недела, 11 јануари 2026
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Што ги поврзува Венецуела и Тајван?

Новата година не започна среќно, освен за воено-индустрискиот комплекс. Поточно, за воено-индустрискиот-медиусмки-академски-невладин сектор... Полни раце бизнис и профит! За секое пристојно човечко суштество или општество, пиратите од Карибите се ликови од филмски серијал, а не политичари од Белата куќа.

Венецуела, или поточно нејзиниот легален претседател Мадуро, стана првиот трофеј во Новата година (за која уште однапред предупредив дека илузии за некаква среќа и благосостојба немаат основа). Една седмица по „спектакуларниот“ напад и киднапирањето на Мадуро аналитичарите се сè уште во конфузија, поради тоа што дозволуваат да ги водат однапред смислени наративи (а некогаш и самите се креатори на такви наративи). За ситуацијата во Венецуела, моите колеги и пријатели веќе напишаа брилијантни анализи. Остатокот го кажа Трамп без трошка срам или непријатност, туку со нарцисоидна самоувереност за која што психолозите се покомпетентни да ја опишат. Во перверзна кантовска верзија, Трамп изјави дека е „над меѓународното право“, но дека неговата моќ не е ограничена со правото туку со моралниот закон во него. А да кажеш морал и Трамп во иста реченица, зад која стои фуснотата на Епстеин, е повеќе од оскиморон.

Колку и да е Венецуела во фокусот, „моралниот Нерон“ веќе создава листа на наредни воени цели на неговата (последна, самоубиствена) авантура. Се нижат, како на кладилница, имиња на земји кои би биле предмет на агресија или промена на режим. Главно се споменуваат Куба, Гренланд (што би значело НАТО/ЕУ), Иран… (Газа е заборавена повторно, па Израел на „мир“ си продолжува со геноцидот).

Во оваа прилика, сепак, сакам да посочам на име на една територија (бидејќи нема статус на држава) која се издвојува, како во логичката игра „погоди кој не припаѓа во оваа низа“. Станува збор за Тајван, островската провинција на Народна Република Кина – и според резолуциите на ОН и според меѓународното право, но дури и според официјалната политика на САД. Всушност, принципот „Една Кина“ е нешто кое никој не го спори – освен воените јастреби и нивните помошници. Деновиве го видовме Трамп седнат на близок разговор со претставници на медиумите, кои всушност самите во устата му ја вметнаа темата „Тајван“. Новинарот на Њујорк Тајмс директно го праша дали со упадот врз Венецуела САД создаваат преседан (т.е. пример) за останатите земји, кои би можеле да го следат истиот метод. Како пример го наведе Тајван: што ако Пекинг одлучи да го нападне Тајван затоа што припаѓа на неговата „хемисфера“? Тоа што го одговори американскиот претседател е небитно, побитно е зошто Тајван се наоѓа на листата на држави кои би биле загрозени во наредниот период? Проблемот тука се крие во наративот содржан во прашањето, затоа што имплицира еднаквост меѓу статусот на (и односот на САД кон) Венецуела и на Тајван! На тој начин само се продолжува, па дури и интензивира приказната за „малиот и обесправен тајвански народ и држава“ кој за свој сосед ја има огромната Кина, која сака да ги освои со сила.

Она што ретко кој на Западот го кажува, и тоа селективно или завиено, е дека Тајван е формално-правно дел на НР Кина. И на огромната копнена теритрорија на оваа една држава (дури и постојана членка на Советот за безбедност) и на островот живее ист народ, кој е поделен поради историски (незалечени) причини. Еден од најкредибилните аналитичари денес, Бриан Барлетик, ова го објаснува како остаток на „незавршената граѓанска војна во Кина“. Со други зборови, Тајван е сè освен меѓународно безбедносно прашање, бидејќи е прашање на внатрешните работи на Кина. Она што од Тајван прави „меѓународно кризно жариште“ се САД, со децении, а последниве години уште поинтензивно со поддршката не само на сепаратистичката политичка номенклатура во Таипеи, туку со отворена милитаризација. Токму пред Новата година (значи, пред Венецуела, а како дел на долгорочната американска политика кон Кина) се реализираше најскапата воено-техничка трансакција меѓу Вашингтон (поточно, Локид Мартин и неколку други воени корпорации) и Таипеи. Кина реагира доследно, како и секогаш порано: и воздржано и решително. Воените маневри на СВОЈА територија (овој „мал“ детаљ нема да ви го кажат медиумите) се дел на редовни активности, но и начин да се испрати јасна порака дека нема да дозволи нарушување на територијалниот интегритет и политичкото и национално единство на земјата. Западните „експерти“ веднаш ќе дигнат узбуна дека Кина се подготвува за војна, за освојување. Всушност, дел од тајванските политичари (кои имаат автономија за самоуправа на островот) си играат со оган, задоволувајќи ги апетитите на воено-индустрискиот комплекс на САД без никаква причина. Зошто Тајван се вооружува са наводна самоодбрана спрема земјата-матица, која е притоа и суперсила и нуклеарна сила? Има ли шанси да најде „воено решение“ за своите амбиции за „независност“ против суперсила како Кина? По ова прашање има аналитичари кои брзаат да направат споредба со Украина и начинот на кој таа беше претворена во прокси, со милитаризацијата која почна со Обама и сеуште трае. Тајванскиот „Зеленски“ и неговите поддржувачи се во уште полоша ситуација, бидејќи тие си играат држава, а тоа не се. За нив Повелбата на ОН важи само via Beijing. Тајван не може да се надева ниту на влез во ООН, а камо ли во НАТО. Мисли ли некој дека САД ќе влезат во отворен воен судир (boots on the ground) да го бранат Тајван? Дури и ако мислат така, тогаш зошто Вашингтон ги исцрпува средствата на островот кој божем го брани? Зошто го туркаат во воена хистерија? Додека на едната страна на планетата, Трамп се заканува да го растури НАТО (со посегање по Гренланд, на пример), на другата страна тој доследно го применува „хашкиот принцип“ од 5% од БДП на земја која не е дел на Алијансата. Оваа одлука на властите во Таипеи е донесена под директни инструкции на Вашингтон, а не како резултат на рационално политичко и безбедносно промислување. Но, тоа предизвика јавна и политичка реакција: т.н. претседател на Тајван се соочува со импичмент.

Таканареченото Тајванско прашање е внатрешен проблем на Кина, кој таа го решава со мудрост и трпение, без принуда и закани. Всушност, во Кина постои народна изрека (во слободен превод) дека Кинез не дига рака на Кинез. Тоа е порака дека братоубиствена војна не била никогаш во план. Но, засилените воени игри на САД (за жал, теориски постојано поткрепувани од реалистите како Мершајмер – кој е брилијантен и во право за многу нешта, освен за тврдењето дека Кина е закана за САД) создаваат нужност да се прати силна порака не до Таипеи, колку до Вашингтон. Глупоста (или алчноста?) на дел од тајванските политичари е во тоа што: прво, им веруваат на САД (ја знаете изреката за фаталноста на ова пријателство). Второ трошат непотребни средства за воени цели без да има реална закана (всушност, „заканата“ е продукт на проекцијата и наративот на надворешна сила која намерно создава тензии и заради геополитички цели и заради лукративни интереси). Трето, за Тајван е поголем и поповолен интересот и придобивките од приближување кон матицата-земја и помирување, бидејќи НР Кина станува светска сила, ама не со мускули, туку со економија, развој, образование, енергетика… Јавното мислење, па и политичкиот спектар во Тајван, се поделени и тоа со децении. Сепак, онака како што Кина трпеливо работи на обединување на одметнатиот остров со мека политика, така и на Тајван реално народот не сака војна. Дури и меѓу политичките ривали постои ниво на внатрешна толеранција и мир. Кој има интерес од менување на овој процес? Одговорот е јасен. само на воените профитери и империјата која со секој налудничав чекор (од Венецуела до Тајван) е поблиску до својот крај. Како наркоман кој ќе се предозира… Мудроста која е потребна е во насока да не се дозволи наркоманот да го уништи светското „семејство“ (општество).

Накусо, меѓу Венецуела и Тајван нема никаква сличност или поврзаност. Единствената опасност доаѓа од Вашингтон. Тоа е јасно како ден за сите што сакаат мир и соработка.

 Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Драган Даниловски

Што (не)значат новите американски препораки за вакцини за Македонија?

Мартин Анастасовски

Континенталните окрупнувања во времето на Трамп

Алекандар Иванов

Зошто Кочани и Кран‑Монтана не може да се споредуваат

Билјана Ванковска

Кој е следен? Или што е следно?

Брифинг на Џефри Д. Сакс на Советот за безбедност на ОН...

Ристо Цицонков

Ааерозагадувањето на градовите и решенија како да се намали и отстрани...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ