Веднаш после изборите, откако не стана дел од Владата, Европскиот фронт се распадна. Мендух Тачи ја напушти коалицијата, Аријанит Хоџа и Скендер Реџепи-Зејд не ги гледаме во таа коалиција, а се чини дека и партиите на Ромите, Бошњаците и Турците веќе не се таму. ДУИ од ден на ден самостојно формира политички штабови, а дел од тие штабови не е ниту Алијансата на Села. Така вкупниот впечаток е дека Европскиот фронт функционираше само додека постоеше интересот на лична моќ и власт.
Овие денови гледаме дека и коалицијата Вреди се распаѓа со излегувањето на Алијансата на Таравари, а другите партии почнаа постапка за формирање на заедничка партија. Распадот на коалицијата после само 10 месеци од формирањето на Владата не е добра вест ни за демократијата, а ни за граѓаните кои очекуваат резултати од Владата за подобар живот и стандард, а не распаѓање на коалиции поради меѓусебни несогласувања.
Во демократскиот свет, помеѓу другото, постојат два вида на коалиции: кревки и стабилни.
Италија е позната по кревките коалиции, каде политичките движења се толку чести што од 1945 година до денес сме имале вкупно 65 влади, што значи дека животниот век на една влада во Италија е околу една година. Од друга страна, Германија е позната по стабилните коалиции, каде владите се формираат по внимателно спроведени преговори и каде политичкиот систем е изграден за стабилност.
И ние како меѓуетничко општество во која што постојат многу голем број на партии, сигурно треба да тежнееме кон системот на коалиции кои ја гарантираат стабилноста, а не кон системот каде коалициите се кревки и се формираат само врз основа на лични интереси за моќ и власт.
На крајот на краиштата, демократијата не се состои само од бројки, а владите во демократиите се формираат врз основа на принципи, а не на бројки. Коалициите не се само договори сочинети од бројките, туку се и политички договори кои треба да се почитуваат во име на стабилноста и непреченото функционирање на институциите. А кога тие се распаѓаат, граѓаните се чувствуваат изневерени.
Флориан Несими