понеделник, 8 декември 2025
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Сакате да студирате вистински? Правец – Кина!

Како и секоја година во ова време, сите универзитети се во трка по студенти. Време на уписи, а велат било и модерно време, па за привлекување на муштерии (пардон, студенти) се користат сите можни рекламни средства. Се разбира, доминираат социјалните мрежи, местата на кои најмногу и време минуваат младите.

Секој универзитет веќе со години организира и Отворен ден, ама едвај некој и да ги посетува празните аули и предавални. Се печатат информативни материјали, се романтизира целата приказна за стекнување наука, мудрост, вештини (наспроти тажната реалност на високото образование кое се распаѓа како и сѐ друго во Македонија). Во рекламите дури и ќе најдете познати ликови од јавниот живот, бивши студенти, кои иако не работат на струката, на она за што студирале, ама ќе кажат некој збор за својот одличен избор во минатото. Се оди дотаму што „најуспешните“ велат дека со оваа диплома од тука можат да работат во странство (главно се мисли на ЕУ, и секако не на струката, туку што било). „Врвот“ е буквално неавторизирано преземање на рекламни фотографии од интернет за да се изрекламира факултетот – па како во вистинска реклама, да се претстави во најубаво светло. Јас нема да ја дочекам оваа нова генерација, бидејќи заминувам во пензија, но свесна сум дека ќе се појават млади луѓе од кои некои ќе дојдат со надеж, а други и без да знаат зошто се тука (подобро студирај отколку да седиш невработен – тоа е тезата која доминира овде). Но, искуството на завршените студенти покажува дека најдобрите веднаш ќе ја скенираат и „прочитаат“ рекламата и ќе почнат да мислат на заминување во странство. Оние кои не се амбициозни, убаво ќе се вклопат за на најлесен начин, не нужно со знаење и труд, да дојдат до „парчето хартија“ кое се вика диплома.

Со малку среќа, врска или партиска книшка, еден ден и ќе се вработат. Најчесто во државната администрација… Тоа е почетокот на уште една тажна академска година во Македонија.

Пред извесно време премиерот (и самиот професор на „најстариот и најдоброт универзитет“, Св. Кирил и Методиј од Скопје), најави големи исчекори и подобрување: Македонија ќе се појавела со некој универзитет меѓу „првите“ 1.000 на Шангајската листа. И токму во тој момент, ми стасува еден извонреден текст од медиумот Кинеска академија на Сабстак. Морам да го прераскажам, барем во куси црти – а на образовните власти, но и на сите ректори, декани и професори им препорачувам да го најдат оригиналот за да научат нешто. Да, далеку е Кина – не географски, туку временски. Тие се во 23 век! Најнапред, се разбира, се врши строга селекција за студирање на најдобрите универзитети (кои чекорат со џиновски чекори на сите светски ранг листи). Но, текстот што ме фасцинираше се однесува на фазата на известување на кандидатите дека се примени. Значи, не да се туркаш пред факултетот за да видиш дали си примен, туку добиваш известување во физичка форма. Велат, не така одамна тие известувања имале толкава вредност во животот на тамошните млади луѓе, што најчесто биле врамувани (небаре дипломи за завршен факултет) и ги краселе ѕидовите на нивните домови. Тоа зборува толку многу за вредноста и односот кон студирањето. Но, и од другата страна, универзитетите си ги почитуваат студентите, без да бидат гледани како извор на финансирање („пусти“ комунизам, ни пари не бара за запишување – само ум и талент. Овој напредниов капитализам во секого гледа како на извор на приходи, како на муштерија).

Проценете сами како е да студираш на престижен универзитет кој прави чекори од седум милји (како во бајките), односно чекори кон иднината. Еве ја приказната накусо, со тоа што е чиста вистина: внатрешниот натпревар за мотивација на студентите и популаризација на достигнувањата е фасцинантен! Велат дека оваа година, сезоната на приемни писма се претворила во вистински натпревар, а секој универзитет настојува да ја вклопи своја иновација во тој мал плик. На кинеските социјални мрежи, а потоа и надвор од нив, најпознато стана известувањето од Земјоделски универзитет во Џилин.

Навидум едноставна картичка со известување, но под неа стои белешка дека материјалот од кој е направена е од фунги (печурки). Со други зборови, не само иновативен материјал, туку и еколошки и погоден за јадење (што го демонстрирал еден студент од завршните години, загрижен дека можеби тој детаљ нема да биде забележен). Разбирате? Млад студент, уште не стапнал во првата предавална или лабораторија, е веќе знае дека неговиот универзитет е познат по фантастично откритие, кое сега постепено ќе ја замени обичната хартија заради која се жртвуваат цели шуми!

Еве, втор пример: Универзитетот за хемиска технологија во Пекинг користи писмо за прием направено од сопствен изум: ултра-тенок материјал од јаглеродни влакна дебел 0,2 мм, комбиниран со посебна смола, кој е отпорен на топлина, киселини и алкали, и екстремно издржлив и флексибилен. Преведено на обичен јазик, тоа е истиот вид материјал што широко се користи во аеронаутиката и други напредни области. Но, љубопитните бруцоши веднаш почнале да ги тестираат своите писма (прави научници, не веруваат на „жими мајка“): пред камерите на своите мобилни почнале да ги тестираат со сечкање зеленчук. Притиснато врз лубеница, со лесен удар, таа се дели на половина, а писмото останува без трага, со ниту еден свиткан агол. Некои на шега заклучиле дека писмото всушност е „нож за прием“. Ова одговара на усвоениот термин на англиски за cutting-edge technology (буквалниот превод би бил „технологија со остар раб“, или поточно – врвна технологија, она во што Кина е шампион).

Многу симпатичен е фактот што најупорните (и најнедоверливите студенти) не застанале со сечење, туку го тестирале писмото со жешка вода, па дури и со оган. Кога тоа ги издржало сите овие „тортури“, професорите и постарите студенти со гордост им порачале: „Ви рековме однапред дека не претеруваме!“

Не сакам овде да ви го раскажувам текстот со сите неверојатни „писма“, па за крај ќе го издвојам она што мене дури и емотивно ме допре најмногу: Универзитетот за океанографија кон писмото вклучил специјален приврзок наречен „Срцето на океанот“. Станува збор за подарок со примерок од морска вода од Антарктикот, собрана за време на истражувачкиот тим за време на последната поларна експедиција. Каква прекрасна комбинација на романтиката на истражувањата на природата со суптилна демонстрација на ресурси и научна моќ.

Се обидувам да се ставам во позицијата на млад човек кој добил едно од овие писма. Речиси и да можам да ја замислам возбудата, по малку и чувството на привилегија и одговорност, свеста за мисијата кој тој млад човек веќе ја презел. Веројатно си вели во себе: морам да бидам извонреден како моите постари професори и колеги, сакам на крај и јас да придонесам за мојот фантастичен универзитет! Ова ме враќа на мојот упис на Правниот факултет пред повеќе од 40 години: иако немаше вакви приемни писма (всушност се примаа сите без исклучок, дури 800 души во генерација), јас влегов со идеализирана слика за мојот нов академски дом, со убедување дека сите тие ликови со строги лица и (некои) со побелени коси се мудреци, кои ќе ми го покажат патот. Да не беа неколку исклучоци, ќе бев тотално разочарана. Можеби затоа што набргу ги изгубив идеалите и очекувањата дека нешто извонредно ќе научам, буквално „протрчав“ низ семестрите и ги завршив студиите за 3,5 години со висок просек. Сега, уште поразочарана од ова што го гледам, заминувам во пензија, повторно предвреме. За среќа, вистинската наука не познава граници, а препознава фолиранти. Убедена сум дека ме чека богата академска кариера дури сега кога ќе се ослободам од чувството на неуспех и деградација на високото образование.

На крај  само куса порака до амбициозните и умни млади луѓе: дајте сѐ од себе, ќе се исплати. Ќе си го најдете патот до 23 век, или барем до некој од извонредните универзитети во Кина или другите земји кои вложуваат во науката, во онаа вистинската, а не лажната.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ