Социјалните медиуми направија револуција во информативната индустрија и во тој процес политичкото образование опасно скршна од патот. Ова е особено очигледно во изборните кампањи, кога платформите како Икс, ги зајакнуваат политичките ехо-комори, им даваат простор на кампањите за дезинформирање и фаворизираат екстремистичка содржина.
Наместо да преземат одговорност и да ја регулираат содржината, технолошките гиганти често ја оправдуваат својата неактивност со заштита на слободата на изразување. Како извршен директор на Икс и советник на Трамп, Илон Маск ја носи оваа динамика до крајност. Тој се додворува на екстремно десничарските партии на меѓународно ниво и отворено ја промовира Алтернатива за Германија (AfD). Неговото влијание, особено врз младите мажи, е огромно.
Но, токму тие, корисниците, изненадувачки ретко се споменуваат во дискусијата за социјалните медиуми и нивното влијание врз однесувањето при гласање. Тие обично се прикажуваат како жртви, како марионети со кои се игра и се манипулира. Проблем е што сè повеќе луѓе ги користат социјалните медиуми како примарен извор на вести. Ова е опасен тренд, како што покажува студијата објавена во 2023 година во журналот „Дигитално новинарство“ (Digital Journalism). Тоа е затоа што корисниците често мислат дека се подобро информирани одошто всушност се.
Потенцијална опасност за демократиите
Во нивниот труд „Неинформирани и дезинформирани: унапредување на теоретскиот модел за употреба на вести од социјалните медиуми и политичко знаење“, истражувачите Сангвон Ли, Едсон Тандок и Тревор Диел испитуваат како консумирањето вести преку социјалните медиуми влијае на политичката едукација на корисниците. Тие го анализираат и влијанието врз фактичкото знаење и подложноста на дезинформации.
Во 2017 година, Алкот и Генцков покажале дека социјалните медиуми играат значајна улога во ширењето на лажни вести. За време на изборите во САД во 2016 година, Твитер бил масовно користен во Русија за да влијае на политичката клима во корист на Доналд Трамп со лажни информации. 42 % од линковите споделени на социјалните медиуми довеле до сајтови со лажни вести, додека угледните извори на вести опфаќале само 10 % од линковите. Овие наоди илустрираат зошто експертите ги гледаат социјалните медиуми како закана за демократијата.
Во предизборната кампања во САД во 2020 година, Ли, Тандок и Дил спровеле две истражувања со 752 учесници – едно пред изборите и едно после. За да се обезбеди репрезентативен резултат, користеле примероци избрани со стратификација (заеднички исклучувачки групи) и квоти. Со оваа постапка се гарантира тоа дека важните карактеристики како возраст, приход, пол или потекло се пропорционално застапени во примерокот.
Опасна заблуда дека сте свесни за сè што е важно
Анализата на податоци покажува дека колку повеќе луѓето користат социјални медиуми, толку помалку фактички познавања имаат за политиката и толку се поподложни на дезинформации. Но, кои когнитивни механизми се темелот на овие односи? Ли, Тандок и Диел испитувале особено два концепта: перцепција дека вестите сами ве наоѓаат и преоптовареност со информации.
Перцепцијата дека вестите сами ве наоѓаат го опишува чувството дека не е неопходно активно да се следат вестите, бидејќи сè што е важно и онака е достапно преку социјалните мрежи. Корисниците се потпираат на нивниот меур со филтри и сè повеќе се воздржуваат од независно користење на примарни извори на вести. Ова води до опасна пасивност во информирањето.
Во „Размислување, брзо и бавно“, Даниел Канеман објаснува дека нашиот мозок ги поедноставува информациите за да ги обработи побрзо. Ова поедноставување се заснова на т.н. предрасуди или пристрасности, како што е пристрасноста за потврда.
Луѓето претпочитаат информации што ги потврдуваат нивните сопствени ставови и претерано ги игнорираат или критикуваат спротивставените позиции. Оваа тенденција е засилена кај социјалните мрежи. Помалку ги преиспитуваме пораките од доверливи контакти и колку почесто гледаме некоја информација, толку таа ни изгледа поверодостојна. Платформите како ТикТок, каде лесно сварливата содржина – кратка, визуелно привлечна содржина – е особено успешна, ја зајакнуваат оваа динамика. Проблемот е во тоа што многу корисници не се вклучуваат во длабинско истражување за да ги разберат сложените теми како што е конфликтот на Блискиот Исток откако ќе ги восприемат овие површни информации.
Покрај тоа, многу корисници имаат тенденција да наидуваат на вести случајно додека разгледуваат објави низ нивниот ТикТок или Инстаграм. Вестите на тој начин стануваат секојдневен додаток и остануваат површни. Резултатот е зависност од меурчињата на мислења што ја минимизира различноста на мислењата и го отежнува когнитивното вклучување во информациите.
Перцепцијата дека вестите сами ве наоѓаат објаснува зошто луѓето сметаат дека се добро информирани и покрај тоа што не се ангажираат околу вестите, а сепак честопати не се.
Премногу информации
Восприемањето вести несвесно и пасивно води до друг проблем на социјалните медиуми – преоптоварување со информации. Повеќето платформи им презентираат на корисниците неструктурирана мешавина од проверени вести, дезинформации, неточни информации, лична содржина и мемиња. Во раните денови на социјалните медиуми, истражувачите се надеваа дека оваа разновидност ќе придонесе за попозитивен проток на информации – очекување што не се исполни.
Корисниците кои се чувствуваат преоптоварени од масата на информации сè повеќе се потпираат на нивните друштвени мрежи за да ги филтрираат информациите. „Оние кои не можат да обработат бескрајни текови на информации […] се потпираат на другите во нивните социјални мрежи за да им ги филтрираат вестите“, пишуваат Ли, Едсон и Диел.
Резултатот е преоптоварување со информации. Корисниците се чувствуваат преплавени од количината на информации. Ова делува како засилувач на перцепцијата дека вестите сами ме наоѓаат. Постојаниот стимул од безброј содржини ги тера корисниците да се откажат од одговорноста и да ги следат вестите поповршно.
Ова ги прави поподложни на лажни информации бидејќи веруваат во веродостојноста на нивните мрежи. Истражувањето импресивно ја покажува важноста од зајакнувањето на медиумската писменост – способност за критичко оценување и независно класифицирање на информации. Иницијативите за промовирање медиумска писменост би можеле да помогнат подобро да се подготват корисниците за предизвиците од ерата на дигитални информации.
Новинарството мора да се промени
Новинарството се соочува со предизвикот да преживее во економија на внимание (со стратегии за привлекување на вниманието на публиката), без да ја изгуби довербата на својата публика. Според бихејвиористичкиот научник Џером Брунер, новинарските приказни се до 22 пати повеќе незаборавни од чистите факти. Затоа, наративните формати нудат можност не само да се пренесат факти, туку и да се закотват на долг рок преку емоционални и визуелни елементи. Особено, новинарството поврзано со податоци, кое преведува големи количини на информации во живописни приказни, е ветувачки пристап за зголемување на досегот во социјалните мрежи, заклучуваат Ли, Едсон и Диел.
Но, клучот не лежи само во вниманието, туку и во довербата. Истражувачката новинарка Јулија Ангвин тука гледа потенцијал. Новинарите можат да учат од креаторите на содржини кои се успешни на платформи како ТикТок или Инстаграм. Транспарентноста, активната комуникација и блискоста со публиката го зајакнуваат кредибилитетот. Како што креаторите на социјалните медиуми макотрпно ја заработуваат довербата на својата публика, новинарите истото не треба да го земаат здраво за готово.
Ангвин ги повикува да се вклучат повеќе со својата публика. Сториите треба потранспарентно да го претстават процесот на истражување и да ја одведат публиката на патување до откривањето. Не се работи само за известување за луѓето, туку и за разговор со нив, без разлика дали се работи за теми како што се имиграција или криминал. Новинарите треба да разговараат со личностите за кои пишуваат и, на пример, во кривичните случаи, да поминуваат исто толку време разговарајќи со жртвите и сторителите колку што разговараат со полицијата, ако не и повеќе.
Интеракција со заедницата за поголема доверба
Поранешниот известувач на реномираната истражувачка фондација „ПроПублика“ бара да се распределат повеќе ресурси за управување со чувството на заедништво. Медиумите мора да се вклучат во директна интеракција за да создадат блискост. Како што често се случува, и во ова „Њујорк Тајмс“ е пионер.
Овде, модераторите избираат коментари со особено висок квалитет, кои се истакнати во посебен дел за коментари. На овој начин се промовираат конструктивни дискусии и се дава поттик за учество во нив. Во „АBC Австралија“, Лабораторијата за иновации (Innovation Lab) е цел оддел посветен на продлабочување на врската со гледачите.
И во Германија веќе има соодветни пристапи. Еден пример за тоа што може да се направи е „Шпигел“, кој дава увид во новинарската работа со написи за „сторијата зад сторијата“. Но, наместо да се објаснува отпосле, можеби е поефикасно да се интегрира оваа транспарентност директно во сториите.
Оние кои се сомнителни кон медиумите нема да чекаат да се објасни истражувањето. Како контраст на „Њујорк Тајмс“, на пример, ниту заедницата не е активно вклучена и останува само како конзумент.
Иднината на новинарството не лежи само во разбирањето на механизмите на социјалните медиуми, туку и во активното користење на истите за ширење на проверени содржини. Со посилни наративи, работа ориентирана кон заедницата и доследна транспарентност, новинарите можат да ја вратат довербата на своите читатели и да ја зајакнат демократијата. Затоа што само во функционална демократија може да се одвива вистинско независно новинарство.
Бјарне Оверкот