Од дипломатската торба
Премиерот Ковачевски покажа елементарно непознавање, кога вчера, во очигледна намера да го минимизира неговото значење, пежоративно го нарекол првиот заменик на претседателот на Владата Артан Груби „само вицепремиер“.
Од овие два збора, добар дипломат може да извлече два силни заклучоци, како за премиерот, така и за надобудниот заменик премиер, макар тој да бил и прв, пред неколкумината други заменици премиери. Првиот заклучок е за недостатокот на елементарната политичка култура и писменост на премиерот, а вториот за наивноста и веројатно оскудното образование на неговиот „прв“ заменик.
Да тргнеме по ред. Мојот прв заклучок е дека премиерот очигледно брка поими, односно меша две различни титули. Вицепремиер и заменик премиер, како што официјално поимот се користи во Владата. Или можеби смета дека тоа е исто. Да погледнеме што овие два поими значат:
Префиксот ВИЦЕ го апострофира елементот на СЛЕДНИОТ по ранг или авторитет, по определена личност, која што му е надредена. Има повеќе примери за тоа, како што се на пример вице-претседател, вице-адмирал или пак вицерој, кој што од името на суверенот владее со некоја колонија. Лицето со титула што започнува со „вице“ (претседател, адмирал, суверен) работно е под претседателот, адмиралот или суверенот, но неговата работа е различна и не зависи од нивната. Особено важно е да се истакне дека тоа лице по правило не е овластено да делува од името на претседателот, адмиралот или суверенот.
Зборот ЗАМЕНИК пак нагласува дека определената личност е делегирана или назначена да делува за или во интерес на неговиот надреден. Значи, се однесува на луѓе со понизок авторитет и најчесто се користи во светот на бизнисот. На пример заменик менаџер, заменик шериф и слично, но може и да се однесува и на повеќе луѓе на една иста позиција, како што е случај со нашата Влада. Заменик е некој што својот авторитет го добива од неговиот шеф и кој што работи за шефот. Типично, неговиот делокруг на работа всушност претставува еден дел од работата на неговиот шеф.
Веројатно поради сѐ погласните забелешки во јавноста дека Груби е всушност вистинскиот шеф, Ковачевски се обидел да го омаловажи својот „прв“ заменик, со изразот вицепремиер. Но, на овој начин тој всушност го „унапреди“ Груби во повисока функција од актуелната. Од друга страна, тој го употреби и зборчето „само“, што во ваков контекст е контрадикторен, нема никаква смисла и само ја покажува дупката во неговото образование и лошо прикриената намера за омаловажување.
Мојот втор заклучок е дека наивноста на првиот заменик на Ковачевски, Артан Груби, а по сѐ изгледа и дупките во знаењето, се огледуваат во фактот што ни тој не ја разбира разликата помеѓу „вице“ и „заменик“, па радувајќи се на обландата дека станува „прв“ заменик, ја пропуштил можноста да избоксува посилна функција, со префиксот „вице“. Можеби затоа што во политичката арена не се снаоѓа како на гужвите на Кале.
Во политиката такви примери има многу, а еден од најпознатите е Камала Харис, вице-претседателката на САД.
Драги читатели на колумната „Од дипломатската торба“ ви посакувам среќна Нова 2024 година, а на македонската дипломатија и пожелувам да опстои во овие тешки времиња и да се избори за својот дигнитет и авторитет.
Амбасадор Зоран Дабиќ