На свое големо чудење и ужаснатост, граѓанинот Шљупков забележа дека тој ден, и покрај тоа што беше утро, немаше сонце. И како што денот одврвуваше, како што утрото, кое беше мрак се ситнеше, дојде и пладне кое беше мрак, и попладне кое беше мрак, сè дури најпосле не се спушти мракот кој – и онака си беше мрак. Шљупков си дојде дома од збунет по збунет (а бидејќи беше граѓанин на Апсурдистан, Шљупков по дефиниција беше збунет) и не знаеше како да си го објасни овој морничаво-бизарен астролошки феномен.
Но за работата да биде уште почудна, следниот ден – поточно, следното утро, кое исто така беше мрак – Шљупков забележа дека над некои негови сограѓани, сепак Сонцето потсјајнува, онака срамежливо, како невеста скриена зад свадбениот вел на апсурдистанскиот смог, над една уште помала група дури и сјае, но, онака, уредно, штедливо и скромно, како илустрација во детска лектира. Само над една ептен мала група апсурдистански граѓани Сонцето штедро ги истураше своите зраци. Впрочем Шљупков ги забележа овие ретки, ангелски граѓани дури кога на враќање од работа помина пред зградата на Владата и покрај претставништвото на Стопанската комора.
Меѓутоа, главнината од граѓаните, раштркани по супермаркетите, пазарите, канцелариските коцки, бутките, киосците, дуќаните, производствените погони, банкарските и административните шалтери, матичните лекари и клиниките… живееја во речиси тотална темнина, и покрај тоа што беше ден. Впрочем, живееја во таква темнина, што со текот на времето сè помалку се распознаваа, сè помалку беа способни да ги восприемат темните силуети околу себе како човечки суштества, за најпосле, низ речиси целиот Апсурдистан да скитаат само темнини во темнина, во која ниту разденуваше, ниту сноќуваше. А сепак, никому не му беше дозволено да ги оспори денот и ноќта и нивниот востановен ред; напротив, тоа беше најстрого забрането со закон – граѓаните мораа да се пробудат во својата темнина, да го одработат работниот ден во својата темнина, да чекаат ред на шалтер во банка попладне во својата темнина, да ги земат децата од дневен престој приквечер во својата темнина, да дремат пред екраните вечер во својата темнина и да одат во кревет ноќе во својата темнина.
Се испостави дека – како впрочем и сите морничаво-бизарни феномени – и овој феномен не е од астролошка, или било каква друга материјална природа, туку – од метафизичка. Имено, Метафизичката управа, со цел да ја подобри кондицијата на вечната идеја на либерализмот, Капиталот, реши да распише тендер за приватизација на Сонцето, по што логично, следуваа тарифи за сонце, или – сонцарина. Секако, во согласност со придобивките на либералното општество, оваа сонцарина беше прогресивна; така, граѓаните можеа да платат целосен износ за „елит“-сонцарина и со тоа да ги уживаат сите придобивки на сончевите зраци. Тоа, меѓутоа, можеа да си го дозволат само големите чауши и лихвари… ова, стопанственици и банкари; на нивните потрчковци… ова… на демократски избраните народски претставници тоа им следуваше по закон. Потоа, имаше неколку други пакети сонцарина, како на пример ВИП-сонцарина, за што се плаќаше речиси како за „елит“, а се добиваше – речиси ништо, потоа следеше „комбо“ пакетот, или комбинација од сонце и смог, а кој исто така чинеше речиси исто како „елит“. Или, како што промотивниот слоган на кампањата за сонцарина гласеше: „Ако ве третираме како ѓубре, тоа не значи дека немате право да се чувствувате елитно!“
Меѓутоа, дури и покрај ваквата великодушна понуда на Метафизичката управа (оти слободата, нели, е избор!), повеќето граѓани на Апсурдистан, веќе и онака натоварени со еден куп „-арини“: домарина, станарина, струјарина, водарина, хранарина, здраварина, школарина, телефонарина, патарина, владарина, митарина… не можеа да си ја дозволат ни најниската сонцарина. И така, среде утро тие мораа да се пробудуваат во мрак, среде бел ден да живеат во темнина.
Рајко Пеколски