Еден ден граѓанинот Шљупков посака да се самоубие.
Се качи на столче, врза јаже околу една цевка што минуваше под таванот, си ја протна главата низ јамката, ја затегна убаво, го тршна столчето и… цевката пукна и граѓанинот Шљупков заврши таму од каде што и беше почнал – целиот полиен со лајна – нека пристојниот граѓански читател ни прости. Се испостави, имено, дека цевката била канализациска.
Потоа, граѓанинот Шљупков реши да се застрела. Но наместо да настрада граѓанинот Шљупков, настрада пиштолот. Шкартоина.
Откако и овој обид не успеа, граѓанинот Шљупков се изложи редом на предозирање со најразлични токсични и наркотични супстанци. Меѓутоа, со еден организам што катаден беше изложен на воздух контаминиран со чад и честички од најразлични комунални, медицински, пластичарски и какви сè не депонии, како и на мултикултурализам од пестициди и адитиви во храната, супстанците немаа шанси.
Потоа, Шљупков се фрли под кола. Па под автобус. Џабе. Наместо коските на Шљупков, се распука пластиката на браникот. Кинеска пластика. За западниот пазар.
Увидувајќи дека овие инвазивни пристапи не помагаат, Шљупков реши да се самоубива стратешки и полека – со постојано изложување на својот мозок на интензивно зрачење на инвазивната бирократско-процедурална бесмисленост. Постојано пополнуваше разни формулари, прашалници, пријави, најави, одјави, безброј пати потврдуваше дека е човек на најзамрсените он-лајн верификации со стотици чекори пред на корисникот да му биде дозволено да ја користи фактичката апликација, потврдуваше дека е магаре пред сите шалтери на секакви можни институции, установи и управи, со ревносност на проповедник ги читаше ситните букви во договорите кои му потврдуваа дека ќе му го одерат џебот на крупно и политиките на приватност кои му потврдуваа дека нема приватност… и глеј чудо, дури ни тоа не го утепа, само го затупи.
Резултатот од сето тоа беше што граѓанинот Шљупков заврши како умртвен, но не и мртов. Како таков, најпосле, граѓанинот Шљупков крена раце. Во меѓувреме, случајот на граѓанинот Шљупков не остана незабележан од анти-корупциската комисија, која покрена кривична пријава против граѓанинот Шљупков, бидејќи сакаше да добие услуга на шалтерот на смртта преку ред. Случајот дури дојде и до управата над сите управи, Метафизичката управа, која го обвини граѓанинот Шљупков за сериско самоубиство и загрозување на општествените вредности. Имено, со својата тврдоглаво континуирана умртвеност – беше констатирано од Метафизичката управа – граѓанинот Шљупков се беше изопштил себеси од слободниот пазар како произведувач и консумент, а со тоа и од општеството како трансцендентален субјект кој има власт над природата, а е под власта на чистиот Капитал. Поради тоа – се велеше натаму во констатацијата на Метафизичката управа – граѓанинот Шљупков нема повеќе raison d’être (Метафизичката управа, имено, покрај својата поврзаност со германскиот нациз… ова… идеализам, негуваше повремено да се служи и со француски клучеви и предлози) – што ќе рече, легитимна причина за битисување – и затоа се осудува – на смрт.
Шљупков немаше ништо против! Секако, не се согласуваше со образложението на Управата, но од своите бројни бирократски обиди за самоубиство беше научил дека настојувањата на поединецот да ѝ ја докаже на бирократијата нејзината бесмисленост се бесполезни. Згора на тоа, како што рековме, беше умртвен, и веќе не му беше до докажување или покажување било што.
Меѓутоа, на голема вџашеност на тимбите од Управата, смртта, наместо да го земе под рака граѓанинот Шљупков и засекогаш да го однесе во небиднината, таа го однесе во најблиската кафеана на ракија и мезе: во неолибералниот турбокапитализам заснован на аутсорсинг, минимизирање на трошоците по секоја цена и безгранична експлоатација на она што е ограничено: ресурсите, природни и човечки – се испостави дека и смртта веќе не си ја работи својата работа како што треба!
Граѓанското здружение „Дијалектика“ тогаш поднесе барање до Метафизичката управа граѓанинот Шљупков да се прогласи за бог, бидејќи не може да умре, односно е бесмртен. На тоа високоумните тимби од Метафизичката управа одговорија дека има разлика помеѓу бесмртноста по есенција и неможноста да се умре. По долго дебатирање, некој предложи да се осуди смртта на смрт, со истото образложение што беше наведено за граѓанинот Шљупков. Секако, предлогот беше отфрлен како тавтологија. Наместо тоа, земајќи ги предвид условите за живот во неолибералниот турбокапитализам како меродавни – смртта беше осудена на живот!
Смртта немаше ништо против!
Рајко Пеколски