Во последните години, трендот на миграција на висококвалификувани мигранти е особено нагласен, што е одраз на зголемената конкуренција меѓу развиените земји. Додека во минатото, најголемиот дел од емигрантите беа млади луѓе, кои немаа можност да го продолжат своето образование, денес профилот на емигрантите драстично се промени.
Според податоците од бројни извештаи, меѓу граѓаните кои одлучуваат да мигрираат од Македонија, најчести се младите луѓе, кои имаат универзитетски дипломи за завршен прв или втор циклус студии.
Значењето на push/pull фактори на миграција Миграцијата е многу комплексно прашање со мешавина од push/pull фактори. И покрај напредокот во подобрувањето на економските и социјалните перспективи во текот на изминатата деценија, структурните предизвици и социо-економските тешкотии продолжуваат да го поттикнуваат иселувањето од регионот. Ова вклучува корупција, недостаток на вработување и унапредување врз основа на заслуги и квалитет на образование што не одговара на потребите на пазарот на трудот.
Понатаму, економската конкурентност во регионот е во криза, а деловното опкружување останува предизвикувачко, особено за помалите бизниси. Странските директни инвестиции (СДИ) се пониски од дознаките. СДИ, исто така, имаат релативно слаба поврзаност со локалната економија, што го ограничува потенцијалот за прелевање на искуствата во трансферот на знаење и технологија во регионот, намалувајќи го потенцијалот за зголемен економски раст и создавање работни места, а со тоа и зајакнување на факторите на туркање. Значителните нееднаквости во регионот во однос на социјалната заштита и здравствената инфраструктура дополнително ја поттикнуваат миграцијата.
Од друга страна, факторите на привлекување се значајни и потенцијално поважни. Повисоката побарувачка за работна сила во ЕУ и олеснетите политики за мобилност на работната сила им олеснуваат на луѓето од регионот да работат во овие земји. Условите за работа се исто така важен фактор на привлекување – дури и повеќе од платите.
Зголемувањето на минималната плата во претходните години покажа дека вкупната стапка на вработеност не е засегната. Сепак, може да се очекува дека откако ќе се прекине финансиската компензација за работодавците за исплата на минимална плата, одреден број работни места во секторите, како што се текстилната и кожарската индустрија, ќе бидат во опасност. За минималната плата да има пошироко влијание, потребно е подобро да се координира со други пошироки социјални политики и приоритети.
Недостатокот на интегриран пристап помеѓу политиката за минимална плата и даночната политика не само што испрати мешани политички пораки, туку и придонесе за зголемување на нееднаквоста во приходите.
Реални политики на „задржување“ на младите
Компаниите треба да понудат фер и јасно структуриран систем на наградување, редовни прегледи и унапредувања, вклучувајќи дополнителни бенефити: приватно здравствено осигурување, надоместок за храна, поддршка за менталното здравје.
Можностите за учење и развој не претставуваат трошок, туку долгорочна инвестиција која опфаќа обуки, конференции и сертификати, внатрешни менторски програми, како и ротации низ различни оддели за проширување на вештините.
Флексибилноста и довербата се исто така важни, бидејќи работната култура во која се вреднува резултатот е клучна, а не само физичкото присуство.
Хибридниот или целосно „remote” моделот, вклучувајќи флексибилно работно време и отворена комуникација на младите во процесот на одлучување водат кон нова ера и напредок во комплетниот процес за спречување миграција.
Корпоративната култура базирана на вредности е клучна бидејќи младите бараат нешто повеќе од плата – сакаат смислена работа и идентификација со вредностите на компанијата.
Искуствата со регионот Во текот на изминатата деценија голем број граѓани ја напуштија Босна и Херцеговина поради политичката ситуација и корупцијата во земјата, како и поради високата стапка на невработеност и лошата економска состојба, а според некои процени е меѓу 150 и 300 илјади луѓе.
Во последната деценија, односно во периодот од 2014 до 2024 година, само преку легална емиграција, од Албанија заминале над 478 илјади граѓани. Но, реалниот број на оние кои ја напуштиле земјата е многу повисок.
Над 27% од младите во Косово планираат да мигрираат. Според студијата направена од Фондацијата „Фридрих Еберт“, повеќето млади Косовци имаат тенденција да ја напуштат земјата во потрага по подобри услови за живот и просперитет.
Масовниот „одлив на мозоци“ од Исток кон Запад е егзистенцијално прашање, додека половина од ЕУ се соочува со намалување на населението. Хрватска губи град со 15.000 жители секоја година. Словенија, од друга страна, со 2 милиони жители, е уште една земја која бележи загуба на население.
Неизвесната иднина е дополнителен стрес на младите
Македонија е меѓу земјите со највисок процент млади што сакаат да се иселат, реалност која веќе долгорочно се одразува врз економијата, продуктивноста и одржливоста на домашниот пазар на труд. Задржувањето на младите во Македонија не е задача само на државата – тоа е и одговорност на секој работодавач.
Голем број млади луѓе чувствуваат зголемена неизвесност и дополнителен стрес за својата иднина. Во исто време, нови теми поврзани со заштитата на животната средина и развивањето на еколошката свест, родовата еднаквост, недискриминацијата и дигитализацијата се наметнуваат како приоритет за младите.
Компаниите кои имаат јасна патека за кариерен развој, кои ги инволвираат младите да работат во стратешки иницијативи имаат можност за дополнителни иновации и дополнителен личен придонес.
Иселувањето не може да се искорени во целост, сепак Македонија потребно е да се фокусира на доделување на грантови, дополнително овозможување на нови мерки коишто го подобруваат животот и стандардот на младите. Компаниите кои ќе препознаат дека младите не заминуваат само поради пари, туку и поради недостиг на перспектива, средина за раст и професионална валоризација, ќе бидат чекор пред сите останати.
Сања Велкакова












