На Први мај, во 16 часот по локално време, познатиот и контроверзен политиколог Френсис Фукујама требаше да учествува на трибина со наслов „Иднината на демократијата“ како гостин на Орегонскиот универзитет. Негов соговорник беше извесен Лери Дајмонд, инаку обајцата виши научни советници при Институтот за меѓународни студии „Фримен“ при Универзитетот „Стенфорд“.
Трибината започна со – мошне важното и коректно – појаснување на Фукујама дека „демократија“ и „либерализам“ не се идентични поими: имено, либерализмот има своја демократска компонента, која треба да осигура дека при владеењето е земена предвид народната волја, и правна компонента, која е процедурален систем на институционална контрола („checks and ballances“) кој треба да осигура дека поделбата на власта функционира и да спречи авторитарни тенденции.
На тоа се надоврза „извесниот“ Лери Дајмонд, кој на прашањето за тековните закани за демократијата ги каталогизираше познатите болки на либералите: „МАГА“ – движењето и Програмата 2025 и нивните авторитарни тенденции (притоа, за разлика од прецизниот Фукујама, Дајмонд не понуди теориско образложение и дистинкција во врска со поимот на авторитарното), укинувањето на „УСАИД“, имигрантските политики и реформите во гласачкиот систем (воведувањето на приложување на документ за идентификација како неопходен предуслов да се гласа, што не е случај во САД). Потоа продолжи со вообичаеното ламентирање на либералите за руски „замешателства“ и Виктор Орбан, тенденцијата на „отклонување од демократијата“ – при што со последното имплицитно ја нивелираше или во најмала рака ја релативизираше дистинкцијата што Фукујама ја повлече на почетокот.
Велам, трибината требаше да се одржи, бидејќи токму кога Дајмонд почна да говори за растечката нееднаквост како еден од поводите за ова „демократско отклонување“, во салата упаднаа додипломските студентски работници, кои само два дена претходно, на 28 април стапија во генерален штрајк поради понижувачките „зголемувања“ на платите кои Орегонскиот универзитет им ги понуди, но и севкупниот третман од универзитетската бирократија. Замислете – каква само коинциденција: академски либерал беседи на Први мај за економска нееднаквост, кога ете ти ги оние, кои de facto се засегнати од истата како упаѓаат во салата!
Е сега, интересно е да се набљудуваат реакциите на присутните, почнувајќи од гостите-беседници, организаторите, па сè до слушателите. Фукујама си остана лежерен, смирен, спокоен. Тоа не беше случајот и со Дајмонд, кој, соодветно со подиумот на кој беше искачен, се обиде да им појасни на студентите дека, еве, токму сега го адресираат прашањето за нееднаквоста. Е, па, ние го живееме, беше гласниот одговор на студентите-работници! Потоа следеа неколку нивни сведоштва, придружени со гласни скандирања и ѕид од студенти меѓу беседниците и публиката. Некои од организаторите, меѓу нив една асистентка (веројатно при Катедрата по политички науки) се обиде да им појасни на студентите дека ова е „важна дебата“. Еден друг, најверојатно, асистент, им свика „одете си!“. Потоа следеа мешани реакции од публиката, спуштени палци, иронични гестикулации и гримаси на шефицата на Катедрата по политички науки… Студентите, меѓутоа, останаа бескомпромисни: „да, и ние би сакале да ја слушаме оваа важна дебата, да и ние би сакале да сме дел од овој академски живот, но овој Универзитет не ни дозволува! Бидејќи ни нуди плати со кои не можеме да си ги платиме сметките, да си ги подмириме основните животни трошоци, а мораме да работиме осум часа!“
Тогаш Дајмонд, кој очигледно веќе не можеше да трпи студентаријата да го засени неговиот либерално-дијамантски академски сјај, вехементно го напушти подиумот, велејќи: „Доста е! Нема да го трпам ова!“
И ете ја! Ете ја таа карактеристична либерална и неолиберална надменост на елитите, кои не се само финансиски, туку и академски! Ете го тој теолошки став, дека само нашиот дискурс е исправен, а ако сметате дека тој е погрешен, или макар и се сомневате дека има сериозни недостатоци, тогаш вие сте неразбрани, неуки простаци, кои само треба да ги чистат нашите тоалети, да ги тркалаат нашите колички за пазарување назад на место… Ете ја таа отсеченост на хуманистичките и политичките „науки“ кои ги штитат елитите (на кои и тие им припаѓаат), подражавајќи притоа „рационалност“, па дури и бунтовност, произведувајќи сè поопскурни дискурси како сурогат за социо-економската стварност, кои и(ли) го легитимираат постоечкиот поредок, и(ли) го одвлекуваат вниманието од насушните егзистенцијални проблеми кои го засегаат populus-от (оттаму и нивната дефектна употреба на поимот „популизам“ и латента нетрпеливост и презир спрема она што тој изворно го означува, имено, народот), а кои се генерирани од економско-финансиските елити, кои отсекогаш биле миленици на либералите.
Ете ја таа теологија на либерализмот: исто како што догматското христијанство ќе стори сè, ќе произведе најфантастични теолошко-метафизички спекулации, сè со цел да го осуети и самото поставување на прашања „а што ако Бог згрешил?“, „а што ако учењата на Црквата се бесмислени?“, така и либерализмот одново и одново ќе произведува легитимизирачки („индивидуализам“, „слободен пазар“) и антагонизирачки (раса, род) дискурси. Криви се неуките „сељаци“ („rednecks“), крива е злата руска пропаганда (а за замешателствата на УСАИД, кои во меѓувреме се докажани и документирани и со сведоци – штурци!)… Само сакросанктните идеолошки постулати на либерализмот, „слободниот пазар“ и „правната држава“ никако не смеат да бидат криви. Тие, како и секоја метафизичка догма, мора да важат a priori и се безмалку издигнати над секое критичко преиспитување: дебатата веќе се има претворено само во pro forma, во симулакрум на критичка мисла, а аксиомите за идната академска и граѓанска паства се однапред подготвени и дисеминирани преку симпозиуми, конференции и најниската еманација на дискурсот – „дебатните“ емисии како pars pro toto за „медиумската слобода“. За неистомислениците постои „кансел-културата“, која всушност претставува обид за социјално убиство на неистомислениците и гласните критичари.
Меѓутоа, како што покажа реакцијата на некои од академските либерални перјаници на орегонскиот симпозиум (секоја чест на Фукујама тука), кога истиот тој либерализам го искусува сопствениот лек на своја кожа – и тоа на многу покоректен начин и со многу појак мотив – доаѓа до израз неговата вистинска природа, а тоа е природата на секоја херемонија: ароганција и потиснување. За либералните академски теолози, нееднаквоста е само (не)згоден поим, означител, предмет за спекулација, збирштина од дискурси со кои се жонглира во академски студии, статии и монографии со кои се добива академска титула, се стекнува социјален авторитет (кој потоа штедро се користи од подиуми), за на крај комфорно да се симулира нон-конформизам со солидно месечно примање и издигнат социјален статус.
Што навистина е нееднаквоста? Тоа е кога ве боли. Кога трпите болки, а немате лек, не затоа што не постои, туку затоа што не можете да платите за него. И мора да трпите. Да умрете, можеби. Како добри либерални верници. Тоа е кога спиете во смрдеа, кога се помирувате со сопствената гнасотија при секое легнување во вреќата за спиење (доколку некој не ве избрка), но не затоа што сте гнасни по природа, туку затоа што од вашата месечна плата, како што Рацин тоа го кажал поелоквентно од Харвард, Оксфорд и Сорбона на купче, „банки подигнаа палати“. Тоа е кога не можете да си дозволите пристојна и здрава храна. Или било каква храна. Па гладувате. И да, ве боли. Згора на тоа имате мачнина, па дијареа. Па полудувате. Клинички. Кога ви шетаат бубашваби по болничките соби. Место љубезен и добро платен медицински персонал. Или место каков било медицински персонал.
Тоа е кога сте сведен на инструмент на Капиталот, „човечки ресурс“ чие постоење е сведено на умножување на профитот, алатка која произведува и која потрошува, а кога веќе не може да биде (зло)употребувана – е фрлена во ѓубре. И тоа се нарекува „правна држава“. И тоа мора да биде така, зашто како што Господ мора да се пресмета со „Нечестивиот“, „слободниот пазар“ мора да се пресмета со „непријателите на демократијата“, либерализмот мора да ја доживее својата оргазмична катарза во манихејската пресметка со „популизмот“.
Тоа е кога и покрај тоа што вие сте оние кои произведуваат сè, вие живеете на кредит, а од вашиот труд живеат само „индивидуите“, кои според либерализмот се поистоветени со „иновативните“ претприемачи. Никој, патем, не ја побил успешно тезата на Маркс дека овие „иноватори“ во основа се лопови, односно дека живеат од узурпирањето на додадената вредност која произглегува од трудот на работниците. Впрочем, тоа го велеше и „таткото на слободниот пазар“, Смит, единствено не го нарекуваше „узурпација“, иако уште пред повеќе од два века ја предвиде опасноста од капиталистичкиот деспотизам со зачудувачка далековидост во „Богатството на нациите“.
Тоа узурпирање е канонизирано од „правната држава“ на либерализмот, од неговите процедури, кои никогаш не ја штителе „волјата на народот“ туку волјата на имателите на Капиталот. Капиталот, со големо „К“ тоа е (нео)либералниот бог кој не смее да биде оспорен. Токму во тоа тврдоглаво, иритирачко игнорирање на автентичните и насушни егзистенцијални прашања, замената на стварноста, пред сè социо-економската стварност, со сè потехнифицирани, понепровидни и најважно, егзистенцијално сè понерелевантни „дискурси“ (ви значи ли нешто „културната апропријација“?), грижливо произведувани и култивирани во академски и тинк-тенк лаборатории кои функционираат како кули од слонова коска, запечатени од сите страни за да не ја пропуштат оптшонародната и општочовечка темнина внатре, во дискурзивно стерилизираните синтетички градини на либерал-капиталистичкиот рај – токму таму треба да се бараат причините за подемот на авторитаризмот и тоталитаризмот: тие не дошле некаде од надвор во либералната градина, тие СЕ либералната градина, која е на пат да се прождере самата себеси, растргната од сопствените противречности! Не е воопшто случајно, туку е системска правилност тоа што феноменот на банкротот на цели држави станува вообичаен со појавата на либералниот капитализам во XIX век, ниту пак е случајно тоа што тоталитарните режими се појавуваат со тој феномен. Еден реален систем, какви што се општеството и државата, кој во (нео)либерализмот се засноваат на „метафизика“, т.е. на растечки расчекор помеѓу материјалната стварност и нејзината ограниченост од една страна и нематеријалната вредност (пари, финасиски капитал) која е неограничена и при тоа функционира како референтна, нормативна вредност во однос на ограничениот елемент на системот (ресурси, работна сила итн.) и го оптеретува над неговите реални можности е неминовно осуден на имплозија бидејќи нема покритие за самоодржливост – оттука феноменот на долгот и на банкротот.
При тоа, тука воопшто уште не станало ни збор за етичкиот и психолошкиот аспект на проблемот, како што се експлоатацијата, сиромаштијата, угнетувањето, отуѓувањето! Кога, пак, ќе се земат предвид и овие два аспекта, доаѓаме до тоталитаризмот како израз на целосен општествен банкрот, севкупен банкрот на системот, каде што сите етички принципи најпосле ја изгубиле секоја преостаната вредност, бидејќи повеќе не се способни да понудат психичко и когнитивно покритие за состојбата на системот и се преобразуваат во сопствената спротивност, слично како што прогресивната либерал-капиталистичка држава по системска нужност завршува со банкрот.
Најпосле, во тој контекст вештачката интелигенција не е ништо друго, освен обид на (нео)либерал-капитализмот да го надмине реалните – и многу важно – етичките ограничувања кои му ги поставува работната сила. А што мислите, што ќе се случи кога најпосле ќе станеме заменливи? Кога ќе нема РЕАЛНА потреба од закони и „правна држава“ како тензичен, неправеден, но сепак каков-таков компромис помеѓу либерал-капиталистичките елити и оние кои го произведуваат нивниот капитал? Кога Капиталот веќе ќе нема реален интерес да легитимира и одржува во живот (псевдо)морални системи кои гарантираат макар и неповолна и привремена одржливост на општеството, бидејќи можностите на машината ќе ја заменат и работната сила, воено-полицискиот, па дури и дискурзивниот апарат (веќе се користи вештачка интелигенција како замена за адвокати!)? Не треба реално да стравуваме од преземање ОД вештачката интелигенција, туку од преземање ПРЕКУ вештачката интелигенција, или од алгоритамски тоталитаризам!
А, да… Не знам дали трибината после студентскиот протестен упад сепак продолжи или не, бидејќи го прифатив аргументот и повикот на студентите-работници кои штрајкуваа, дека сè додека нивните основни социо-економски потреби се игнорирани од Универзитетот, вакви трибини немаат смисла и треба протестно да се напуштат!
Драги студенти, по македонски кажано, излеговте на тераса! Секоја чест.
Филип Клетников
(Авторот е докторанд на Катедрата за германистика и скандинавистика при Орегонскиот универзитет во Јуцин, САД)