четврток, 15 мај 2025
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Роди се човек, робот биди!

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Еден ден, граѓанинот Шљупков отиде во Метафизичката управа за да ја обнови лиценцата за човечност. Имено, напредокот на роботиката и вештачката интелигенција земаше толку брзо замав, што набрзо општеството, односно пазарот на трудот (што во либералните демократии беше едно те исто) беше преплавен со кибернетички псевдолуѓе. Впрочем, првите псевдолуѓе веќе одамна се уфрлени меѓу нас, и веќе со децении, ако не и со векови, ја заменуваат онаа непопуларна класа на човечки суштества позната како „политичари“: најефтино беше да се произведе синтетички политичар  – бидејќи кај политичарите мозокот се наоѓаше во желудникот, ова им заштедуваше производствени трошоци на компаниите: едноставно, произведуваа кукла со човечки облик, ѝ вградуваа телепромтер место тимба, поврзан со жица која водеше до просто струјно коло под градниот кош. Дури копијата се покажа и подобра од оригиналот: додека политичарите немаа р’бет, новите синтетички политичари барем имаа кабел место р’бет. Сепак, имаа една голема мана: исто како што нивните претходници со желудници трошеа невидено многу народни пари, така и новите сајберсурогати со електрично коло трошеа многу струја за да генерираат неколку прости реченици. За сложени реченици веќе беа потребни интервентни увози на струја.

Меѓутоа, технологијата напредуваше драстично, и потоа дојдоа синтетичките бирократи, адвокати, банкари, судии и обвинители, новинари, професори, експерти, студенти, пензионери, милиционери, менаџери… сè додека најпосле не стана невозможно да се разликува меѓу човек и робот со оние здодевни кепча-тестови и разни други верификации. Па така, Метафизичката управа воведе лиценца за човечност. А бидејќи роботите стануваа сè пософистицирани, обновувањето на лиценцата за човечност стануваше сè покомплицирано од година в година.

И ете го граѓанинот Шљупков пред шалтерите на Управата.

Откако ги помина оние иритирачки кепча-верификации, откако штиклираше еден куп точаци, моторцикли, хидранти и семафори, граѓанинот Шљупков мораше да изведе некои сериозни логички и математички операции. Потоа мораше да напише сонет. Па да наслика мртва природа. Потоа, да ја толкува првата критика на Кант. И третата, за секој случај. По што следеше мала изведба на Шенберг. Потоа мораше да покаже дека умее да се секса. И тоа трансцендентално, што ќе рече, со сите можни родови. Но, повеќе и ова не беше доволно за да се биде човек: имено, новите роботи и роботки веќе ја обавуваа и таа работа подобро од луѓето.

На граѓанинот Шљупков не му остана ништо друго, освен да се начука. На свое големо разочарување откри дека веќе постојат роботи кои можат да ждерат скара и да пијат пиво и ракија во единица време побрзо од него.

Барањето на граѓанинот Шљупков за обновување на лиценцата за човечност беше одбиено. Оттогаш, граѓанинот Шљупков мораше да живее – ако е воопшто коректно така да се каже – како робот: мораше да ги обавува сите работи кои ги обавуваа стандардните луѓе во општеството, дури и повеќе, бидејќи не го уживаше статусот на човек, без притоа да има какво било човеково право. Мораше да рмба од девет до пет, ако шефот рече и повеќе, без да зема плата, притоа мораше да трпи секакви навреди и омаловажувања од надредените и подредените, но немаше право на претставка за фамозниот „говор на омраза“, дури ни за мобинг – бидејќи беше заведен како робот; па сепак, мораше да плаќа придонеси во фондот за резервни делови и плус тоа сметки за струја; згора на тоа, мораше да плаќа дупло за струја – бидејќи беше заведен како робот. Немаше право на глас, па сепак, беше подложен на разно-разни бесмислени закони и казни, немаше право да дише, и покрај тоа што имаше бели дробови –  наместо тоа мораше да апсорбира смог, честички и токсини – бидејќи беше заведен како робот; немаше право на мир, спокој и тишина, па така мораше секојдневно да живее со градежна бучава и брмчава од коњски сили (патем, изразот „коњски сили“ потекнуваше од коњите, на кои Метафизичката управа им имаше издадено дозволи да возат мотори и да се силат по улиците и булеварите, додека полициските сили им се силеа само на обичните граѓани кои поминуваа пешачки на црвено кога немаше возило километри наоколу или кои возеа 51 наместо 50 километри на час.), немаше право на здрава клима, па така мораше да живее и работи на педесет степени на лето – бидејќи беше заведен како робот.

Најпосле, граѓанинот Шљупков падна тешко болен. Но – бидејќи беше заведен како робот – граѓанинот Шљупков не доби ниту човечки третман во здравствените установи, ниту човечка терапија. И, граѓанинот Шљупков, заведен како робот, си умре.

Тогаш, некои граѓански активисти побараа од Метафизичката управа барем постхумно да го заведе граѓанинот Шљупков како човек – та најпосле, единственото нешто што беше останало да ги разликува луѓето од роботите беше смртта.

Но филозофските тимби од Метафизичката управа не можеа така лесно да бидат прелажани. На колоквиум  на кој учествуваа видни експерти по биоетика, AI-етика, екоетика, техноетика и какви сè не други етики, одлучија дека граѓанинот Шљупков не успеа да покаже дека е човек надвор од секакво сомневање, но уште поважно –  стручно метафизички кажано – категориите „човек“, „човечност“ и „смрт“ се конструкти на бинарниот патријархален есенцијализам, заради што дискурсите поврзани со нив и со тоа самото инсистирање на граѓанинот Шљупков на човечност се неинклузивна мизогинија која претставува говор на омраза против феноменологијата на роботските идентитети.

Или, народски кажано: роботот Шљупков едноставно се расипа и цркна – и толку!

Целата епизода заврши со уредно рециклирање на останките на граѓанинот Шљупков, соодветно со високите етички стандарди на колоквиумските тимби од Управата. Граѓанинот Шљупков беше рециклиран во 46 паметни телефони, 54 дронови, 40 литиумски батерии и 60 лед-дисплеи. Бидејќи слободниот пазар и климатската правда се поважни од сè!

Некаде, во нечиј иден паметен телефон, се наоѓа процесорска мрежа која некогаш била срцето на граѓанинот Шљупков…

 

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Мартина Колска

Инфлуенсерите како алтернатива за државите со проблематична репутација

Љубомир Николовски

Бизнис и моќ наспроти страст и традиција: газдите во НБА и...

Домен Савиќ

Медиумска писменост: Граѓаните учат, власта назадува?

Билјана Ванковска

Шерифот Зеленски точно на пладне

Александар Стојановски

Кога борбата против опонентите станува поважна од самата демократија

Алис Тејлор

Со дијаспората зад себе и ЕУ пред себе, Рама оди по...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ