Како да е секаде околу нас тежина, како магла која трае и притиска, а ние се чувствуваме тромо и ѕуриме тапо пред себе. Желбите се далеку и ни се чинат недостижни, како да постои само тежина која налегнува и притиска, а ние се смалуваме и повлекуваме за полесно да ја трпиме. Се повлекуваме во своите мисли и живееме во фантазијата, единственото место каде преземаме иницијатива и акција, бидејќи акција кон надвор нема, освен изнудена. Како сé да станало „морам“ и „треба“.
Прокрастинација не е мрзеливост, иако личи на неа
Гледано од страна, делуваме како да не работиме ништо, неефикасни сме и споро подвижни. Затоа околината и стекнува впечаток дека сме незаинтересирани, невклучени, дека не правиме ништо, дека губиме време и дека не знаеме што со себе или – дека сме мрзеливи. Што и не е чудно бидејки прокрастинацијата и мрзеливоста имаат слична појавна манифестација – ние не правиме нешто што од нас се бара или очекува по логика на нештата. Тоа видливо отсуство на ангажман и конкретна акција која околината од нас ја очекува е заедничко и на одложувањето и на мрзеливоста. Она што суштински ги разликува е внатрешниот процес – личноста која е мрзелива е незаинтересирана, нема волја, желба или интерес нешто да направи, додека личноста која прокрастинира ги одложува своите акции и покрај волјата, желбата и интересот.
Тоа одложување е последица на внатрешна блокада и заглавеност која ја чувствуваме и за која постои и вербална манифестација во нашиот говор – кога прокрастинираме често изговараме: „се чувствувам блокирано“, „заглавен сум“, „заблокирав“.
Разликување на прокрастинацијата од мрзеливоста е важно и од уште две причини – разбирање и добивање на подршка. Во нашата култура, мрзеливоста не се прифаќа туку се критикува, отфрла и осудува. Прокрастинација не е мрзеливост, иако личи на мрзеливост по својата надворешна манифестација. Прокрастинација не е мрзеливост, туку одложување кое бара подршка да би излегле од него. Прокрастинација е желба заплеткана во внатрешен отпор, стрепење или тежнеење кон совршенство. Центрипетална и центрифугална сила, со приближно еднаква јачина, вперени една против друга кои резултираат со застој. Кога прокрастинираме го правиме тоа при полна свесност и чувство на вина бидејќи знаеме што правиме.
Прокрастинацијата резултира со интензивна непријатност, континуиран и пролонгиран стрес, чувство на неуспех, расклатени релации со околината и отсуство од сопствениот живот. Ретко кога помалку го правиме она што го сакаме отколку кога одлагаме. Ретко кога толку го кочиме својот развој, ја срозуваме својата самодоверба и ги расипуваме релациите со околината повеќе отколку кога прокрастинираме. Ретко кога сме поотсутни од нашиот живот отколку кога сме „на пауза“ од него. Прокрастинација е „не сега“ на животот, бидејќи „сега“ е единственото време кое го имаме. „Не сега“ е илузија на подготовка и собирање на енергија. „Само уште ова па ќе го направам она“ е илузија дека се оснажуваме и дека на себе си овозможуваме некое мало задоволство кое ќе ни помогне да го издржиме она кое го одложуваме.
Прокрастинација и гешталт терапија
Низ призма на гешталт терапијата, прокрастинацијата можеме да ја посматраме во контекст на прекинување и повлекување од контактот со околината и преусмерување на енергијата кон внатре наместо кон надвор. „Како го прекинувам контактот со околината?“ „Што е она со што не сакам да бидам во контакт?“ Ова се некои од прашањата кои можат да ни помогнат подобро да се разбереме себе и да станеме свесни што правиме. Уште едно прашање кое може да ни помогне сами на себе да си станеме појасни е прашањето „Од што се штитам?“ – бидејќи обично не ги одложуваме работите во ситуациите кога се чувствуваме сигурно и во кои очекуваме пријатност. Тоа ни кажува дека одложувањето често може да има и заштитна функција и дека на тој начин се штитимо од ранливост, критика и чувството на неуспех.
Прокрастинација е феномен и затоа е важно така и да ѝ пристапиме. А тоа значи да ја истражиме и да откриеме која порака нашето одлагање ја има за нас, а таа порака е за секој од нас индивидуална. Тоа е воедно и пристапот на Гешталт терапијата, истражувачки. Да го истражиме сопственото однесување кое однадвор може да изгледа као мрзеливост, но не е мрзеливост, туку одложување на акцијата. Тука спаѓаат и сите наши однесувања кои имаат функција на прокрастинација, кои можеме да ги забележиме и препознаеме. Некои од нив можат да бидат и многу креативни, некои и друштвено одобрувани и поддржани, а сепак да се во функција на прокрастинација. Тоа се сите наши однесувања кои не ни донесуваат олеснување туку само пролонгирање на недонесување на одлука и траење на тежината која нé притиска.
Баш затоа што прокрастинацијата често се поистоветува со мрзеливост, лоша организација или „развлекување“, може да се случи околината, во зависност од своите очекувања, да ни упатува критики со кои тешко се носиме и кои можат да имаат спротивен ефект – уште повеќе да прокрастинираме со цел да се заштитиме. Токму затоа што критиката често не ги дава саканите резултати, потребна ни е подршка и разбирање. Подршката и разбирањето создаваат топла и подржувачка атмосфера и простор за истражување. Истовремено, очекувањата од околината често можат да бидат и своевиден тест на реалноста, те да се тие очекувања и замерки вкоренети во реалноста и затоа е важно да ги земеме во обзир и истражиме. Конечна цел е да го обновиме текот на својата енергија, да откриеме каде и како запнуваме, да воспоставиме равнотежа и да излеземе од прокрастинацијата.
Кристина Пота Радуловиќ
психотерапевт, клинички психолог и гешталт терапевт











