понеделник, 8 декември 2025
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Сте слушнале ли за Ш’иѕан?

Насловот на оваа колумна е повеќе реторичко отколку вистинско прашање за македонската јавност. Да ги скратам недоумиците, па веднаш ќе ви кажам дека станува збор за една од најпрекрасните автономни покраини на НР Кина. Ќе се прашате: а зошто пак сега треба да знам нешто повеќе токму за оваа покраина на огромната кинеска држава?

Еден можен повод е одбележувањето на 50-годишниот јубилеј на дипломатските односи на ЕУ и Кина. Првата и натаму дели лекции за човекови права, меѓу другото, а не гледа дека е соучесник во Газа. Сепак, за оваа прилика, ќе потсетам на друг јубилеј: неодамнешното одбележување на 90-тиот роденден на Далај Лама, којшто беше една од главните вести низ светските медиуми. Тој е еден од носителите на Нобеловата награда за мир (во 1989 година кога Западот сакаше да ја осуди Кина за политичките промени). На 14 јули, Сенатот на САД едногласно усвои резолуција со која 6 јули, 90-тиот роденден на Далај Лама, го прогласи за Ден на сочувство, со што ја потврди „долгогодишната двопартиска поддршка на САД за тибетанскиот народ“ (се разбира, за палестинскиот народ нема ни сочувство ни поддршка. Какви лицемери!).

Убедена сум дека сега мнозина се сетија дека пишувам за она што во нашиот (и западниот) речник е попознато како Тибет. Неговото спомнување буди романтични и егзотични асоцијации, која од која поубава и поегзотична. Далај Лама (или поточно, 14-тиот Далај Лама кој е световен и верски лидер на покраината позната како „покривот на светот“, иако е во егзил во Индија) е рамен на холивудска ѕвезда. Така и живее: окружен со благосостојба, слава, обожување – и по некој скандал. Се разбира, ЦИА е вистинскиот креатор на оваа личност која се „продава“ како симбол на мир, спокој, љубов, емпатија (исто како што и фактички ги поттикна воените немири во 70-тите години од 20 век). Причините? Длабоки и високи како Хималаите, и главно империјалистички, како и сè друго во американската надворешна политика (особено кога ќе почнат да ронат солзи за човекови права, нештата стануваат појасни).

Дури и да не се зафатите со подлабока анализа и историски преглед на случувањата, првите предрасуди и впечатоци ни се креирани од американските блокбастери кои го овековечија ликот и делото на Далај Лама, почнувајќи од познатиот филм „Седум години на Тибет“ со згодниот (и тогаш млад) Бред Пит. На овој филм се надоврзаа уште неколку, кои креираа популарна претстава и за регионот познат како „Покривот на светот“. Малкумина ќе се сетат на политичката и пропагандната функција која ја вршат и медиумите и филмската индустрија кога треба да создадат некаква „кауза“. Во случајов, тоа е пораката за „тибетанскиот народ кој се бори за слобода“ и е под наводна кинеска окупација. Пољубопитните можат лесно да ги најдат делата на брилијантниот Мајкл Паренти за „пријателскиот феудализам“, но и многу други автори кои го деконструираат митот за наводната социјална хармонија и пацифизам на ламите.

Иако сè уште не сум била во Ш’иѕан, не ми е тешко да ја препознаам намерата на западните центри на моќ да создадат медиумски наративи (кажано со нивен јазик: „малигни, штетни, фејк вести и наративи“), а по можност и сепаратистички движења кои ќе ја покажат НР Кина не само како авторитарна, туку и вештачка држава. Ваквите обиди не се наивни, бидејќи имаат и безбедносна димензија на поткопување на кохезијата на државата. Искуството што го носам од престојот во една друга покраина, Шинџијанг, каде што наводно се врши геноцид (а од него ни трага ни глас, во една покраина која доживува неверојатен економски и социјален „бум“), ми дава основа за здрав сомнеж кон западната верзија на настаните и состојбите.

Контроверзите околу длабоката старост на Далај Лама и неговата замена, т.е. реинкарнација (тој веќе изјави дека потрагата по мало дете во кое тој ќе се реинкарнира ќе започне по неговата фактичка смрт, а не порано), се поклопуваат со 60-годишниот јубилеј на воспоставувањето на автономната област Ш’иѕан. Автономниот статус го означува токму тоа: можноста на покраината да ги негува своите особености и разлики, а сепак да има полза од општиот прогрес на државата и нејзиниот народ да има двојна патека на движење и развивање. Во март 2025 година беше објавена Белата книга за човековите права во покраината, во која ќе најдете неверојатни податоци – затоа што „стариот Тибет“ сега навистина живее во нова ера, а би рекла и во нов век. Серијата културни, уметнички и други настани со кои се одбележува овој световен јубилеј започна во мај и ќе кулминира на 1 септември. Овие два настани, од кои кај нас, за жал, доминира првиот, додека вториот е фрлен во сенка во западниот свет, се добар повод за критички поглед на она што е романтизирана верзија за Тибет и она што е реална и модерна визија за Ш’иѕан. Не треба да одите длабоко во историјата (а и не секој од нас е историчар) за да сфатите дека овде се судираат приказните за романтичното минато и она за иднината.

Оние кои се вљубени во идиличната приказна за тибетанските свештеници и нивната традиција најчесто забораваат на неколку „детаљи“, особено кога НР Кина сакаат да ја претстават во негативна светлина. Сè до воспоставувањето на управата на Кинеската комунистичка партија веднаш по победата на револуцијата, традиционалното управување со овој регион било теократско, нееднакво и авторитарно. Зад милозливата претстава на свештениците биле 90 отсто од популацијата, т.е. обичните смртници со фактички статус на закрепостени селани под сурова (феудална) експлоатација и одземена слобода на движење од страна на манастирите. Веројатно знаете дека Далај Лама, со неговата „влада во егзил“ (во Индија) и неговите западни сојузници организираат и поддржуваат Движење за ослободување на Тибет, но какво уредување замислуваат? И површна анализа на овие наративи зборува за некаква носталгија, за враќање во минатото (кое се претставува како идилично), но без визија за регионот во 21 век. Во западната имагинација за Истокот, како што пишуваше преумниот Едвард Саид во неговата теза за „ориентализмот“, на ваквите места им се доделува статична состојба на „презервација на минатото“, без допир со сегашноста или иднината, и секако без каква и да е социјална или друга критика.

Е сега, ајде да ѕирнеме што всушност се случи во изминатите 60 години откако е создадена автономната провинција! Онака како што и во најзаостанатите или најтрадиционалните региони на бивша Југославија, револуцијата донесе и радикални промени, слично нешто се случувало и во Ш’иѕан. Со брзиот развој на Кина, се развиваат дури и нејзините „провинциски“/најдалечни предели. Се гради кинеска нација (демос), ама со почитување на мултиетничноста, разликите и традициите – затоа што Кина почива на тезата за цивилизациска држава која прави хармоничен спој на древното со најмодерното. Најголемото достигнување е човечката еманципација и елиминација на сиромаштијата. Прекрасната Ласа, со нејзините палати и други културни споменици, е сочувана и негувана со почит. И не само тибетанските белези, туку и оние на другите етнички групи на овој крстопат на народите и расите.

Всушност, бројот на туристи од целиот свет што ја посетуваат оваа провинција е огромен и во постојан раст: предели од кои се одзема здивот, шаренило на традиционални облеки, јадења, музика, уметност, јазици – сето тоа привлекува исто толку колку и љубопитноста. Дали е „Тибет/Ш’иѕан“ под опресија? Она што од личен увид ме импресионираше при посетите на Кина беше пристапот кон етничките малцинства, инсистирањето на што побрз развој на инфраструктура, интернет, развојни погони, туристички зданија и тури – и дипломатија наречена „човек-со-човек“. Или види со свои очи, искуси, па потоа носи заклучоци, наместо да гледаш политички фарси и холивудски филмови. Обидете се да погледнете онлајн што сè нуди Ш’иѕан, вам како на потенцијални туристи или љубопитни луѓе, но и на младите од овој регион. Младите добиваат одлично образование, не се осудени да забавуваат туристи исклучиво со изглед на „вистински Тибетанци“. Здравствениот систем никогаш не бил подобар, а перспективите за патување и вработување ширум земјата зависат само од трудот и желбата на младите да ја откриваат и својата голема татковина, ама и светот.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ