среда, 2 април 2025
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Србија во ќорсокак

Речиси пет месеци Србија живее во бизарна состојба на политичко лимбо. Или поточно, состојба што не може да се опише ниту како политичка парализа, ниту како политичка трансформација.

По трагичниот настан во Нови Сад, каде што уривањето на натстрешницата одзеде 16 животи (вклучувајќи и деца), времето како да се развлекува во недоглед: секој ден се случува нешто поврзано со студентските протести, а сепак како ништо суштинско да не е преземено. Навистина, градоначалникот на Нови Сад и премиерот поднесоа оставки. И самото прифаќање/констатирање на оставката во парламентот за миг создаде драматична слика на бојно поле. Сепак, откако тој чин сепак мина, сега се активирани роковите или за формирање ново парламентарно мнозинство или за распишување предвремени избори.

Проблемот е што токму оние кои го започнаа бранувањето, т.е. претставниците на масовните протести, одбиваат избори (а за волја на вистината и не бараа ниту пад на владата, ниту оставка на Вучиќ – иако тоа го посакуваат имплицитно, секогаш кога алудираат дека „системот“, а тоа е Вучиќ според нив, треба да се смени. Брановите на протестите продолжуваат дури и по најголемиот од нив, оној во Белград. Но, после безброј креативни перформанси, маршеви и митинзи, тие сега влегуваат во нова фаза – формирање на т.н. „зборови“ (граѓански собранија). Ова се претставува како легална и легитимна форма на граѓанско учество, дури и предвидена со Законот за локална самоуправа. Некои ентузијасти тврдат дека ова претставува уникатен модел на директна демократија, радикално будење на граѓаните од апатијата, одоздола и насекаде. Левичарите го гледаат како чекор кон комунална организација, споредувајќи го со Париската комуна или со народноослободителните совети од Втората светска кои ги поставија темелите на СФРЈ. Но, други потсетуваат, дека во српскиот контекст терминот „збор“ носи и силна десничарска (љотичевска) конотација.

Ситуацијата останува нејасна и за набљудувачите и за луѓето во Србија. Никој нема одговор: каде е излезот од кризата која не е само политичка, туку и општествена и економска? Првичните барања на студентите изгледаа скромни – иако тешко остварливи во длабоко корумпирани општества како балканските (а и добар дел од европските): владеење на правото и институции што функционираат компетентно во рамките на нивните законски овластувања. Како што беше кажано: не се бара/ше промена на системот, туку обратното – системот да функционира согласно устав и закон. Овој безлидерски протест, без експлицитни повици за смена на режимот и без еуфоричен евроентузијазам (напротив, странските посматрачи го оценуваат и како антиевропски), успеа да се дистанцира и од политичките партии. Токму тоа го прави привлечен за пошироката јавност: неговата невиност, младост и одвоеност од одбивниот и длабоко дискредитиран свет на партиската политика. Патем, тука треба да се забележи дека преголем број одлики на српското студентско движење се по истиот кувар (таква книга навистина и постои, уште од времето на студентските протести во Хрватска во 2011, а предговорот е на Борис Буден). И ние сведочевме на безлидерско и хоризонтално движење, листа на барања и дистанцирање од партии – до моментот кога некои не-лидери не станаа познати фаци кои се придружија на политичкото движење на Заев (и следствено, беа поканети на прославата на 4 Јули во амбасадата на САД). Остатокот е сега историја..

Обичните луѓе во Србија веќе не веруваат во бајки – ниту за ЕУ, ниту за повеќепартиската демократија, која, како што вели старата поговорка, значи само „Курто да го замениме со Мурто“, додека сè останува исто. Само некои гласови повикуваат на системска промена, но никој не знае каков систем сакаат – ако либерално-парламентарниот модел е толку одбивен, дали тоа води кон политика на анти-политика? Опозицијата во Србија не само што не е популарна (таа е фрагментирана од крајна десница до крајна левица и речиси ништо сериозно во центарот), туку како и да ја нема. Никој не се ни потпира на неа. Или, како што рече познатата историчарка Дубравка Стојановиќ: „нема српски Заев“! А ние точно знаеме што значи Заев, а и дека има полошо од Заев.

По години владеење на Александар Вучиќ, неговата партија не само што воспостави капиларна контрола врз општеството (метастаза на моќта, би можело да се каже), туку и целосно ја обезличи опозицијата – оставајќи ја аморфна, без инспирација, компромитирана и слаба.

Хрватскиот левичарски активист Среќко Хорват неодамна го нарече српското студентско движење „геополитички сирак“. И токму тоа е клучната разлика во однос на Македонија, која беше „посвоена“ од Западот кога му требаше кооперативна влада во Скопје за да ја внесе државата во НАТО – по секоја цена, дури и по цена на промена на името и распродажба на идентитетот. Вучиќ сега наликува на Милошевиќ, кого Западот тивко го поддржуваше додека им требаше потписник и гарант за Дејтонскиот договор. Како што вели старата американска изрека: „Тој можеби е кучкин син, но е наш кучкин син“. Така сега се шепоти и по кулоарите на ЕУ. Тогаш стравот беше дека ако Милошевиќ падне, на власт може да дојде некој уште полош и помалку кооперативен. Истата логика важи и за Вучиќ, без разлика дали станува збор за Косово или за ископување на литиум.

Но, десет години по овдешните студентски пленуми, геополитичкиот пејзаж се промени. Политичкиот Запад се распаѓа (како што убаво објаснува Ричард Саква), оставајќи го српското протестно движење навистина осамено. Тие немаат лидер, а ниту една постоечка политичка фигура не изгледа доволно веродостојна за да го одржи балканскиот модел на „стабилитократија“. Но, уште поважно, овие „сираци“ не само што немаат јасен надворешен покровител, туку немаат ниту идеологија. Се работи за хетерогена група која можеби е обединета околу желбата да биде во центарот на вниманието и да ужива во статусот на „љубимци на јавноста“ (статус што може брзо да им се врати како бумеранг), но ним им недостасува искуство и знаење за градење нов систем. Дури и да знаат што сакаат, секој конкретен чекор би ја разголил идеолошката хетерогеност, па и нетрпеливост која засега е умешно потисната. (Аналитичарите сепак тврдат дека на Вучиќ поголема закана му е крајната десница отколку слабата левица во рамки на движењето).

Историски гледано, левичарските движења биле повизионерски. Но, дури и пленумите (студентските собранија) не се ништо повеќе од помодарски и минлив тренд, пресликан од истиот шаблон и од претходни иницијативи во Хрватска, Босна и Македонија. Циклусот се повторува. (Во Македонија, по катастрофата во Кочани, имаше неуспешен обид за оживување на пленумите на Филозофскиот факултет. Денес, друго лабаво организирано движење протестира под слоганот „Кој е следен?“. Но, условите се променија и сега Мицкоски е гарантот на интересите на САД).

Во теорија, пленумите личат на директна демократија, небаре агора, но во пракса, кога станува збор за системски решенија, станува очигледно дека овие „сираци“ немаат ни основно разбирање за алтернативни системи. Не е ни чудо што и тамошните „деца на транзицијата“ немаат поим од теорија и практика на социјализмот, а „европеизацијата“ никако да дојде. Тие не прочитале ни една книга, не знаат историја. На едно скорешно кусо видео снимено некаде во Србија, младите немаа поим кој бил Тито. Иронично, денес т.н. европски/западни вредности се во пад (вклучувајќи ја и слободата на говор и мирен протест), а фашизмот и милитаризацијата се во подем. Овие српски протагонисти на промените не знаат ништо за левичарската (марксистичка, социјалистичка) мисла и практика.

За одредени интелектуални кругови, настаните во Србија се фасцинантни – светлина во темнината на транзицијата кон никаде (како што вели Борис Буден) – но тие остануваат фокусирани на политичкиот и медиумскиот спектакл. Дури и оние од крајната левица (како на пример Радничка фронта од Хрватска) не ни помислуваат на економската база. Тврдат (со право) дека Србија е ограбена и заробена од странски корпорации, а сепак веруваат дека промената ќе настане од општествената надградба во земја што станала колонија. Како да се изгради нов политички дом кога темелите му се империјалистички?

Најилустративен показател за оваа динамика е (наводно независниот) медиумски простор во Србија, кој очајно се обидува да го разбуди западниот интерес за српските „сираци“. Тие речиси се подготвени да пролеат солзи затоа што ниту Урсула (Фрау Геноцид), ниту Макрон, ниту кој било друг западен лидер покажува поголем интерес за протестите. Всушност, критиките се жестоки на сметка на ЕУ функционерите кои имаа средба со Вучиќ без да го искараат јавно за протестите. Малкумина од овие критичари би спомнале дека денешниот повик за „повеќе Европа“ фактички значи повеќе војна, помалку благосостојба.

Како некој што не е далеку од епицентарот, можам само да претпоставам дека српската „пролет“ наскоро ќе заврши во ќор-сокак. Ќе згасне, не само поради заморот на материјалот, туку и поради егзистенцијалниот притисок. Неодамна, една млада, ентузијастичка демонстрантка изрази воодушевување на левичарски Јутјуб-канал дека сето свое слободно време го поминува на пленуми и граѓански собранија (бидејќи факултетите се под блокада). Овие студенти веројатно имаат родители кои се грижат за нив. А што е со оние што немаат таков луксуз – оние што работат во несигурни услови, работничката класа, селаните? До кога ќе можат да ги хранат со домашен леб и ручеци?

Нема левичар кој не посакува системска промена, радикална – од корен. Повеќепартиската демократија е само фасада за корпоративната моќ и неоколонијализмот. Но, светот е на опасна раскрсница и нема време за експерименти кои однапред се осудени на пропаст. Што се однесува до Србија, ние научивме нешто од пред десет години, па вреди да се повтори: студентската популација не е ни трајна  и статична, студентскиот статус не е ни професија, но социјален сталеж. Кога и да е ќе дипломираат, ќе се вратат во реалноста, во практичните грижи. А револуцијата и протестите ќе останат само убав спомен. Пообјективните посматрачи го забележуваат и она што јас своевремено му го кажав на новинарот на словенечко „Дело“ за овдешната шарена револуција: протестираат главно луѓе со обезбеден социјален статус, средба и висока класа, но тие не допираат до сиромашните, прекаријатот, земјоделците. И тоа беше и остана факт! Српските селани и домаќини навистина ги нагостија студентите кои маршираа низ земјата, но ништо повеќе од тоа.

Клучното прашање е: кој ќе се бори за оние што немаат луксуз да имаат време за протести без крај и за „зборови“? Без конкретна визија за системска (политичка и економска) трансформација или дури и за помалото зло – изборите, влијанието на движењето може да остане само една епизода, т.е. уште еден циклус на отпор што не води никаде. Или, ако брилијантниот Бранко Милановиќ е во право, тогаш крајот на епизодата може да заврши во хаос или отворена диктатура. Време не преостана многу. Одговорот ќе го дознаеме скоро. Но, прашањето за нас овде, особено за младите е: дали ќе научат нешто повеќе од „куварот“? Од контроверзниот исход на студентските протести од 2014, кои ниту доведоа до подобрување на високото образование (напротив), ниту до политичка пролет и препород.
Овој текст можете да го сфатите како сакате, па дури и во духот на старата: ти кажувам ќерко, сети се снао!

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Александар Стојановски

ЕУ планира Западен Балкан да го претвори во гето за мигрантите

Елеонора Серафимовска

Страв, бес и надеж: Моќни алатки за политичко влијание

Љубомир Николовски

НБА: Европска еволуција со балкански шмек

Алис Тејлор

Правдата се буди во Албанија

Светлана Јовановска

Може ли Европа да биде гаранција за мирот во Украина?

Рајко Пеколски

Сoнцарина

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ