Додека верниците го слават воскресението како победа на правдата над неправдата, од Комитетот за човекови права при Обединетите нации дојде одлука што потврдува дека таа борба сè уште трае и тоа во срцето на Европа.
Иронијата е неминовна: токму на ден кога се слави триумфот на правдата, меѓународна институција мора да потсети една земја членка на Европската Унија дека основните човекови права не се прашање на избор, туку обврска.
Случајот со одбивањето да се регистрира здружението „Комитет за заштита на човекови права – Толеранција“ не е изолиран. Тој е само уште една алка во синџирот на системско негирање на правото на здружување на Македонците во Бугарија. Наместо аргументи и правна логика, сведочиме на бирократски формализам зад кој се крие политичка агенда.
Уште поалармантно е што ова не е првпат. Против Бугарија досега се донесени 16, пресуди од Европскиот суд за човекови права, токму за прекршување на правата на Македонците и нивните здруженија. Наместо тие пресуди да бидат основа за корекција на системските слабости, голем дел од нив остануваат неспроведени или формално затворени без суштинска промена.
Кога една држава упорно игнорира ваков број меѓународни пресуди, тоа веќе не е инцидент тоа е нечесна и валкана политика која нема ништо заедничко со политичкиот разум, принципи и реалностм, а најмалко со добрососедството. А кога таа политика се толерира, проблемот престанува да биде само билатерален и станува европски.
Во истиот контекст, не може да се премолчи ниту срамниот чин на забрана за влез во Бугарија на адвокатот Менкиновски на цели 10 години. Овој потег не е само административна мерка тоа е директен удар врз правото на правична застапеност и порака дека секој што ќе се обиде да ги брани правата на Македонците ќе се соочи со последици.
И тука доаѓаме до најголемиот проблем, заглушувачката тишина на Европа. Каде се европските институции кога се газат основните човекови права? Каде е реакцијата кога една членка отворено ги игнорира меѓународните обврски и т.н европски вредности? Дали европските вредности важат за сите или се применуваат селективно, зависно од политичкиот интерес?
Молкот, во вакви ситуации, не е неутралност. Молкот е позиција. И сè почесто, тој молк наликува на соучесништво.
Ако Европа сака да остане веродостојна, тогаш не смее да дозволи двојни стандарди. Не може од едни да бара реформи и почитување на правото, а пред други да затвора очи. Тоа не е Унија на вредности, тоа е Унија на селективни компромиси.
Одлуката на Комитетот за човекови права е јасна. Прашањето е уште појасно: дали Бугарија ќе продолжи по патот на ретроградните политики или конечно ќе се соочи со сопствените обврски? И уште поважно дали Европа ќе продолжи да молчи, или конечно ќе проговори и ке реагира на се побројните барања за цивизизациско однесување на Република Бугарија и нејзините политички раководства?
И затоа, ова не е само прашање на една пресуда, ниту на тоа дали Бугарија ќе ги спроведе обврските, ниту пак дали Европа конечно ќе најде храброст да проговори. Ова е прашање на принципи. На правда. На достоинство. Но и нешто повеќе од тоа.
Затоа што, без разлика на молкот, на двојните стандарди и на сите обиди за негирање постојат вистини што не зависат од ничија политичка волја. А една од нив е јасна: Македонија и Македонците постоеле, постојат и ќе постојат. И тоа не е став. Тоа е факт што не подлежи на преговори.
Проф д-р Јове Кeкеновски












