понеделник, 8 декември 2025
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Слонот во Валдаи клубот

На моето второ учество во годишната конференција на Валдаи клубот, која редовно се одржува во Сочи, заминав како активен, а се вратив како пензиониран професор.

Транзицијата ја прославив со пријателка со чаша вино. Од личен аспект, ова беше убав и безболен начин да свртиш нова страница од животот, и тоа под прекрасните врвови на Кавказот и во интелектуален амбиент. Уште при пристигнувањето беше јасно (повеќе од минатата година, би рекла) дека Русија е земја во војна, а дека ние ќе се најдеме на потенцијален удар поради најавеното обраќање на претседателот Путин. Мерките на обезбедување и противвозудшната одбрана беа добро лоцирани околу Краснаја Полјана, што наместо чувство на безбедност создаваше чувство на нелагода. Враќањето беше уште поинтересно: поради напад на дронови веднаш по јавното обраќање на Путин, пренесувано низ целиот свет, авиосообраќајот беше пореметен, па така и јас стасав дома по долго патешествие и многу чекање. Да можев, веднаш ќе ги запишев првите впечатоци од конференцијата, но исцрпеноста го стори своето.

Во меѓувреме, всушност од утрото кога се разбудив дома, веќе имаше наплив на извештаи, коментари и анализи главно за тоа што го кажал претседателот на Руската Федерација. Одеците не престануваат, а пријатели ми кажуваат дека и во руската јавност постојат бранувања, различни оценки, па дури и одредени незадоволства од кажаното. Знаејќи ја процедурата, заминав во Валдаи со неколку прашања во мојот бележник, во случај да добијам можност да му се обратам. Тоа е рамно на добивка на лутрија, бидејќи (сакале да признаеме или не) селекцијата на тие кои можат да постават прашање се прави однапред и многу внимателно. Јас, како некој што минатата година зборуваше за мировни преговори со Украина (што не беше прифатено со одушевување, а и беше кажано година дена порано) и плус тоа од мала (речиси безначајна) земја која ги има речиси замрзнато односите со Руската Федерација, немав речиси никакви шанси. Сепак, мојата листа ја објавив како коментар на мојот профил на Сабстак. Некои следачи ме обвиниј дека не сум го анализирала говорот на Путин, но ги упатив на сајтот на Кремљ или Јутјуб каде можат во целост да го ислушаат настапот во траење од четири часа (заедно со дискусијата).

Сепак, досега не кажав ништо за конференцијата и за тоа што научив и сфатив од неа. Читајќи ги коментарите на луѓето кои беа таму, а и оние кои следеле онлајн, се сетив на старата индиска приказна за слепите мудреци и слонот. За тие што не се сеќаваат, само накусо: донеле слон пред шестмина слепи мудреци и им рекле да проценат за какво животно станува збор. На крајот, секој излегол со своја верзија, зависно од тоа кој дел од телото на слонот го „проучувал“ со допир. Така, и нивните заклучоци биле различни. Ние не бевме ни слепи ни глуви, преку 140 странски и домашни учесници со различен бекграунд: од професори, до дипломати, претставници на тинк тенкови, бивши воени лица, до политичари и новинари. Домаќините соопштија дека нè има од 42 држави (меѓу кои имаше и претставници од САД, Канада, Британија, Норвешка, Италија, Германија, итн. кога зборуваме за западниот свет). Покрај нив, значаен број учесници беа од земјите на БРИКС и Глобалното мнозинство. Иако не се сметам за феминистка, сепак забележав намалено учество на жени особено како панелисти или модератори. За мене една од најинтересните сесии беше онаа за „Поединецот и времето: улогата на личноста во политичката историја“, која во англиски превод гласеше „Man and Time” – за што потоа коментирав кај домаќините, не само заради насловот туку заради целосното игнорирање на улогата на жените во историјата (некои коментатори кои сакаа да бидат духовити, жените ги сведоа на „сопруги и мајки“ на големите историски личности). Настрана овој детаљ, поентата ми е дека луѓе со различен бекграунд слушаа различно, стекнаа различни впечатоци и однесоа различни заклучоци. Кога прочитав некои од нив, се запрашав дали сме биле на иста конференција! Секој го слушнал она што сакал да го чуе или е незадоволен што не го чул она што го посакувал (тука се сместувам себе си).

Всушност, и говорот на Путин, барем за мене, треба да се стави во тој општ контекст на Валдаи клубот, кој се смета за тинк тенк кој е мек инструмент на руската надворешна политика. Не случајно, конференцијата почнува со презентација на нивниот годишен извештај. Така, насловот на конференцијата гласеше „Полицентричен свет: упатство за употреба“, но многу побомбастичен беше насловот на годишниот извештај: „Доктор Хаос или: како да престанете да се грижите и да го засакате нередот“ (на англиски disorder, на руски – беспоредок). Лично, подраг ќе ми беше Доктор Хаус од познатата истоимена серија, т.е. оној циничен ама брилијантен ум кој секогаш ги наоѓаше дијагнозите и терапиите за пациентите кои се соочуваа со фатален исход. Неговата теза беше, ако се сеќавате, дека на пациентот не треба да му се верува 100% затоа што „сите лажат“. Сепак, коментаторите веднаш ја забележаа паралелата со познатиот сатиричен филм на Стенли Кјубрик од далечната 1964 година (снимен по кубанската нуклеарна криза) „Доктор Стејнџлав или: како научив да престанам да се грижам и да ја засакам Бомбата“. Тоа веројатно беше духовитата поента на авторите на извештајот за состојбата во современиот свет, кој можеби не е под директна закана од Бомбата, ама од Безпоредокот и хаосот. Поднасловот на Кјубриковиот филм носи со себе црн хумор и иронија: луѓето мора да ја прифатат реалноста и да научат да живеат под постојан ризик и нестабилност како цена за својата безбедност (имено, поседувањето на нуклеарното оружје носи „безбедност“ или баланс на стравот кој гарантира стабилност). Ехото од тоа време, авторите на Валдаи го пресликале во сличен парадокс: во денешниот свет на драматични промени, „хаосот“ (беспоредокот) не треба да бидат извор на страв, туку нешто што треба да се разбере, да се менаџира, па дури и да се прифати како структурна одлика на меѓународните односи. Оттука, докторот Хаос е личност која истражува, објаснува и го рационализира меѓународниот беспоредок во кој веќе не важи меѓународното право, а меѓународните институции тонат во нерелевантност. Според Валдаи клубот, хаосот има двојна улога: тој укажува на деструкцијата на досега познатиот поредок, но отвора и нова фаза во која опаѓањето на западниот монопол отвора нови можности за ослободување и редефинирање. „Да се засака беспоредокот“ истовремено прифаќање на неизвесноста и фрагментацијата, односно одбивање на западната контрапродуктивна теза за враќање на „поредокот-заснован-на правила“  – што е еуфемизам зад кој стои отфрлање на меѓународниот предок заснован на Повелбата на ОН. Индиректно, доктор Хаос (Русија? БРИКС?) покажува отпор кон досегашното лицемерие и глумење поредок под западна хегемонија која ги прекрши сите норми на претходниот поредок за да го легитимира својот примат над сите други. На ова може и да се гледа низ призма на филозофски пресврт. Имено, оригиналниот доктор Стренјџлав беше критика на лудоста во (наводната) рационалност на нуклеарниот баланс (mutually assured destruction, MAD), односно како аспирациите за апсолутна безбедноста водат кон катастрофа. Во извештајот на Валдаи, се вели дека враќањето на „западниот поредок“ е апсурдно, па затоа прифаќањето на сегашниот беспоредок е новата рационалност. Кјубрик направи сè за да се види лудилото на оние кои ја засакаа бомбата, кај Валдаи твистот е во засакување на стварноста на светот кој тешко се управува и тоа без слеп оптимизам, туку со широко отворени очи. Всушност, голем дел од дебатата се водеше токму по оваа последна теза: има ли основи за оптимизам и како да не го засакаме песимизмот („дејдумизмот“). Одговор не можеше да се даде, се разбира. Во овој контекст, вредно е да се спомене една од сесиите која се однесуваше на Западот како светско малцинство (само 14 отсто од светската популација), не само како метафора за „Нас“ (светското мнозинство) наспроти „вас“ (светското малцинство, и да видите како изгледа тоа) – туку како „болниот на Босфорот“ (поточно, светот). Во продолжение, се зборуваше многу за дефинирањето на мултиполарниот свет, поларноста воопшто, до каде е, и кон што се движи (и колку брзо се движи) – но повеќе како зафат кој Маркс одамна го дефинираше како „обид на филозофите да го објаснат светот, а работата е во тоа тој да се смени“ (познатата 11 теза за Фоербах). И тука ја наоѓам и најважната и најзагрижувачката работа од богатата и преинтензивна програма (која на моменти беше тешко да се следи и физички и ментално). Едвај некој и да се осмели да излезе од геополитичкиот реализам (па и песимизам), а камо ли да се обиде да понуди алтернатива на хаосот и беспоредокот. Ова дури и ми се виде како чекор назад во споредба со минатогодишната дебата, во која како да постоеше повеќе дебата во врска со БРИКС, односите со Кина, Индија, Бразил, цела Африка и слично. Еден мој кинески колега од Пекинг напиша веднаш на својот блог дека Кина како да не беше тема на глобалниот форум (иако кинески панелисти учествуваа активно). Доаѓајќи од областа на мировните студии, а во Валдаи претставувајќи ја и Транснационалната фондација за истражување на мирот и иднината, тешко можев да се справам со помирувањето со судбината, со засакувањето на беспоредокот и слично. Особено, во време на геноцид и војни… Ваквиот интелектуален однос ми се чинеше капитулантски. Притоа, алармантна беше дискусијата на панелот посветен на модерното војување и милитаризацијата. Зошто? Затоа што говорниците, па и дискутантите, со возбуда (да не речам ентузијазам) зборуваа за напредокот на воената технологија, дроновите и вештачката интелигенција, а никој не го ни спомена зборот демилитаризација или обид да се прекине трката во вооружување. За мене тоа беше малку „туу мач“, па го напуштив панелот за да земам свеж воздух. На една од сесиите преку Зум беше вклучен еден таков типичен претставник на МАГА од САД, таков вљубеник на Трамп „Миротворецот“, што несвесно реагирав и без зборови. Подоцна колегата од Јужна Африка кој ме забележал самиот ми пријде, па си направивме разговор како да се знаеме сто години. Не е проблемот што е поканет и ваков „примерок“ (впрочем, кај Русите постои таа несвесна желба да ги одржат контактите со западот, колку и да се негира тоа) – проблемот беше што немаше одговор на нештата што беа кажани, а предизвикаа наузеја кај дел од нас. Да, Русија е земја во војна, и тоа е веќе многу видливо и покрај нашата мирна светска енклава под Кавказот, во која луѓе од цел свет создадоа атмосфера на дијалог и желба за соработка. Во ова последното е и најголемата вредност на Валдаи клубот, затоа што нашите разговори не се водеа само во официјалниот туку и неофицијалниот дел. Вистинска реткост, особено ако се земе предвид дека за мнозина патувањето во САД или на Западот станува ризична работа (особено ако носи кефија, како што носев јас во знак на солидарност и крик за Газа – која не беше тема на дебата).Според моето скромно мнение, Русија е и земја која сака да го прифати новото време, ама сепак има носталгија кон времето кога Западот ѝ бил отворен. Впрочем, во презентацијата на познатиот геополитички мислител Сергеј Караганов се протна и лапсус: прво тврдеше дека Русија раскрстила со Западот и сега се смета за евроазиска сила, за да на крајот рече „јас како Европјанин“. Тешки се овие времиња на трансформација и кон внатре и кон надвор.

Отпосле разговарав со колеги за да видам дали сум осамена во впечатоците. Оние кои цврсто стојат на земја со блага насмевка ми рекоа дека сум наивна ако на ваков собир очекувам мировни иницијативи или разговор за алтернативи. Но, мојата логика е: ако има интелектуалци, тие мораат (дури и на сопствена штета и ризик) да отвораат и инакви хоризонти и полемики! Да се разбереме, овој текст или моите размислувања изложени тука не се однесуваат само на Валдаи – ова е атмосферата во која западнала длабоко интелектуалната каста, која канселира, цензурира и дури и презема посериозни мерки. Денешните коментатори и интелектуалци тежнеат кон анализирање на стварноста, без многу вредносни и нормативни параметри – што се смета за наивност и утопија. На пример, за време на текот на конференцијата во Сочи, норвешкиот колега Глен Дисен објави текст на тема поврзана со панелот кој го модерираше (за промените на светскиот поредок и мултиполаризмот): заклучокот му беше дека нема место за утопии, туку за геополитички прагматизам и реализам. Мнозинството денес тежнее да биде дел на „Кисинџеровите“ потомци, таа мудрува (без многу мудрост), но со прагматичност. Најдобро во ваква средина се снаоѓаат оние кои освен учеството и добриот глас кај домаќините, истовремено се обидуваат да заработат (буквално) користејќи го бројниот состав на луѓе од цел свет за да снимат епизода за поткастот кој им носи астрономски заработки. Зошто таквите професори-интелектуалци би ризикувале да не бидат повторно поканети? И притоа, да се афирмираат и заработат?

Би можела да пишувам уште многу, особено ако навлезам во политичкиот дел на програмата: обраќањата на Путин се колку за странската, толку и за домашната публика. Има тука еден феномен за кој мора да се води сметка: во ера на какистократија, на светски лидери кои не знаат артикулирано (или без телепромптер) да поврзат ни две реченици, сликата на Путин кој зборува смирено, артикулирано, па уште и ви го чита Пушкин – изгледа како да е од друга планета (споредено со…. знаете кого). Тоа неизбежно создава восхит. Слично е и со Лавров (кому годините сепак му тежат, па оваа година за разлика од минатата само направи кус поздрав и вовед и ја отвори дискусијата за присутните). Желни за интелигентни лидери, окружени со какистократите кои доминираат на Запад, ова е музика за ушите. Но, треба да се слуша внимателно и меѓу редови (што не е лесна задача по еден за нас таму предолг ден и во доцните вечерни часови). Воведниот говор на Путин беше во духот на неговиот несомнен интелектуален капацитет, но и во насока на Доктор Хаос. Првите реченици веќе навестија непредвидлив свет во кој сè е можно, бидејќи инструкции за употреба фактички нема. (Во тој момент се запрашав кое ли е неговото мислење за обидите на неговиот колега од Кина која токму пред извесно време ја лансираше Иницијативата за глобално управување заснована на пет принципи/вредности. Но, тоа е тема сега за друга дебата.) Читањето на познатата „Бородинска годишнина“ од великиот Пушкин беше посилна порака од што било друго кажано. Не беше тоа дел од културна дипломатија; напротив, тоа беше силна порака упатена до непријателите, кои беа потсетени на славата и жртвата дадена во Бородинската битка (во која Кутузов го поразува Наполеон и ја спасува Москва со силни загуби) која сè уште силно одекнува кај руската нација. Тоа беше порака за непокор и подготвеност да се спротивстави на секоја надмоќна сила. На поезијата, Путин се надоврза и со примерите на растечки патриотизам особено кај младите (дури и во модата на навраќање на традиционалната народна носија). Повеќе коментатори, сепак, му замерија на претседателот за начинот на кој го коментираше доставувањето на Томахавките од САД до Украина (чија употреба патем зависи од американски стручњаци, а не украински): ах, тоа нема ништо да смени на бојното поле! Ова покажува и дека кај мнозина не минува меката и пријателска нотка кон другарот Трамп (со кој му оди муабетот), и дека се бара порешителен одговор и држење до црвената линија на детерентот и реципроцитетот во војна од ваков вид. Но, веќе реков: Русија е навистина во војна, мнозина од нас не можат да знаат што навистина се случува во заднината, а само денови по конференцијата се менува и тонот на Кремљ кон САД. Она што сепак беше впечатливо во целиот тон на говорот, а што подоцна го коментираше Гилберт Докторов, беше еден оксиморон за Западот (колективниот?) во кој за САД се чуваа поблаги изрази, додека Европејците јасно се прикажаа како главни виновници за ескалацијата на војната и неможноста да се дојде до мировен план. Чудно е затоа што не треба да си многу умен да ја видиш вазалската улога на Европа пред Daddy Trump, кој токму на европските сојузници им наметна издвојувања од 5 отсто од БДП во НАТО. За што? За што полегална и воинствена организација, се разбира!

Ако ме прашате кој момент ми остави најсилен впечаток, тоа беа неколкуте (и малубројни) референци за Газа. Првиот силен впечаток ми го остави говорот на турскиот претставник на панелот за мултиполаризмот, кој јасно кажа (парафразирам) дека „Газа е вистинскиот тест за нашите заложби за мултиполарен и поправеден свет. Ако молчиме и вртиме глава од тоа што се случува таму, нема да остане почва на која ќе никне новиот подобар свет бидејќи човештвото умира таму“. Вториот кој ја спомна Газа беше познатиот и брилијантен ирански професор Маранди, кој имаше можност да му постави прашање на Путин, па го праша за флотилата (која тукушто беше запрена брутално од Израел) и побара мислење за тукушто изнесениот мировен план на Трамп за Палестина. Маранди седеше зад мене, не му го видов лицето по одговорот; но, јас почувствував болка од реал-политиката на големите сили кон овој мал напатен народ. Мојот придонес? Овој пат немав улога на спикер, модератор, па дури ни можност да поставам прашање и покрај високо кренатата рака. Но, затоа кога можев ја носев кефијата, колку да не го заборавиме „слонот во собата“, кој остана речиси невидлив – иако детектиран не од слепи мудреци, туку од целата светска јавност.

 Билјана Ванковска

 

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ