Прво посетив неколку (релативно) помали градови и покраини, кои беа доволни за „љубов на прв поглед“, но најмногу дома се чувствував во најзападната покраина Шинџијанг – која всушност претставува една шестина од вкупната територија на државата. Во срцето не на Кина, туку веројатно е поточно да кажам срцето на Евроазија, Урумќи и неговата околина ги доживеав како спојка на нашиот Балкан со Ориентот. Можеби моите читатели ќе се сетат на текстовите што тогаш ги напишав, но сега поводот е повеќекратен. Прво, лично одбележувам една година од првата средба со Кина, второ планот за наредната средба со оваа волшебна земја е веќе готов, сега со конференции во Пекинг и Шангај. И конечно, сега официјално се одбележува 70-годишен јубилеј од основањето на Шинџијанг ујгурскиот автономен регион.
Ова последното е повод за бројни дебати (особено на поткастите и социјалните мрежи) за покраината која Западот сака со сите сили да ја портретира во негативна светлина, злоупотребувајќи ја агендата за човекови права, а која во стварноста е спојка на минатото и иднината на Патот на свилата, крстопат на цивилизации, етницитети, култури. Веројатно најважниот параметар за оценување како се развивал овој дел од Кина е економскиот и туристичкиот бум, за регион за кој мнозина би рекле дека (како што би рекол нашиот народ) се наоѓа „на Господ зад грб“. Тоа е последица не само на западното гледање на светот, туку и тенденцијата тој да се дели на центар и периферија. Зависно од перспективата, Шинџијанг е можеби центар, точка на поврзување на кинеските и светските патишта. Зависи како се гледа…
Еве, ќе споделам само неколку неверојатни факти за кои верувам дека не сте слушнале. Главниот град на регионот, Урумќи, се наоѓа на буквално најоддалечена точка од кој било излез на море/океан. Од каде и да погледнете, на која страна од светот и да се свртите, тој е толку буквално „заграден“ со огромни копнени територии, па дури и пустина и фасцинантни планински венци (и врвови). На шега би можеле да кажеме „тешко на луѓето таму, како ли одат на одмор?“ – секако, така размислуваат оние кои мислат само на морска плажа. Но, знаете што? Шинџијанг е преубав туристички бисер сам за себе: нуди толку прекрасни места за одмор во природа, езера, реки, планинарење. И сега доаѓа вториот куриозитет: туризмот е во таков подем, што морав трипати да проверам дали добро сум слушнала кога рекоа дека годишно го посетуваат преку 23 милиони туристи од Кина и од странство.
И не е за чудење. Од Пекинг до Урумќи дневно има неколку авио-летови. Тамошниот аеродром е неколкукратно поголем од скопскиот (би рекла и помодерен). Но, тоа не е сè: токму кон Урумќи води најдолгиот, најмодерниот и најновиот тунел (од околу 23 километри), кој ја поврзува покраината со останатите делови на регионот и остатокот од земјата со брз железнички сообраќај. Она што порано беше непрооден планински регион („Небеските планини“ или Тјаншан) сега го скратува патот од три часа на само 20 минути. Можеби сте наишле на оние куси видеа на кои се гледа како пустината се пошумува, додека низ неа се гради модерен автопат. Е и тоа е инфраструктура го поврзува овој регион! Тој фасцинантен инфраструктурен проект – автопатот низ пустината Такла-Макан, кој често се нарекува „пустински автопат“ – претпоставувал засадување преку 30 „зелени појаси“ од дрвја и грмушки, кои се одржуваат со наводнување капка-по-капка. Имав можност да видам како пустината станува предност, претворена во непрегледни полиња со сончеви колектори, а некаде меѓу нив се култивира почвата за да може и да се одгледува некоја земјоделска култура.
Поради неверојатните контрасти кои ги нуди, уште минатата година напишав дека Шинџијанг треба да се посети, разгледува и доживува со очи ширум отворени. Искрено, од оваа перспектива дури и жалам што немав повеќе време да научам на лице место, и би сакала пак да го посетам овој регион, затоа што нуди одговори на многу прашања со кои и ние овде се соочуваме. Едното од нив е секако она за етничкиот и културен диверзитет, националното единство, и економскиот и инфраструктурниот развој. Веќе реков дека таму ги почувствував мирисите на нашата кујна (или она што ние го сметаме за „наше“, а е всушност дел на дамнешното патување на начинот на живот, кулинарството, па дури и домашните ракотворби). Не е чудо! Овој регион бил исклучително значаен во времето на оној древниот Пат на свилата, а е и мост меѓу далечниот исток и средниот исток, кој потоа нужно ги прелева разните влијанија на Балканот. Јас сретнав повеќе нешта кои ми беа познати таму, отколку што сум можела да видам во Германија или САД. Затоа неретко велам дека можеби културно нам ни е поблизок Истокот отколку Западот (за кој постои речиси болна опсесија, по секоја цена, па дури и на својот идентитет, да станеме нешто што можеби не сме или кои тие сметаат дека не го заслужуваме).
Патот на свилата бил спонтан и мек начин на поврзување на „граничните региони“ со нивните култури и економски движења, па и научни и филозофски погледи на светот.
Во западните кругови, градењето нација и решавањето на проблемите со екстремизмот преку образование и социоекономски прогрес се нарекува „кинеска пропаганда“! Ах, има и полошо! Зборуваат за некаков геноцид токму оние кои денес не само што го поддржуваат оној во Газа, туку и сакаат да им ја приграбат земјата на Палестинците. Точно е дека огромна земја како Кина, која е заеднички дом на бројни етнички групи, повремено се соочува со проблеми на сепаратизам и радикализам, кои со години се поттикнувани од САД. Иронијата е во тоа што лидерот на (неславната) Глобална војна против тероризмот по 9/11, кој на совеста (ако ја има) носи милиони муслимански жртви (од Авганистан, до Ирак, Либија, Сирија итн.) почна систематски да се грижи за правата на Ујгурите. И тоа од геополитички причини. Да зборуваш за наводен геноцид во Шинџијанг, а да поддржуваш геноцид во Газа е во најмала рака непристојно и неморално. Да можам да прошетам низ Големиот базар и другите делови на Урумќи убедена сум дека денес е далеку подобро од минатата година. Ова е економски најбрзорастечкиот регион во Кина, кој по територија е колку „три Франции“. Американската студена војна против Кина има различни облици, а Шинџијанг е за жал во фокусот на таа непријателска пропаганда и когнитивна војна. За среќа на жителите на овој регион, тој се развива како никогаш повеќе. За тоа се заслужни вредните раце на локалната популација, која и покрај проблемите кои се делумно внатрешни, а претежно надворешни, има светла иднина. Регионот има полно право да е горд на себе и за она што е сторено за 70 години, но иднината се чини уште посветла.
Билјана Ванковска











