сабота, 13 декември 2025
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Психологија на регуларната НБА сезона

Системот на натпреварување во НБА на некој начин е парадоксален. Секоја сезона започнува со 82 натпревари, но во свеста на играчите, тренерите и навивачите, само оние 16 до 28 во плејофот се навистина важни. Оваа длабока поделба ја одредува психологијата на регуларната сезона, која сѐ повеќе се чувствува како скапа, исцрпувачка и предолга проба за вистинскиот настан.

Последните години во НБА доминира стратегијата на т.н. менаџирање на оптоварувањето (Load management) кое не е само физиолошка, туку и психолошка алатка со сѐ поголемо значење. Наместо да биде знак на слабост на играчот, посебно на оние што се сметаат за ѕвезди и носечки фактори во своите тимови, менаџирањето на оптоварување се претвори во систем на приоритизација. Во подготовките за сезоната тренерскиот и менаџерскиот тим веќе го имаат проектирано бројот на натпревари на кои нивните главни играчи ќе настапат и периодот од сезоната во кој ќе паузираат од играње.

Играчи како Леброн Џејмс, Каваи Ленард, Џоел Ембид, Џејмс Харден сезоната ја започнуваат со перцепција дека нивната најголема вредност и придонес не е во тоа колку често играат, туку колку се свежи, продготвени и експлозивни кога е најважно. Со други зборови, емоционалната инвестиција на ѕвездата во текот на сезоната е резервирана за април, мај и јуни. Дополнително и за некои „дерби“ натпревари со традиционалните ривали и евентуално натпреварите во кои се одлучува нивната плејоф судбина.

Но, колку и да има логика во конструкцијата на ова менаџирање во клубовите, ефектите од него полека стануваат сосема спротивни. Кога навивачите плаќаат скапи влезници да гледаат натпревари во средина на јануари, а ѕвездата на тимот седи на клупата поради „контрола на оптоварувањето“, нормално е да се чувствуваат измамени. Ова создава цинизам кај навивачите и ја девалвира секоја „рутинска“ средба во текот на регуларниот дел од сезоната. Од тој аспект, навивачите веќе почнуваат да го гледаат секој натпревар како потенцијален ризик, дали натпреварот е доволно важен да се инвестираат просечно по 100 УСД од влезница, да се инвестира емоција и време, а за тоа да не се добие очекуваното? Одговорот сѐ почесто е негативен.

Од друга страна, со сознанието дека имаат право на „одмор“ во текот на сезоната, НБА ѕвездите несвесно ја намалуваат потребата да дадат 100% во секој натпревар. На овој начин секако се добива посакуваниот ефект на зачувување на енергијата и свежината, што од тимски аспект е корисно, но бездруго е лошо за интегритетот на лигата.

Свесна за падот на интересот и монотонијата во средината на сезоната, НБА воведе „Турнир во сезоната“ или „Сезонскиот турнир“ (In-Season Tournament). Ова е директен одговор на НБА менаџментот на фактот дека 82 натпревари се премногу и дека на тимовите им е неопходна дополнителна „вештачка“ мотивација за да обрнат поголемо внимание на натпреварите во ноември, декември, јануари… Идејата е да се создаде „вештачка драма“ со нов трофеј, нови униформи и теренски дизјан, но и големи награди и парични бонуси. Сѐ со цел да се крене интересот кај сите, клубовите, играчите, навивачите и со тоа да се понуди еден вид „сезона во сезона“. Мотивацијата за директните актери е астрономска. Оваа сезона Турнирот има финансиски буџет од преку 30 милиони долари, кои се распоредуваат исклучиво на играчите и тренерите. Играчите и тренерот на победничкиот тим ќе добијат секој по скоро 515.000 УСД, финалистите по 206.000 УСД за секој учесник, полуфиналистите по 103.000 и 1/4-финалистите по 51.500 УСД секој. Психолошки, ова е обид да се префрли менталниот фокус на играчите од долгата маратонска сезона кон краток, спринтерски турнир и секако да се крене интересот за масовна посета на натпреварите од навивачите.

Но, критичарите поставуваат едно легитимно прашање: Ако In-Season Tournament е потребен за да се зголеми интензитетот и интересот кај играчите и гледачите низ средината на сезоната, што се случува со интересот и интензитетот за останатите 60-тина натпревари во текот на регуларниот дел? Почетокот на секое првенство традиционално привлекува внимание за да се согледаат и проценат можностите на екипата со новите играчи и тренери. Тоа важи и за финишот во кој тимовите се борат за конечниот распоред на табелата пред доигрувањето. Но, за поголемиот дел од првенството лигата индиректно, посебно со сезонскиот турнир, признава дека интересот драстично опаѓа. И не само кај гледачите туку, поважно, и кај играчите. Индиректно НБА потврдува дека сезоната е предолга за да одржи висок степен на интерес и дека голем дел од нејзиниот производ е тоа што го нарекуваат “содржина за пополнување“ (filler content) или според дефиниција: “материјал/содржина што е непотребна, не служи за вистинска намена и се додава за да се пополни просторот или времето“.

Од друга страна, менаџирањето на заморот/оптоварувањето не е манипулација и измислица на некои од 20-те советници, тренери, психолози, експерти… што ги има секој тим. НБА е 24/7 медиумска машина. Играчите се постојано под лупа, нивните лични животи се анализираат, а секоја грешка е вирална на социјалните мрежи. Ова континуирано ментално оптоварување води до висок степен на ментален замор. Голем број играчи, посебно оние насочени кон освојување на титулата, во рутината на патувањата, тренинзите и натпреварите не гледаат некое екстремно значење за конечната цел. За нив тие се само едно големо психолошко исцрпување. Како што изјави во една прилика Тим Данкан, тие се “чувствуваат како да се на лента за трчање, постојано трчаат, но не стигнуваат никаде – сѐ додека не започне плејофот“.

Од овој аспект, Load management не се однесува само за „колената“, туку, можеби повеќе и за „главата“. Одморот не е само физички, туку и психолошки. Тоа е одмор од постојаниот притисок за максимален учинок, од медиумската бучава и од потребата постојано да се биде во улогата на „идол“.

До пред една, една и пол деценија, резултатот од 72 победи и 10 порази или 65-17 беше неспорен симбол на доминација. Денес, проекцијата е поинаква. Тим кој ќе го заврши регуларниот дел од сезоната со 55 победи, но е исцрпен, се смета за полош од тимот со 50 победи, но целосно подготвен за плејофот. Психологијата на НБА сега функционира на начин што резултатот на крајот на јуни е единствената валута што е важна. Овој ментален пристап го девалвира резултатот остварен по 82 натпревара. Тој веќе не е некоја примарна цел, туку се претвора во средство за постигнување цел. Со менаџирањето на заморот тимовите веќе не се стремат кон историски резултат низ редовната сезона, туку кон резултат доволен да им обезбеди удобно место во плејофот. Ваквиот пристап во голема мера е инициран и од психолошкиот профил на НБА ѕвездите. Во 90-тите, за Мајкл Џордан секој натпревар беше војна и борба на живот и смрт. Денес, ѕвезди како Леброн Џејмс не прифаќаат таков пристап. Тие поразот, некои од нив дури и во плејоф-от, не го доживуваат како “прст во око“, туку како нешто нормално и во тој стил продолжуваат понатаму. Сезонскиот турнир не беше потребен претходно бидејќи пристапот кон секој натпревар на тимовите и најдобрите кошаркари имаше една сосем поинаква  димензија.

Денес, натпреварите од реголарниот дел од сезоната, од маратонска трка за резултат и пласман во доигрувањето, се претворија во серија спринтови по доволен број победи.

Пред НБА стои загатка од чие решение во многу зависи и финансиската иднина на лигата: Како да се врати значењето на секој од 82-та натпревари од регуларниот дел? Додека тој проблем не се реши, можеби дури и со драстично намалување на бројот на натпревари, НБА ѕвездите ќе продолжат да ја третираат редовната сезона како долго и не така важно патување.

 Љубомир Николовски

КОЛУМНИ

Билјана Ванковска

Огледалце, огледалце мое: Трамповата Стратегија за национална безбедност и американските илузии

Далибор Ступар

Зошто Србија толку многу се плаши од Русија?

Илина Мангова

За системски, наместо проектен, пристап кон државата

Ристо Цицонков

Мигранти заради климатски промени

Јове Кекеновски

Што мора да следи по конгресниот говор на Мицкоски?

Братислав Димитров

Врата на тишината

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ