понеделник, 9 јуни 2025
Ида Мантон

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Само со автентична и суверена приказна, Македонија ќе го најде својот пат во (де)глобализацијата

Глобализацијата како концепт е продолжена рака на прогресивниот либерален сон за поврзаност, солидарност и човештина. Логично е што за тој сон да се оствари, потребно беше да се создадат правила, институции и искуства кои ќе го претворат во реалност. Но, во пракса, во имплементирањето на тој процес се покажаа и закоравените пориви за превласт, непрежалените практики на робство и крволочноста на капиталистичкиот порив да се остане во игра со сериозен влог и моќ.

Од една страна глобализацијата ја вееше „ветрот на промените“ кој дојде со постигнатите договори за мирно решавање конфликти, за територијален интегритет, за самоопределување, за правото на луѓето во целосна слобода да го одредат нивниот политички статус без надворешни влијанија и по сопствен избор да го одредат својот политички, економски и културен развој. Но, од друга страна старите господари бараа, и најдоа, нови моделаитети за продолжување на своите колонијални практики, за поевтина работна сила, избегнување даноци, градење империи. Повторно за сметка на малите, сиромашните и обесправените. Неверојатен напредок сме постигнале во Хелсинки пред точно 50 години, во Париз пред 35, во Рим, Нирнберг, Виена. Заеднички, со преговори и дијалог. Мултилатерализмот со ваквите успеси покажа дека е најнапредно човечко делување и дека со различните негови механизми може да создадеме реалност од соништата, практика на живеење од идеализмот. Со ваквите формати можевме да договориме универзални вредности и човекови права. И за многу општества тоа навистина се случи, но не рамноправно, и не секаде.

Македонија, која во времето на Југославија успеа да ѝ се измолкне на суровата поделба на „исток и запад“ после Втората светска војна и да изгради свој бренд, веќе подолго време е на раскрсницата наречена „транзиција“ и никому веќе не му е јасно од каде и кон каде транзитираме и која е нашата одредница. Во сиве овие години, кои ја жигосаа мојата младост, ние потфрливме во градењето заедничка приказна, во наоѓањето заеднички точки и мислам дека сè повеќе го губиме моралниот компас како општество. За мене, целиот процес на распаѓање на универзалните вредности е последица на недоследно имплементирање на кодексот кој е преговаран, договорен и длабоко осмислен од извонредни филозофи, дипломати и мислители. Неговото одржување му се остави на политичари, профитери и сериозно неподготвени и неуки технократи. Заради нивната алчност и фокусирање кон остварување интереси пред добросостојба на човештвото, глобализацијата се претвори во неоколонијален концепт и бојно поле на идеологии, наместо простор за синергии, меланж на култури и зголемен креативен потенцијал.

На ниедна мала држава не ѝ е во прилог да остане изолирана. Предизвиците се глобални и нивните решенија нужно мора да се бараат со соработка. Мора да размислуваме пошироко и да имаме големи амбиции, или барем да наоѓаме начин како да мултиплицираме иницијативи и да поврзуваме луѓе кои заедно ќе најдат подобри, подолгорочни и поефикасни решенија за поголем дел од популацијата. Мора да размислуваме светски, иако делуваме локално, тоа е она што глобализацијата ни го овозможи. Но, глобалниот концепт на поврзаност и интеграција пука по шавови, затоа што договореното не се имплементираше и оние кои ги прекршуваа принципите и ги игнорираа воспоставените механизми и институции, остануваа неказнети. Правдата сè почесто се третира како изборен предмет и во рамки на државите и по меѓународните судови. Со правда како швајцарско сирење, невозможно е да се напредува по моралната скала, затоа што неказнивоста произведе цели генерации кои се спремни на криминал и корупција верувајќи дека некој им го чува грбот, дека ќе им ја скине казната, дека ќе ги извади од затвор и пак ќе се вратат во полн сјај. Од друга страна оние кои ги следат правилата и кои станале жртва на насилници, на неодговорна власт, партијаштво и корупција, се иставаат себеси од политичката, а и граѓанската сцена, знаејќи дека влогот е голем и нивната храброст се граничи со лудило во анархични, бурни и непредвидливи времиња. Затоа либералните демократии инсистираат на владеење на правото, на добро владеење и антикорупција.

Но, во Македонија од сето тоа се направи лакрдија и евтин водвиљ. Нам најкорумпирани ни се тие што треба да нè бранат од корупција. Кадијата ем тужи, ем суди и граѓанинот веќе не верува ни во држава, ни во систем, ни во добри намери на тие кои посегаат по власт. А можеме многу поинаку. Бидејќи сме мали, можеме да бидеме пример за прецизно изграден систем и на вредности, и на услуги, и тој модел да го продаваме со успешна дипломатија. Зависи како ќе се позиционираме на оваа раскрсница на која стои целиот свет, не само ние. Но, ние сме деца на „неврзаните“, ние знаеме како е да испраќаме доктори во Либија, архитекти во Багдад и да го продаваме нашиот бренд. За жал, во меѓувреме го изгубивме брендот, ама ако засукаме ракави, создадеме експертска влада, тотално ги смениме правилата за избор на челниците на институции (тема за друг текст, ама лесно изводливо), ги собереме најстручните во секоја област, им дадеме простор на иноваторите и пред сè почнеме да се почитуваме и да учиме едни од други без да се кодошиме, лактаме и мразиме заради разликите, имаме шанса да пркнеме и да го искористиме распаѓањето на стариот систем и раѓањето на новиот бран. Новата фаза, според моето скромно мислење, ќе биде изнаоѓање безбедни простори за заедничко дејствување на оската: интереси – морална благосостојба. Веќе ја гледаме поделбата по овие линии. И додека едната група во општеството се залага за својата надмоќ (врз основа на националност, припадност, раса, социјален статус, богатство, политичка ориентација, моќ итн.), другата се обидува да изгради социјална кохезија, универзални права, се бори против неправдите и бара подобри услуги за сите. Овие два пола, многу очигледни во САД во последните децении, но особено во второто претседателство на Трамп, сега ги водат своите битки на оваа оска и нашето следно поглавје ќе зависи од тоа кој ќе го движи тасот од вагата и во која насока. Корозијата на нашето морално ткиво – во Македонија јасно отсликано со сè што е поврзано со Кочани, од пред несреќата до денес – таа корозија во светски рамки исто е резултат на алчност, суета, дволичност, неприлагоденост и поделеност. Затоа нашата „морална амбиција“ (позајмувам термин од еден холандски историчар кој неодамна ме воодушеви, Рутгер Бергман), треба да нè води кон градење правични општества кои нема да се двоумат дали е поважно да се негуваат дипломатски врски и да му се продава оружје на Израел, или да се прекине геноцидот над Палестинците, ниту пак ќе се колебаат дали ќе воведат санкции само кон Русија или кон секој режим кој ги крши, или дури и пренебрегнува меѓународните норми и закони. Мора да воспоставиме казнивост, нови аспирации и можеби да прифатиме дефрагментирана светска мапа, но сето тоа мора да се изгради преку разговори, дијалог и соработка. Не мора со сите да сме партнери, ама мора да градиме системи во кои правилата ќе бидат јасни и правични. За да опстојат придобивките од глобализацијата, ќе мора помалите да не се плашат да станат коректив на титаните кога тие ќе застранат и со сета сила да ги повлечат кон јадрото на либерални вредности и заеднички вредносен систем. Без калкулации и без страв од реперкусии.

Затоа е граден тој супранационален систем, за да биде коректив, а не да се задоволи и со помалку од минимумот, и да затвора и очи и уши. Таквиот систем ќе ги истражи, разоткрие и ќе ги прекине обидите да се потпишуваат тајни стратешки договори, да се купува секаков отпад (и буквален и метафоричен) и да земаат кредити од дискредитирани политичари. Оти загадувањето не познава граници и секој преседан отвара простор за нов калабалак. Мора да ја зачуваме демократијата не дека е таа идеална, туку дека е антитеза на авторитарни, клептомански, мегаломански, деструктивни и ограничувачки режими, кон кои ние како со магнет сме повлекувани и тоа често, па стасавме и до заробена држава! Но, наместо супранационалниот коректив да понуди казна, тој си го прибра поранешниот премиер и го заштити од судски процес и разврска, која на народот му е многу потребна. Не смее Европа да го брани Груевски, а да очекува реноме на либерална светска сила. Ниту смее да си изземе од проблемите во регионот предизвикани од нејзини земји членки, да си ги протресе рамењата и да очекува некој да ја сфати сериозно кога спротивните аргументи ќе ги упатува кон Русија, кон русофилските власти во Грузија или кон многу лидери во нашиот регион. Моралната грациозност се покажува со пример, не со празни ветувања и излитени фрази.

Но ваквиот развој на настаните можеби треба да го протолкуваме како потреба за ресетирање на моралниот кодекс, кој е несовршен но не и толку оштетен како што сакат да не убедат недемократските режими и нивните ботови. Демократијата, која е под закана заради сè почестите победи на олигархиско-мафијашки политички елити, е процес и таа подразбира преговарање, уточнување, прилагодување и прифаќање на инаквоста, на другоста. Македонија ќе треба да е поискрена и со себе, и со другите, и да не го замајува својот народ со лажни наративи, туку да изгради систем на вредности, сопствена приказна и патоказ. Наша домашна задача е да гледаме на политиката како на област која треба да ја водат учени филозофи, политиколози, правници и интелектуалци, кои нема слепо да следат наредби туку ќе преиспитуваат и дебатираат со историчари, антрополози, економисти и со тоа ќе ја исполнат својата граѓанска должност. Сега тоа е оневозможено и одлуките лежат во концентрични кругови на луѓе со изнуден легитимитет. Во зборовите на Горан Стефановски наоѓам утеха и верба дека со макотрпна работа ќе ja утврдиме и ускладиме нашата автентична и суверена приказна: „Ни треба востание на визија, волја и ум, на упорен труд, медиумска лукавост и преговарачка вештина. Државите се прават со жртви и крв, но се чуваат со работа и памет.“

Ида Мантон

(Aвторката е професорка по меѓународни односи и преговори)

КОЛУМНИ

Љубомир Николовски

НБА Финале  –  гледачите на тајм аут!

Билјана Ванковска

Новиот храбар свет

Христијан Илиевски

Зошто Трамп го сака Гренланд?

Ристо Цицонков

Нoва давачка: јаглероден данок

Илинден 1903: Предадената револуција на македонскиот народ

Драган Даниловски

Здравството не е трошок, туку предуслов за просперитет (приказната за Асклепиј)

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ