Покрај политичката, на сцена е и конкретната економска поддршка. Будимпешта одобри поволен кредит од повеќестотини милиони евра за клучни инфраструктурни и енергетски проекти. Унгарските компании се вкоренуваат на домашниот пазар, а искуството на Унгарија во управување со европските фондови е препознаено како директна придобивка за македонскиот пат кон ЕУ.
Клучниот двигател на ова партнерство не се само институционалните врски, туку личната политичка хемија меѓу премиерите Виктор Орбан и Христијан Мицкоски. Идеолошката блискост – акцент на суверенитет, отпор кон притисоци од „големите“ во Унијата и поддршка на независно креирање надворешна политика – го создаде тој вид доверба што ретко се гледа во Европа денес.
Сепак, геополитичките реалности се брзи и немилосрдни. Парламентарните избори во Унгарија во 2026 година би можеле да ја променат целата слика. Опозициската ТИСА на Петер Маѓар забрзано расте и ветува враќање на Будимпешта во строгото про-бриселско корито. Во таков случај, интересот за Македонија ќе стане споредна тема – а нејзината евроинтеграција повторно ќе остане заложник на туѓите приоритети.
Во Брисел веќе се разгледува концептот за двостепена Унија. Новите членки би имале ограничени права, ограничен пристап до институциите и ограничено влијание. Со други зборови: „членство од втор ред“. Тоа е визија прифатлива токму за оние политички структури кои моментално се обидуваат да дојдат на власт во Будимпешта.
Потенцијалното ослабување на унгарската улога како адвокат на Македонија ќе има директни последици: економски застој на проектите на кои смета Владата, значително намалување на инвеститорската доверба и нови блокади во ЕУ – сега без силен заштитник кој би стоел зад Скопје.
Ако ВМРО-ДПМНЕ навистина ја смета Унгарија за стратешки партнер – а јавноста постојано слуша дека е така – тогаш односите со Фидес мора да се заштитат од политичките промени во Будимпешта. Тоа подразбира интензивен меѓупартиски дијалог на највисоко ниво, институционализирана соработка што не зависи од избори, законски транспарентно зајакнување на економските и политичките врски и создавање мрежи на поддршка во европските десноцентристички кругови.
Македонија нема луксуз повторно да стане тивок набљудувач на процесите што директно го определуваат нејзиниот статус во Европа. Поддршката што ја добива од Орбан не е подарок – таа е политички капитал кој мора да се брани и обновува.
Без Орбанова Унгарија Македонија ќе остане сама на студениот ветер на европските интереси. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ мора без одлагање да вложи максимални напори – демократски, легални и дипломатски – за одржување на стратешкото партнерство со Фидес. Било какво колебање ќе се плати скапо: со нова стагнација, нови блокади и нови разочарувања.
Времето не работи за Македонија. 2026 година не е далеку. А исходот нема да зависи од нас – туку од тоа дали сме се подготвиле навреме.
Александар Стојановски, Брисел











