на кадар да се гледаат одвоено, многу порационално решение е нивно комбинирање, при што правосудството би добило и нови кадри и искусни правници од сопствените редови.

Во голем број европски правни системи, практичното искуство е клучен фактор при изборот на судии. Судиската функција не се темели само на теоретско знаење. Таа бара зрелост, професионално искуство, разбирање на судската пракса и способност за носење сложени правни одлуки. Логиката е едноставна, системот треба да го користи сопствениот искусен кадар.

Поради тоа сè почесто се наметнува како неминовна потребата од преиспитување на постојните законски решенија. Ако целта е вистинско зајакнување на правосудството, тогаш неопходно е со експресни законски измени да се овозможи и стручните соработници со долгогодишно искуство да можат да бидат избирани за судии.

Таквиот пристап би значел враќање на принципот на кариерно напредување,  принцип кој постои во многу функционални правосудни системи. Наместо како досега да се игнорира искусниот кадар кој веќе со години функционира како дел од правосудниот систем, сегашната власт би можела сериозно да ја подобри состојбата во правосудството, потпирајќи се токму на знаењето и практичното искуство на овие правници.

Секако, ова прашање не е само професионално, туку и системско. Односот кон стручните соработници директно влијае врз иднината на правосудството. Ако институциите не им овозможуваат перспектива на луѓето кои веќе работат во нив, тогаш неизбежно е тие луѓе да ја побараат својата иднина на друго место. А правосудството не може и не смее да си дозволи да го губи сопствениот искусен кадар.

Затоа, ако навистина сакаме суштински реформи и враќање на довербата во судството, време е ова прашање сериозно да се отвори во јавната дебата.

Воедно, ова треба да се сфати и како сериозна и добронамерна препорака до премиерот, до министерот за правда и до законодавниот дом. Декларираната намера, желбата и неминовната потреба од сериозно и брзо подобрување на состојбите во судството треба да ја гледаме во овозможување на кариерно напредување на стручните соработници. Според мое длабоко убедување ова е еден од најрационалните и најбрзите чекори. Со тоа не само што ќе се добие поквалитетен и поискусен судиски кадар, туку ќе се придонесе и за подигнување на квалитетот на судските одлуки, како и за постепено враќање на довербата на јавноста во правосудниот систем.

Воедно, таквата промена би исправила и една долгогодишна неправда кон луѓето кои со години професионално и посветено работат во судовите и обвинителствата, а на кои досега речиси и да не им беше дадена реална можност за кариерен напредок.

Затоа, ако навистина се стремиме кон посилно, поефикасно и подоверливо правосудство, време е сериозно да се преиспита местото и улогата на стручните соработници во системот. Бидејќи тие не се споредна категорија во правосудството, туку негов значаен и досега недоволно искористен потенцијал.

                                                                  Проф д-р Јoве Кекеновски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Енергетска криза, за кого како

Александар Иванов

Од „Колектив“ до Кочани

Љубомир Николовски

Различни ноти за иста игра

Клементина Брзаковска

Фрчковизмот што ја претвори опозициската СДСМ во циркус без компас

Александар Иванов

Тектоника на новиот свет: Американскиот софтвер, кинескиот хардвер и битката за...

Јове Кекеновски

Анализа на кризата во Ормускиот теснец

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ