Веднаш по доаѓањето на власт на Трамп (по втор пат), премиерот Мицкоски беше меѓу првите кои положија заклетва за верност, па дури и се фалеше со својата далекувидост. Младиот министер за надворешни работи побрза да ја образложи новата надворешнополитичка ориентација преку потпирање на три столбови (САД, НАТО и ЕУ). Но, со најавата за новото „историско“ стратешко партнерство со Обединетото Кралство, како да се додава нов столб на и онака климавата надворешна политика. Дали е тоа таа „креативност“ (со која се фали и претседателката на државата) не знаеме, но извесно е дека владата на ВМРО-ДПМНЕ храбро чекори од едно задолжување кон друго, нетранспарентно, без консултација со експертската и политичката јавност, и со кохортата на медиумски и други „бранители“ на секој кој ќе се осмели да постави прашање или да изнесе сомнеж дека се ова навистина мудри потези.
Унгарскиот кредит веќе отиде (нетранспарентно) по општините, што практично значи – во предизборна локална кампања. Што ќе се случува со британскиот стратешки партнер веројатно не знаат ни тие што си дале рака. Но, возбудата е очигледна: на вице-премиерот Александар Николоски му се тресеше гласот од возбуда дека потпишал документ (влада-со-влада) и тоа во славната соба во која некогаш седел Винстин Черчил (инаку, славен како лидер на таа држава во Втората светска војна, но неславен поради расизмот и злосторствата против човечноста сторени во неговите помлади години). Возбудата достигнала таков степен што Николоски дури и се потпишал како заменик на Сиљановска-Давкова „во име на владата“ – хммм, освен ако ова не е или елементарно и срамно незнаење или е фројсовска грешка.
Но, да се фокусираме на суштинските работи. Службените бранители на власта направија таква јавна врева од потегот на Мицкоски, што тоа беше и првиот сигнал за внимание и аларм. Некои „позлатени“ новинари отидоа толку далеку што правењето историска паралела за искуствата што ги има македонскиот народ со нацијата која „нема вечни пријатели, само вечни национални интереси“ – а во еден контекст кој вклучува напалм бомби врз цивили. Знаете каков одговор даде? Па кој им е крив кога биле на погрешната страна на историјата! Со други зборови, ние сме сега на вистинската страна на историјата (со Западот чии раце се со крв до лакти), а нашите партизани биле на погрешната. Веројатно и Палестинците се на погрешната страна на историјата кога ги убиваат како муви – за овие изопачени „умови“.
Генералното образложение на бранителите на ликот и делото на премиерот е во неговата далековидост. Прво знаел дека ќе победи на избори, дека ќе му требаат пари за да владее со оваа држава во економска кома, па уште пред да добие народен легитимитет преговарал во наше име и со Будимпешта, со Лондон, ама и со некои трети (од Емиратите веројатно). Ние постарите кога ќе слушнеме за „милијарда“ (без оглед во која странска валута), првата асоцијација ни е тајванската епизода. Познатата „милијарда на Циле“ како што се нарекуваше пукна како меур од сапуница, а богами стори и неред во односите со важна членка на Советот за безбедност на ОН како Кина, токму пред да пукне конфликтот кај нас.
Кога бројат стратешки чекори, некои велат дека нашата апликација за членство во ЕУ е рамна на барање стратешко партнерство, но таквите не ги земајте сериозно бидејќи концептот на „стратешки партнерства“ на ЕУ има сосема друга, глобална димензија и не се однесува на државите аспиранти за членство. Таквата аргументација не доликува на сериозни луѓе. Но, тие истите нема да споменат наше учество во иницијативата Појас и пат кое има елементи на економско партнерство – но не е политички коректно да се зборува за него сега. Ако сакаме да зборуваме за друго и постаро стратешкото пратнерство, тоа е она со САД кое дојде како утешната награда за „корпата“ што Македонија ја доби на Самитот на НАТО во Букурешт (2008). И што досега добивме од тоа стратешко партнерство (мислам, повеќе од вазалството што и онака го имаме и губернаторската доминација на САД од судство до градежништво, т.е. Бехтел и Енка)? Се разбира, добивме „решение на спорот со името“, ја добивме Северна – во замена за членство во Алијанса која веќе чекореше кон отворена прокси војна во Украина. И ете сме сега таму, ем задолжени со Бехтел и Енка ем со најавени 5 отсто од БДП за воени издатоци за одбрана (не дај боже да влеземе во ЕУ; таму ќе нè чека Урсула со други барања за нејзиниот фонд за вооружување на Унијата). Кога сум веќе тука, ќе направам мала дигресија. Во пресрет на Самитот на НАТО во Хаг, разбравме дека претседателката и врховна командантка на вооружените сили ќе ја претставува земјата, но дека таму очекува посредување на претставници на ЕУ во спорот со Бугарија. Драги мои, па ние не слушнавме нејзин став за покачувањето на издвојувањата од воениот буџет ниту некој збор за Украина или Газа. Таа нема став дури ни за британското стратешко партнерство – бидејќи најголем дел од парите (замислете) ќе оделе на инфраструктура, здравство и образование. Делот на безбедноста, одбраната и миграциите не ја засегаат.
Интересно е што владата на Кир Стармер (на која британските аналитичари не ѝ предвидуваат долг рок поради сите внатрешни слабости, па и своевиден бунт во неговата партија) тукушто склучи договор за стратешко партнерство со ЕУ. Урусла го прегрна заблуденото чедо кое полека се враќа во прегратките на Унијата од која излезе пред неполни десет години. Но, тоа и не е за чудење, бидејќи сè почесто се користи зборот „Европа“ наместо НАТО или ЕУ – само за да се премости овој јаз, и остави простор за военото замешателство на Британците во Украина (тие и натаму се меѓу најратоборните и подготвени да војуваат до последен Украинец). Стратешката спогодба меѓу Стармер и Мицоски ќе се потпише на некоја посебна церемонија, кога ќе се најде време. Важно, ратификацијата на првиот договор мина на вообичаен „шверцерски“ начин, набрзина и практично без дебата. Делот од опозицијата што го претставува СДСМ е врзан со самоцензура – сака да критикува, ама не смее да му се замери на Западот (колку и да е тој веќе во раскол).
Мнозина овде и не веруваат дека фамозните шест милијарди евра (што се годишен буџет на нашата држава) воопшто ќе стасаат и ќе се апсорбираат, поради слабоста во апсорпциските сили внатре во земјата. Умни професори, како Дејан Трајковски од Битолскиот универзитет, се принудени да ја елаборираат (не)исплатливоста на фамозната брза железница, која треба да биде скапоцениот камен во британскиот заем, што ќе го отплаќаат и нашите внуци.
Клучното прашање е каков е геополитичкиот интерес на Британија за потенцијално инвестирање во земја како Македонија? Оние новогодишни желби за наводна нивна помош (небаре социјална) за „образование и здравство“ се приказни за мали деца. Заинтересирајте се малку за распадот на британскиот здравствен систем и социјалната положба на децата во таа инаку богата земја, која вложува во отворање фабрики за правење оружје заради зголемување на вработеноста. Зошто дома би воделе политика на стегнат ремен, а надвор би изигрувале социјалистички спонзор? Одбранбената и безбедностаната димензија се апсолвирани со заедничкото членство во НАТО (кое веќе и онака многу нè чини). Се разбира, кај добар дел од британската и македонската јавност останува неодумицата и скепсата околку спомнувањето на мигрантската политика. Британија воошто не ја крие својата ксенофобична позиција, веќе десетина години, ако не и порано (ви текнува на приказните за „полскиот водоводџија“ или дури и сиромашните браќа од ЕУ на кои не им се дозволуваше вработување – демек, ги краделе работните места и социјалните бенефити од Британците). Нејзините обиди за создавање „собиралишта на одбиени азиланти“ на територии на трети земји се исто така позната работа. „Историското НЕ на Еди Рама го пренесоа сите медиуми, а британската јавност и натаму зборува за идејата на Стармер да вклучи неколку земји од Западниот Балкан со истата намера. Се разбира, не преку ноќ, но чекор по чекор. Ете и за тоа никој овде не сака да зборува. Бидејќи не сум ксенофоб, а на мигрантите гледам со повеќе симпатии отколку кон уништувачите на нивните домови, тоа прашање не ме загрижува толку, колку бедниот начин на кој нè лажат. Дури и со идиотски (заевистички) тези дека дури сега кога се здружуваме со (не)славната и бивша империја ќе сме станеле вистински Македонци… А кога сме веќе кај македонштината, Обединетото Кралство туркаше, а и плаќаше пи-ар фирми пред референдумот во 2018 за да излеземе на гласање и да го одобриме Преспанскиот договор. Накусо, не им верувајте на Британците и дарови, а камо ли милијарди во заеми, кога носат. Од друга страна и нашиве „домаќини“ не се за верување. Ќе остават сето тоа „народот да го позлати и врати“.
Билјана Ванковска