недела, 28 декември 2025

Провинцијален авторитаризам во Лерин

Забраната за изведба на македонска народна песна на јавна празнична манифестација во Лерин претставува отворен чин на културна цензура и сериозно кршење на основните човекови и културни права. Во 21 век, во држава членка на Европската Унија, да се забрани песна исклучиво поради јазикот на кој е испеана е недозволиво и поразително за демократските вредности.

Објавено на

часот

Сподели

Овој инцидент добива уште поголема тежина ако се има предвид дека се случува по потпишувањето на (толку фалениот од сегашната македонска опозиција) Преспански договор. Се наметнува логично и загрижувачко прашање: како е можно во држава членка на ЕУ, јазик кој е признаен на меѓународно ниво да биде забранет на локален културен настан?

Македонската народна песна и македонскиот јазик се автентичен и жив дел од културното наследство на Леринско, Костурско и Воденско, како и на целата територија на Егејска Македонија. Тие не се политичка провокација, ниту закана за јавниот ред, туку културен израз на луѓе кои со векови живеат на овие простори. Обидите за нивно замолчување/стишување претставуваат продолжение на политики на негирање и асимилација кои одамна требаше да останат во минатото.

Особено загрижува фактот што ваквата забрана доаѓа од страна на локалната власт, градоначалникот, институција што треба да ги обединува граѓаните и да ја негува културната разновидност, а не да ја потиснува. Наместо порака на соживот и почит, тој испрати порака на страв, нетрпеливост и провинцијален авторитаризам. Градоначалникот не е сопственик на јавниот простор, ниту судија за јазикот и идентитетот на граѓаните. Јавната функција не дава право на цензура, туку носи одговорност за еднаквост и почит. По овој срамен чин, сите оние кои мислат дека можат да замолчуваат култура злоупотребувајќи ја функцијата, треба да знаат дека тие не се над законот, над правдата и над правата на граѓаните и таквите мора да се соочат со срамот и да бидат санкционирани.

Лично сметам дека ова не е изолиран испад, туку дел од опасна, тајно договорена шема за толерирање на дискриминација на локално ниво. Молкот на надлежните институции ја охрабрува ваквата пракса и создава реална опасност таа да прерасне во систематска тенденција. Власта во Република Грција, која ја претставува својата држава како демократска и европска, не смее да толерира забрана на јазик и култура и да продолжи да молчи. Таа мора веднаш и недвосмислено да ја пресече и да ја санкционира.

Затоа јавно прашувам зошто цела недела молчат надлежните институции во Грција, но истовремено ја повикувам Европската Унија, европските институции и организациите за човекови права внимателно да го следат овој случај и соодветно да реагираат, бидејќи почитувањето на јазичните и културните права не е формална обврска, туку темелна европска вредност.

Песната не е злосторство.

Јазикот не е закана.

Забраната за промоција и негување на сопствената култура и традиција преку мајчиниот јазик е голем и сериозен проблем и цивилизациски пораз за оние што ја наметнуваат.

Јове Кекеновски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ