Бидејќи нашите медиуми не се многу заинтересирани за светот во целина, можеби е потребно накусо да се објасни што се случува на релација Токио-Пекинг. Имено, веќе со денови ескалираат тензиите меѓу двата соседи, кои истовремено делат тешки трауми од минатото, но и изградија блиски (економски, туристички, културни) односи после Втората светска војна. Во средиштето на сегашната диломатска бура, која се прелева и во другите области, е – верувале или не – Тајван (тоа е она што ги поврзува земјите од насловот). За оние кои не ја познаваат историјата, ескалацијата може да изгледа чудна, па и банална. Но, нештата се многу посериозни.
Поводот за најновиот бран тензии меѓу двете соседни држави е навидум банален: на одговор на опозициски пратеник во врска со Тајван, новата десничарска јапонска премиерка Санае Такаичи изјави дека евентуален кинески воен напад на Тајван би претставувал закана за опстанокот на Јапонија – што имплицираше воено инволвирање на земјата! Станува збор за употреба на специфична правна формула, која произлегува од ревизијата на јапонскиот „мировен Устав“ од 1947, која ја воведе нејзиниот претходник. Имено, правниот концепт за „загрозувачка ситуација за опстанокот“ е воведен во 2015 година, со законска одредба која фактички (и квази-правно) го реинтерпретира познатиот член 9 од Уставот на Јапонија. Неговиот текст гласи: „Искрено стремејќи се кон меѓународен мир заснован врз правда и поредок, јапонскиот народ засекогаш се откажува од војната како суверено право на нацијата и од заканата или употребата на сила како средство за решавање меѓународни спорови. За да се постигне целта од претходниот став, копнени, поморски и воздушни сили, како и кој било друг воен потенцијал, никогаш нема да се одржуваат. Правото на државата на војување нема да биде признаено.“ Но, некои го внесуваат правото на „колективна самоодбрана“, со што на мала врата се создаде правен основ за оправдување на учеството на јапонските сили во прекуморски воени операции. Ваквите тенденции не се нови, но нивниот извор не е тешко да се открие само ако се следат американско-јапонските односи, но и идеите за т.н. „глобално НАТО“. Се разбира, Тајванското прашање е само повод за евентуална воена авантура на американската империја. Внатрешните политички текови во Јапонија се загрижувачки на свој начин, но и парадокасилни: земја со „мировен устав“ се свртува кон крајната десница и ги оживува империјалните соништа и истиориски традиции на нацијата, која (да биде иронијата уште поголема) плати огромна цена со Хирошима и Нагасаки. Сега, премиерката Такаичи оди дотаму што турка и кон ревизија на јапонската Стратегија за национална безбедност, која би дозволила дури и нуклеарно оружје (подморници, за почеток). Слично како потезите на Трамп со Департментот за војна, и Такаичи се занимава (меѓу другото) и со постепено преименување на јапонската војска од Сили за самоодбрана во „Национални одбранбени сили“. Многу поважно е што буџетските издвојувања за воени цели растат до небо. Со капацитети за офанзивно оружје. Притоа, се зборува и за „безбедносна соработка“ со Тајван и создавање „квази-алијанса“. Притоа, билатералните односи на НР Кина и Јапонија се темелат на сите меѓународни и билатерални договори со кои Токио (како и сите други земји во светот) го сметаат Пекинг за единствен претставник на Кина, а Тајван како нејзин интегрален дел.
Делува тажно, но и вознемирувачки, што 80 години по победата над фашизмот и јапонскиот империјализам (во кинеската терминологија) наместо зона на мир и антинуклеаризам, духовите на војната не мируваат. Во оваа јубилејна година Кина се обиде да му каже на светот дека нема да дозволи да биде маргинализирана и дека го зазема своето заслужено место во антифашистичката коалиција. Ваквите комеморации нужно водат до вознемирувања (или како што велеше мојот колега Пуховски, на секое помирување му претходи вознемирување од соочувањето со вистината за злосторствата сторени од својата земја). Сега се чини дека наместо соочување со минатото, во Јапонија се случува обратен процес на глорификација на империјалните спомени, додека простоено и заборавено е она што го сторија САД – најужасното и најголемото злосторство против човечноста од август 1945. Каков парадокаселен обрт во годината на јубилејната комеморација!
Аналитичарите се прашуваат: зошто ѝ беше потребно на новата јапонска премиерка вака да го започне својот мандат, со милитантност и блиска поврзаност со американските интереси во регионот (особено Тајван)? Тоа е прашањето кое и ние си го поставувавме деновиве: што му требаше на Милошоски новата тајванска авантура? Некои трвдат дека на Такаичи ѝ треба јакнење на домашната позиција особено во десниот блок (таа „мигрираше“ политички од една десна партија кон друга уште подесна за да застане на чело на државата). Значи, едното толкување е користење на Тајван и тензиите со Кина за внатрешни политички цели. Иако економските и оние во сферата на туризмот се веќе катастрофални и самодеструктивни за јапонската економија.
Но, ако гледаме малку подлабоко и пошироко во глобаните текови, добиваме и друг можен одговор: Трамп брза да го затвори украинското прашање и така неутрализира непријателската релација со Москва, затоа што за САД главен глобален ривал е Кина (тоа Мершајмер не престанува да го повторува до бесвест, што помислувам дека дури и како да повикува зла судбина на другиот дел од планетата). Ако е Кина конзистентна по нешто, јасна и експлицитна, тоа е токму Тајван. Тезите дека се подготвува воено да го „врзе“ островот со широка автономија се воена пропаганда. Пекинг оваа година воведе и посебен празник за ослободувањето на Тајван од воената окупација од Јапонија пред 80 години. Во меѓувреме, многу мудро и тактички паметно ги развива односите со Тајван на начин кој не предизвикува ни одиум, ни страв ни закани; напротив, соработка од економијата до културата и образованието! Слично, и покрај сите зла доживеани и од Јапонија, но и од западните сили, Кина мина низ ерата на понижувањето без да излезе огорчена со чувство на реваншизам, туку на градење конструктивни форми на соработка. И Јапонија и Тајван одржуваат обемна трговска размена со Кина, која во повеќето години се позиционира како нивен најголем или меѓу нивните најголеми трговски партнери. Зошто би војувала? Економските загуби се доволно тешки и при вакви несакани ситуации.
Милитаризацијата на Јапонија е процес кој трае подолго време, и за жал не затоа што неговата популација го сака тоа, туку затоа што елитите се клиентелистички свртени кон САД. Пипците на американскиот воено-индустриски комплекс се огромни, а нивната политичка волја ја спроведуваат клиентелистички ликови слични на Милошоски (Мицкоски и Сиљановска?) и Такаичи (таа е само уште еден доказ дека жена на коримилото на државата не значи по дефиниција помирољубива политика; тука слободно набројте ги и Урсула фод дер Лајен, Каја Калас, Мете Фредериксен…).
Додека го следам овој загрижувачки тек меѓу Токио и Пекинг, со тага се сеќавам на мојата сакана јапонска пријателка, Казуо, која ја загуби последната битка пред неколку месеци. Беше мировна активистка и голема инспирација за сите што ја познаваа. Работеше во Музеј на мирот (такви музеи има во Јапонија и ја негуваат не само идејата на мир со мирни средства туку и антинуклеаризмот врз база на сопствените национални искуства). Нашите разговори (преку имејл, најчесто) беа споделување на заедничката грижа за мирот во светот. Таа беше крајно разочарана од напуштањето на мировната филозофија која беше втемелена и во Уставот и во општественото чувство кое би се опишало „никогаш повеќе“. Во нашите последни комуникации ме поврза со нејзин пријател, колега професор од Кина. Чувствуваше дека е многу важно луѓето посветени на мирот од разни континенти да се запоазнаваат и градат мрежи за мировни алтернативи. Таа замина со тешко чувство дека нејзината земја чекори по погрешен пат, слично како што и јас сум несреќна што мојата сиромашна нација се обврза да влезе во НАТО (по цена и на сопствениот идентитет) за да издвојува 5 отсто од БДП за американската воена иднустрија и за јакнење на военствените повици. Сепак, протестите кои стануваат сè погласни во Јапонија и кои бараат премиерката да се извини и да ги повлече заканите кон Кина зборуваат дека семето на мировното движење не е мртво. Тензиите веќе допираат до општеството (за што зборуваат не само откажувањата во трговијата и туризмот, туку и дебатите на социјалните мрежи), сепак постојат разумни сили кои опоменуваат. За разлика од молкот во Македонија (по однос на инцидентите на Милошоски кои стануваат модел на провокација по нечија нарачка), во Јапонија се огласија дури и поранешни премиери со опомени до Такаичи да запре со ескалацијата и да се извини: Јапонија нема вистинска причина ниту да гледа на Кина како на закана, ниту да се меша во внатрешните работи на својот сосед или да се нуди за воена одбрана на дел од територија на туѓа држава. Така, поранешниот премиер Јукио Хатојама ги опиша изјавите на Такаичи како чекор што нанесува „непроценлива“ штета на националните интереси и ја повика Такаичи да ја исправи грешката, цитирајќи го Конфучие: „Кога правиш грешки, не плаши се да ги исправиш.“
Исто како и кај нас пред неколку дена, Кина ја испрати истата порака и кон Токио: Тајван е нашата црвена линија! И тука треба да им веруваме дека се сериозни – Тајван има егзистенцијално значење не само заради еден остров, туку и заради историјата и заради пораката до сите кои не ѝ сакаат добро на НР Кина. Пораките до Токио не се само пораки до нив, туку и до Вашингтон и неговите вазали ширум светот. Не е познато дали во неодамнешниот телефонски разговор меѓу претседателот Си и Трамп вториот ја прими пораката, но фактите зборуваат дека Кина никогаш порано не посегнала по телефонот прва (единствен исклучок е 11 Септември, заради изразување сочувство). Иако Трамп зборува за соја и други ситници, познавачите ја прочитаа пораката која се однесува на Тајван: не се ни обидувајте! Но, ова бара нова анализа, која ќе ја оставиме за друга прилика.
Билјaна Ванковска











