Љубов и почитување се нешто што можеме да го почувствуваме и сватиме низ доживеано лично искуство. Кроз интеракција со луѓето покрај кои растеме, на кои сме упатени и од кои зависиме, од најрана возраст стекнуваме различни искуства кои потоа ги преведуваме во заклучоци во врска со себе. Од нивниот однос кон нас и пораките кои ни ги испраќаат, вербални и невербални, заклучуваме дали сме сакани или не, а со тоа и дали сме вредни за (нивната) љубов и почитување. Потоа тие искуства големо мнозинство од нас ги претвора во уверенија во врска со себе и очекувања од другите луѓе кои ги сретнува понатаму во животот.
Дали јас можам да бидам – „јас“? Дали можам да го кажам она што го мислам и чувствувам? Дали можам да бирам и одлучам за себе? Дали смеам да погрешам? Ова се прашања кои често си ги поставуваме на себе си во текот на растењето и созревањето, а одговорите на нив се нашите лични искуства од кои изведуваме заклучоци за сопствената вредност и си даваме себе си одговор на прашањето: Дали јас вредам како личност? Оние кои секогаш ни се радуваат кога ќе нé видат и шират раце да нé прегрнат ни праќаат многу поразлична невербална порака од оние кои кон нас се секогаш намрштени, нервозни и нетрпеливи. Со првите се чувствуваме пријатно, мирно, среќно и ушушкано, додека од другите се плашиме и не сакаме да бидеме во нивна близина. Првите нé прифаќаат и подржуваат, а другите нé критикуваат и отфрлаат.
Кога имаме самопочитување, ние се прифаќаме себе си такви какви што сме, со сите свои карактеристики, врлини и мани. Во акциите кои ги превземаме, не размислуваме за апсолутно совршенство, туку за максимален учинок во дадените околности. Грешките и несовршеностите ги прифаќаме како составен дел од животот, свесни дека не сме совршени и дека не можеме секогаш сé однапред да предвидиме и испланираме. Затоа и не ги доживуваме како апсолутен пораз и доказ за нашата безвредност, туку сме усмерени од нив нешто да научиме и да извлечеме поуки, да видиме што можеме да поправиме и како следниот пат да ги избегнеме.
На секој од нас може да му се случи да „тргне“ во живот со чувство дека сами по себе не сме доволно вредни за другите луѓе, туку дека мораме да вложиме големи напори за да го добиеме нивното внимание и прифаќање. Поради несигурноста во сопствената вредност, можеме да бираме да остануваме во лоши релации бидејќи веруваме дека така мора да биде и дека ако доволно се трудиме, еден ден тој лош однос ќе се промени. Истовремено, сите наши напори тие лоши релации да ги промениме на подобро завршуваат со неуспех. Искуство на кое како да не се обѕирнуваме, а кое би можело да ни помогне да донесеме некои нови одлуки во врска со себе, доколку би го зеле во обзир. Како да не веруваме дека релациите со другите луѓе можат да бидат и извор на радост и задоволство, а секојневието лишено од нервирање и патња.
Она што е добро е што можеме да работиме на своето самопочитување. За почеток, доволно е да станеме свесни како се чувствуваме во актуелните релации и односи во кои се вложуваме себе си, своето време и енергија и одговориме на следните прашања:
- Дали јас можам да бидам – „jaс“?
- Дали чувствувам прифаќање, подршка и разбирање?
- Дали можам да разговарам и да се договарам без напор и тензија?
- Дали чувствувам доверба?
Ова се само некои прашања кои можат да ни бидат почетна позиција и од чии одговори можеме да тргнеме. Работата на самопочитувањето бара континуирана работа, упорност и посветеност. Секој ден да направиме нешто по што ќе знаеме дека се почитуваме себе си. Некогаш тоа е да кажеме „не“ кога нешто не сакаме, некогаш тоа е да земеме одмор кога ни е потребен, а некогаш тоа е да побараме подршка. „Мали“, но доследни одлуки со кои ги поставуваме нашите потреби и чувства на приоритетно место, стануваат темел на нов однос кон себе – однос во кој сме важни, доволно добри и вредни за почитување, баш такви какви што сме.
Од стартната позиција секој од нас стартува во различна кондиција и расположение. Некои од нас стартуваат расплакани и многу вознемирени, други исцрпени и разочарани, а некои неброен број пати поразени, но одлучни да успеат и да стигнат до целта. А целта е самопочитување. Помеѓу стартот и целта нé чека пат на нови одлуки, храбри избори, експериментирање, креативност и истражување. Нé чекаат нови искуства, одлучност и неоткажување од себе. Тргаме!
Кристина Пота Радуловиќ
психотерапевт, клинички психолог и гешталт терапевт