Во последните години, сепак, незадоволството од судењето во НБА достигна многу повисоко ниво. Играчите, тренерите, аналитичарите, навивачите… сите се сè погласни во мислењето дека лигата во многу отстапила од стандардите што некогаш ја дефинираа професионалната кошарка. Особено ако се спореди со декадите од 80-тите и 90-тите кога НБА го дoживеа својот светски пробив и бум.
Фрустрацијата е уште поголема кај оние што биле сведоци и паметат колку поинаку изгледаше еден НБА натпревар порано. Во ерата на Мајкл Џордан, Лари Берд и Меџик Џонсон, НБА многу повеќе толерираше физички контакт. Дефанзивците можеа постојано да имаат контакт со играчите што ја имаат топката (handchecking), борбата за позиција и за скок во рекетот беше буквално тепачка, а судиите дозволуваа такво ниво на физички контакт што денес би довел до прекин и исклучувања на играчи речиси во секој натпревар. Ако некој таквата одбрана драстично ја пробал на своја кожа, тоа е НБА иконата Мајкл Џордан. За него тимови како Детроит Пистонс имаа развиено посебна одбранбена тактика позната како „Џордан правила“, стратегија на постојан иритирачки физички контакт, понекогаш и крајно брутален, со цел по секоја цена да се извади од колосек и да му се наруши играта. При секој обид за влез во рекетот, играчот мораше да биде подготвен за жесток одговор на одбраната. И сето тоа беше составен дел од натпреварот. Од една страна физички многу напорна, исцрпувачка игра, а од друга стриктно спроведување на правилата за чекори, носена топка, двојна игра, пивотирање, блокови… Основните правила за чиста работа со нозете беа закон. Ако играчот само малку ја помести својата пивот нога, или направи чекор повеќе, или предолго ја држи топката во едната рака, свирчето беше неумоливо.
Модерната НБА пак појде во поинаква насока. Промените во правилата од почетокот на 2000-те, посебно забраната за хендчекинг и дефанзивните 3 секунди, беа дизајнирани со цел да го отворат теренот и да ја подредат играта за што поголема офанзивна креативност. Како резултат добивме побрза, пофлуидна и офанзивно експлозивна лига. За споредба, во декадата на 90-те, за време на доминацијата на Чикаго и Џордан, просечно беа постигнувани по 101 поен по натпревар, а сега тој просек е скоро 113 ппн. Секако дека се работи за вкусови и начин на гледање на кошарката, но факт е дека модерните НБА фанови повеќе се наклонети на поголем број поени отколку на „Џордан правила“ во одбраната. Со цел да ја спроведуват оваа насока на менаџментот на лигата, судиите станаа сè потолерантни и кон прекршувања кои некогаш беа основа на кошарката. Не ретко можеме да го видиме ЛеБрон Џејмс како буквално шета по теренот држејќи ја топката во рацете. „Свирка“ – нема. Или пак Адетокумбо како во 4-5 чекори претрчува цел терен без да ја тапне топката на теренот. Во оваа смисла судиите дозволија ракометни правила во кошарката.
Оваа перцепција е уште повеќе засилена со еволуцијата на офанзивните движења. Чекорот наназад, продолжен чекор, двочекор со задршка, стартниот чекор при дриблинг или влез… уште повеќе ја замаглија линијата помеѓу дозволената и недозволената работа со нозете. Во услови на драстично забрзана игра на двете петорки и во полна брзина на играчот што го води нападот, тешко може да се следи колку долго ја држи топката при дриблинг во една рака, или што прави со пивот ногата, или дали прави „преклоп“ при водење. Во таква ситуација судиите најчесто даваат приоритет на течноста на играта, а не на строгото спроведување на правилата. Резултатот е една „сива зона“ во која играчите често ги поместуваат границите на она што технички го дозволуваат правилата.
Другата постојана критика кон судењето се однесува на недоследноста. Тренерите често се жалат дека идентични прекршоци на правилата различно се судат од една четвртина до друга, од еден натпревар до друг, од регуларните натпревари до плеј оф натпреварите, па дури во однос кон различни тимови. И играчите сѐ почесто јавно го искажуваат своето незадоволство. Во јануари годинава, Џејлен Браун беше казнет со 35.000 УСД за критика на судиските одлуки и диспаритет во слободните фрлања кои според него влијаеле на исходот на натпреварот со Сан Антонио. Ваквите инциденти воопшто не се ретки, а казните за критикување на судиите и нивниот интергритет станаа речиси рутина низ лигата. Лани НБА изрече казни во висина од 185.000 УСД на играчи и тренери за искажување незадоволство од судењето. Најголема казна доби Ентони Едвардс – 75.000 УСД, а Дрејмонд Грин нешто помалку – 50.000 УСД. И годинава тој тренд продолжува. Колку замерки на судењето имаат играчите и судиите потврдува и податокот дека до овој момент низ натпреварите од регуларниот тек беа повикани дури 1.432 проверки на одлуките (challenge), од кои 911, или 63,6% беа успешни и доведоа до промена на судиската одлука.

Иако лигата одбегнува одговори, не се малку тие што тврдат дека и комерцијалниот аспект игра суптилна, но влијателна улога. Денеска НБА ги форсира ѕвездите како никогаш порано. Младата публика очекува трипл-дабл скоро на секој натпревар од главните ѕвезди во тимовите. Младите НБА следбеници очекуваат брзи напади, рој од тројки и максимална креативност во ракување со топката. Во таква атмосфера построгото спроведување на правилата за дриблинг, чекори, носена топка, двојно водење, три секунди… би ја намалило естетската слобода што го дефинира сегашниот стил на игра. Со други зборови, во модерната НБА забавата има предност пред техничката чистота, а тоа во одредена мерка е резултат и на максималната комерцијализација на лигата.
Но, со малку побјективен пристап кон нештата, треба да се признае дека и работата на НБА судиите стана потешка. Брзината на играта е без преседан, играчите се поголеми и поатлетски развиени, сите почнаа да играат на секој дел од теренот, а со тоа судиите во исто време мора да следат повеќе ситуации, дриблинзи, блокови, контакти во рекетот, движења без топка. И сето тоа како во забрзана снимка. Технологијата, исто така, ги зголеми очекувањата и преставува дополнителен притисок за судиите. Со достапни 20-тина камери и репризи на секоја судска одлука од 7-8 различни агли, секој пропуштен фаул се репродуцира во иљадници онлајн постови и критики.
За да се надминат овие предизвици, лигата воведе нови алатки. Челенџот, иако ограничен на само еден по тим, и на само неколку видови одлуки, сепак им овозможува на тренерите и тимовите да ги оспорат судиските одлуки. Исто така и т.н. „центар за проверка“ (review center), или условно ВАР собата, има право да ги разгледа критичните одлуки во последните 2 минути од натпреварот и во продолженијата. Но технологијата, сосем логично, не може и не го елиминира незадоволството. Сосем спротивно, го интензивираше. Кога репризата јасно покажува чекори или фаул, навивачите се лути што тројца професионални судии пропуштиле да видат нешто што милиони можеле да го видат на телевизија. За нив секоја грешна одлука е интенција на судиите да оштетат еден или да форсираат друг тим. Таквата позиција на критичарите е надоградена со фактот дека во НБА судиите се извонредно финансиски наградени. Нивните плати во просек се 375.00 УСД годишно, или од 250.00 за младите, до 500.000 УСД годишно за искусните судии. Но, ова е само основната плата, оние најдобрите можат да заработат и дополнително низ плеј офот во кој надоместокот се движи од 800 до 5.000 долари по натпревар, а стигнува и до 30.000 долари по натпревар за финалната серија.

Во основа, дебатата за судењето во НБА се сведува на дебата за тоа каква треба да биде лигата. Преку судењето се манифестираат претензиите на НБА менаџментот окулу сегашноста и иднината на кошарката. Тоа што во НБА се игра сега, се пресликува на кошаркарските тенденции низ целиот свет. Во 80-тите и 90-тите акцентот се ставаше на цврстината, силната одбрана и на строгите фундаменти на кошарката. Дури и неприкосновениот лик на НБА, Мајкл Џордан, кој сеуште го држи рекородот со 10 титули најдобар стрелец на лигата, својата игра мораше ја прилагоди на овие параметри и дури 9-пати се избори за место во најдобрата дефанзивна петорка, а во 88-ма беше и најдобар одбранбен играч во лигата. Современата НБА, пак ги слави шутот од далечина, вештината во дриблингот, брзината и офанзивната креативност. Судиите стојат некако во центарот на оваа еволуција, задолжени да балансираат меѓу правилата и очекувањата за забава на глобалната публика.
Со други зборови, свирчето на судиите стана дел од создавањето на идентитетот во лигата. Ако се „дува“ премногу строго, ритамот ќе исчезне. Ако се “дува“ премногу лабаво, интегритетот на правилата ќе еродира. Помеѓу овие крајности лежи рамнотежата кон која се стреми НБА и која треба да ги задоволи традиционалистите кои бараат прецизно спроведување на правилата и со носталгија се сеќаваат на претходните децении и модерните фанови кои сакаат играта да тече без прекин со брзина на „хајлајт“ секвенци.
Љубомир Николовски












