За жал, 80-та годишнина од победата над фашизмот ја покажа сета незрелост на политичките елити на Западот, кои наместо почит за паднатите и каење за сторените злосторства, си поминаа убав викенд (судејќи по насмеаните лица). Па како тоа да не беше доволно, коваа нов „херојски план“ како да ја продолжат војната во земјата што ги угости. Една од тие нивни „генијални идеи“ е и формирање на нов трибунал за воените злосторства сторени во Украина (како да досега божем ги почитуваа меѓународните судови и меѓународната правда). Да не е трагично би било смешно, бидејќи токму западните лидери не го почитуваат меѓународното право и судските одлуки и налози за апсење кога станува збор, на пример, за Нетанјаху кој шета по светот слободен како птица. Од друга страна, се обидоа да се заканат на другите светски лидери кои тргнаа кон Москва со дронови.
За жал, македонската дипломатија, односно младиот и зелен министер за надворешни работи, повторно трча како прле пред магаре, па даде согласност за трибуналот. Притоа, и не ни помисли дека во неговата земја беа амнестирани сите учесници во злосторства против човечноста од 2001 година, со политички маневар на неговата партија која за да формира коалиција по изборите од 2011 година, го прифати ултиматумот на ДУИ за неказнивост. Но, тоа е друга долга и болна приказна за (не)правдата и (не)заборавот.
Веќе подолго време е јасно дека европските земји се ангажирани во превенција на мирот наместо во превенција на насилството. Во првите обиди на Трамп да ги нормализира односите со Москва (важна заради неговите геополитички калкулации повеќе одошто што се грижи за мирот), главните сопки доаѓаа од неговите европски сојузници, кои упорно навиваат за продолжување на војната. Но, непостојаноста на Трамп и предвидливоста дека набргу ќе го смени умот бараше само малку трпение; тој навистина се измори од миротворење и полека им препушта на европјаните да ја завршат валканата работа во Украина, онаа која започна токму поради замешателството на САД и ЕУ. Тој божем сака крај на војната, но продолжува со испорака на оружје. Европјаните зборуваат за мир и мафтаат со голем, ама непостоечки стап. Фактите зборуваат дека нивните мегаломански идеи дека можат да ја победат Русија се само празна флоскула, затоа што арсеналите им се празни, а моралот за војување кај јавноста низок. Иницијативата на Урусла вон дер Лајен за вооружување на Европа (Re-Arm Europe) е засега само идеја, бидејќи пари нема. Експертите укажуваат дека дури и да има пари, оживотворувањето на планот бара најмалку 8-10 години. Тоа се години кои Украина не може да ги преживее…
Накусо, последниве денови видовме ново воено хушкање, more of the same, со една разлика. „Храбриот“ Зеленски си ја зеде улогата на Гари Купер од филмот „Точно на пладне“. Но за разлика од шерифот Кејн, тој нема сопруга или некој близок кој би бил Квекер и пацифист, некој вистински посветен на ненасилство. Да бидам искрена, кога го чув Зеленски како му порачува на Путин дека ќе го чека на мегдан во Турција првата асоцијација која ми падна на ум беше еден друг славен вестерн филм – „Пресметката кај O.K. Корал“. Можете по своја желба да одберете и некој друг сличен филм, бидејќи поентата е дека во оваа пи-ар битка за тоа кој ќе се покаже како маж, а кој како кукавица, во длабока сенка се фрлени настаните на бојното поле каде што Западот и натаму се бори до последниот Украинец.
Нема да кажам ништо ново со констатацијата дека единствени вистински преговори за ставање крај на специјалната воена операција беа оние од февруари-март 2022 година. Британија и САД побрзаа да ги минираат во старт. Останатото е крвава приказна со милиони жртви и огромна деструкција… Некои наивни веруваа дека Трамп навистина сака и може и знае како набрзина да заврши ваков сложен конфликт. Но, ова не е ниту Босна и Херцеговина од 1995, ниту Македонија од 2001 година. Вџашувачки е што ниту една држава или организација не посегна по експертска, стручна помош во водење ваква дипломатија, во мировно преговарање. Или водат некаква холивудска јавна дипломатија, или се препукуваат со зборови, се фалат со она што го немаат. Сега го испраќаат и охрабруваат Зеленски да се појави во Турција буквално „гол и бос“, т.е. без тим, без знаење, само со неговата херојска појава од која непријателот треба да се исплаши. Путин е премногу искусен и интелигентен да седне на маса со Зеленски без преговорите воопшто и да започнат. Тоа не е дипломатија, тоа е каубојски филм во кој Западот навива и се заканува дека ако не победи нивниот фаворит, ќе има… Што ќе има? Тоа не е јасно. Што повеќе можат да измислат во асортиманот на санкции? И какви се ефектите на досегашната пракса? Такви што си пукаа во нога. А која е алтернативата на миротворецот Трамп? Да стане Бајден! (Патем, на европските лидери фатени во незгодна ситуација пред камери како да им фалеше само Хантер Бајден иако некои го споменуваа и Аца Лукас).
Глобалниот политички и безбедносен (но и економски) систем е во парчиња. Дипломатијата стана работа за потсмев и за аматери. Заклучокот сам се наметнува: Путин е Државник (со големо Д), а Лавров е Дипломат (со големо Д) каков што ретко каде ќе најдете во светот (на истокот повеќе отколку на западот, кој досега сè „решаваше“ со ултиматуми, уцени и мускули). Тие двајца немаат со кого сериозен разговор да направат, а камо ли мировни преговори да почнат.
Сè навестува продолжување на војната (збор кој и Путин сега за првпат го употреби). До предвидливиот крај.
Билјана Ванковска