понеделник, 8 декември 2025
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Странско влијание!

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Добро упатениот читател на апсурдистанските анали веќе знае дека една од најважните геостратешки определби на Апсурдистан беше Сонцето да изгрева од запад, а ветерот да дува од север, на одмор да се оди на југ, а кога се пцуе да се погледнува на исток – Амин!

Меѓутоа, околу Апсурдистан почна да шиба геостратешка промаја, имено, се слушаа гласишта дека во некои таму недемократски режими Сонцето се осмелило да изгрее – пу анасана! – на исток, а ветрот дува – не го е било срам! – од кај ќе му текне, на одмор се одело таму кајшто пред сè знаат да ти го кажат името како што треба – какво невоспитание! – а кога се пцуело, не се гледало ни на исток, ни на запад, туку право во очи, како прав маж – каков сексизам!

Затоа, со цел да ги превенира овие недемократско-тоталитарни влијанија, Метафизичката управа им наложи на граѓаните на Апсурдистан да си ги осигураат гoзиците од куре…  …од курентните и конкурентни геополитички непогоди, со цел да се осигура дека Сонцето ќе изгрева на запад и само на запад (во спротивно, има да му се удрат толку многу пакети санкции, што ќе не може да ги дораспакува!), а ветрот ќе дува од север и само од север (во спротивно ќе биде прогласен за ебиветер… ова… за странски агент!), а кога се пцуе, и натаму да се гледа на исток, само да се поткрене малку главата малку потаму, политички покоректно, на североисток, за да случајно не помислат комшиите оти нив ги пцуеме! (Од службите на Метафизичката управа на граѓаните на Апсурдистан великодушно им беше  дозволено да одат на одмор кај сакаат.).

На граѓаните на Апсурдистан, пак, и онака не им беше гајле од каде ќе изгрее Сонцето, зашто Сонцето и непара баш ги грееше, ниту пак од каде дуваше ветрот, бидејќи во Апсурдистан ветрот или воопшто не дуваше, или кога дуваше – бричеше, наместо на одмор – одеа на замор, а кога пцуеја не гледаа ни на исток, ни на запад, ни во очи, ни во граден кош, туку – во телевизорот.

Проблемот, меѓутоа, настана, кога високоуважената госпоѓа Фон дер Унија допатува во Апсурдистан со цел да се увери дека сите граѓани си ги осигурале гозиците… ова ги почитуваат директивите… препораките, де! Ѓавол да го земе, госпоѓата Фон дер Унија – забремени во Апсурдистан! Имено, се испостави дека дури ни самата Метафизичка управа не е толку далекувида, како што нејзиното име сугерира: на граѓаните од Апсурдистан им беше наложено да се осигураат отпозади, бидејќи секогаш добиваа клоци од госпоѓата Фон дер Унија и бидејќи секогаш беа ставани најпозади, па така, мораше да се осигура дека госпоѓата Фон дер Унија, која, меѓутоа, инсистираше нагалено да ја викаат „Демократија“, има и натаму каде цврсто да гази и да клоца кога е потребно, оти и на демократијата ѝ треба и гимнастика за да не закржлави. Меѓутоа, она што од Метафизичката управа заборавија да им наложат на граѓаните на Апсурдистан е да се осигураат – и од напред! И така, некој направил беља!

Извршените тестови покажаа дека бељата ја направил граѓанинот Шљупков. И покрај тоа што граѓанинот Шљупков тврдеше дека ниту видел, ниту чул, ниту, пак, сакал да знае за некаква си госпоѓа Петунија… Фон дер Унија, или како и да се вика, дека единствениот субјект со кој имал интимен однос во последните десет-петнаесет години е госпоѓа Ракија, ниту, пак, нешто знае за некаква си Демократија, единствено што знае е дека платата пак му ја скратија – Управата веќе имаше донесено пресуда: граѓанинот Шљупков беше прогласен за – бремен!

Е, ова веќе беше премногу, ај што го товареа дека е сексуален престапник, ама, сега уште и бремен! Од Метафизичката управа на тоа му одржаа лекција, дека, кога ете, и самиот се жали дека има толку многу бреме, дека сè му е скратено – треба да е пресреќен што му се додава уште една буква! Најпосле, само една буква е, не е цела придавка! Освен тоа, во име на родовите права, веќе беше неприфатливо само жените да забременуваат!

Откако Метафизичката управа го реши проблемот со несаканото мајчинство, остана уште да се одреди кој ќе биде прогласен за таткото. За таа улога, најпосле великодушно се пријави комшијата на Шљупков – впрочем, за што служат добрите соседи! Секако, најпрво мора да му се осигура добар мираз!

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ