Иако отоманското турско владеење со Албанија заврши на 28 ноември 1912 година, денес сè уште може да се почувствува влијанието од речиси 530-годишната окупација. Албанскиот јазик, кој е стара и единствена гранка на индоевропското дрво на јазици, е преполн со зборови позајмени од турскиот јазик, а исламот, кој беше донесен во регионот од страна на Османлиите, е религија која сè уште е практикувана, иако на лабав начин, од околу 40 % од населението.
Во 2025 година има и други показатели на турско влијание во албанското општество, и не сите тие се прифатени или се сметаат за позитивни.
„Неоотоманизмот“ на Ердоган
Додека возите низ центарот на Тирана, која претставува шарена мешавина од блескави високи згради и станбени блокови кои потекнуваат од комунистичкиот период, ќе забележите уште една глетка која ви го привлекува вниманието на хоризонтот: џамијата Намазга, која е најголема џамија на Балканот.
Муслиманите во Албанија со години немаа главна џамија во која би се молеле, а џамијата Етхем Беј од отоманската ера има капацитет за само 60 верници. И тука се појавува Дијанетот (Директорат за верски прашања) на Турција, која издвои 30 милиони евра за новата џамија која ги отвори своите врати во 2024 година, а ова широко здание, кое зафаќа површина од 10.000 квадратни метри и има капацитет за 10.000 верници, беше отворено од самиот претседател Ердоган.
Сепак, не беа сите задоволни. Проектот наиде на контроверзи уште од својот почеток, при што многумина го нарекуваат пример за „неоотоманизам“ на Ердоган – нешто што е особено непожелно имајќи ја предвид окупацијата на Албанија и тешко извојуваната слобода од отоманската власт.
Критичарите, исто така, тврдеа дека џамијата е симбол на турската моќ и влијание на Балканот, посочувајќи ја нејзината големина, начинот на кој е проектирана и проминентната локација која се наоѓа веднаш до Парламентот на Албанија и центарот на градот.
Некои од лицата кои отворено зборуваа во врска со џамијата, или оние кои само ја нарекоа „контроверзна“, беа предмет на јавни напади на интернет, вклучително и од страна на тврдокорниот имам Ахмед Калаја, кому му е забранет влез во С. Македонија.
Тука се и дополнителни контроверзи бидејќи лидерите на Муслиманската заедница на Албанија (КМШ) не беа присутни на церемонијата на инаугурација.
Поранешниот шеф на оваа Заедница, Скендер Бручај, ова го нарече „грд чин“, „срам за протоколот на албанската држава“ и исто така посочи дека настанот, всушност, бил „политички митинг организиран од партијата на Ердоган“.
„Жално е што една верска симболика, како што е инаугурација на џамија, се користи за политичка агенда на странска држава“, рече Бручај.
Што се однесува до причината зошто беа забранети, тоа е затоа што Ердоган ги смета лидерите на КМШ за дел од Движењето на Ѓулен, основано и водено од свештеникот Фетулах Ѓулен, некогаш близок до турскиот претседател, а сега негов голем непријател.
Движењето на Ѓулен долго време е присутно во Албанија. Тоа раководи со градинки, училишта и универзитети, како и со неколку други институции.
Меѓутоа, по неуспешниот државен удар во Турција на 15 и 16 јули 2016 година, Ердоган започна кампања за чистка, со која се казнува секој и сè што се смета за дел од Движењето на Ѓулен. Оваа репресија се прошири и надвор од границите на Турција.
Неколку месеци по обидот за државен удар, Турската влада побара сите институции на Ѓулен кои постојат во Албанија да бидат затворени.
До месец ноември, Министерството за образование и спорт издаде директива со која се забранува употребата на турски национални симболи во 13-те образовни институции поврзани со Ѓулен.
Во 2017 година, турскиот амбасадор Хидајет Бајрактар им рече на албанските родители да ги држат своите деца подалеку од училиштата на Ѓулен и исто така укажа дека истите треба да бидат затворени.
Во 2020 година, полицијата изврши рација во неколку кампуси на училиштето „Тургут Озал“ во Тирана и Драч, со тврдење дека се нелегални.
Институциите негираа какви било врски со Движењето на Ѓулен.
Истата година, тогашниот турски министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека ѓуленистите (следбеници на Ѓулен) „не се само закана за Турција туку и за земјите каде што се наоѓаат“, додавајќи дека тие мора да бидат вратени во Турција, потсетувајќи ја Владата дека „очекуваат поддршка и придонес од Албанија“ во образованието и за други прашања.
Истата година, двајца турски граѓани кои се обидоа да побараат политички азил во Албанија беа депортирани без соодветна процедура.
Албанскиот Омбудсман изјави дека државата ги прекршила сите можни закони.
Обединетите нации излегоа со став дека Албанија е соучесник во екстратериторијални киднапирања и присилни исчезнувања на турски државјани.
Во јануари 2022 година, Ердоган се обрати пред албанскиот Парламент и посочи дека: „Предуслов за нашата поддршка и братство е вашата посветеност на борбата против ФЕТО“.
Подоцна истата година, две училишта во мрежата на „Тургут Озал“ беа затворени.
Албанија се покорува на каприците на Турција?
Многумина беа загрижени дека Албанија се покорува на каприцот на Ердоган, па дури и Европската комисија во 2025 година забележа континуиран „притисок“ врз Албанија за демонтирање на мрежата на Ѓулен.
Но, зошто Албанија е толку подготвена да се потчини на притисокот? Веројатно затоа што Турција е еден од водечките странски инвеститори во Албанија.
Во првиот квартал од 2025 година Турција инвестираше околу 49 милиони евра во земјата, главно во недвижности.
Во октомври 2025 година, министерката за финансии Делина Ибрахимај изјави дека Турција инвестирала над 1,3 милијарди евра во Албанија и дека во земјата работат 658 турски компании, особено во градежништвото, енергетиката, производството и банкарството.
Овие компании, додаде таа, даваат значаен придонес во бруто домашниот производ на Албанија, во технолошкиот развој и создавањето работни места.
Во меѓувреме, билатералната трговија достигна над 620 милиони евра годишно.
Исто така, постои мислење дека Албанија чувствува посебен долг или должност кон Турција, со оглед на значајната хуманитарна поддршка од страна на Турција.
Кога централна Албанија беше погодена од земјотрес со јачина од 6,4 степени на 26 ноември 2019 година, при што загинаа 51 лице, повеќе од 3.000 беа повредени, а над 5.000 останаа без покрив над главата, Турција беше првата држава што испрати помош.
За неколку часа, екипите за пребарување и спасување, пакетите со храна, ќебињата и другите основни залихи беа веќе на пат.
Освен непосредната поддршка на терен, Турција изгради и околу 504 станбени единици, обнови џамии и донираше над 46 милиони евра на донаторска конференција.
Потоа, кога во 2021 година се случи пандемијата со ковид 19, Турција повторно дојде напомош, испраќајќи медицинска помош, амбулантни возила, медицинска опрема и изгради болница со 130 кревети во Фиер.
Немаше сомнение дека јавноста и државата беа благодарни, но повеќето беа свесни дека тоа доаѓа со одредена цена – почитување на правилата кога станува збор за Ѓулен и одржување силни односи, без поставување прашања.
Според НДИ, Турција користи хуманитарни инвестиции, особено за време на пандемијата и кога се случи земјотресот, за активно одржување на влијание врз муслиманското население.
Исто така, тоа се надополнува со наративи што го промовираат „статусот на моќ и аспирациите на Турција да биде глобален лидер на исламските земји (со што индиректно се хранат и антизападните наративи), како и напорите на Ердоган да изгради силни лични врски со регионалните лидери“.
Турција, исто така, предизвика и дополнителна загриженост поради проширувањето на нејзиното медиумско присуство во земјата, од кое голем дел се користи за ширење пропаганда.
Според локалниот тинк-тенк Центар за научен развој (SciDev), неколку онлајн медиуми во Албанија покажаа големо усогласување со турските интереси во последниве години.
Иако не станува збор за платформите кои имаат голема популарност или голема публика, тие честопати објавуваат работи кои SciDev ги опишува како „протурска пропаганда“, т.е. ја претставуваат земјата како регионален сојузник, а воедно ги критикуваат политичките противници, вклучувајќи го и Ѓулен и поврзаните групи.
Дополнително на тоа, соработката која датира од 2024 година помеѓу албанските и турските јавни радиодифузери отвори можност за понатамошно засилување на пораките на Турција во Албанија, што отвора прашања за влијанието на странските наративи во медиумскиот пејзаж на Албанија и врз нејзините политички и културни институции.
Критичарите забележаа дека договорот не беше транспарентен, а придобивките за јавноста во Албанија се доведени во прашање.
Други, пак, рекоа дека резултат од тоа би можело да биде зголемување на турската пропаганда, особено на наративите од турската држава.
Турција, исто така, управува со два онлајн медиума на албански јазик: Andolu Ajansı и TRT Shqip.
Иако Турција можеби ги нема истите злонамерни интенции како Иран и Русија кога станува збор за странско влијание и дезинформации, многумина сепак се претпазливи.
Тие ја сметаат промоцијата на исламот во Албанија од страна на Анкара за „неалбанска“ и за повреда на суверенитетот на оваа држава.
Дополнително, посочуваат и на проблемите кои постојат во Турција, како што се авторитаризмот, кршењето на слободата на медиумите, назадувањето на демократијата и повеќекратните проблеми со човековите права и притоа стравуваат дека тие проблеми би можеле да бидат увезени во албанското општество и Влада.
Сепак, иако односите сега можеби се добри – во Турција живеат околу 6 милиони Албанци, а голем број жители на Албанија со задоволство ја посетуваат таа земја за одмор – историските рани и понатаму се присутни, заедно со желбата да се одржи независноста од оние кои некогаш владееле со Албанија.
Алис Тејлор












