среда, 18 јуни 2025
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Пoчеток или крај на војната на царините?

Трпението, промисленоста и шаховскиот начин на размислување на кинеското водство уште еднаш ја покажаа својата предност. Дури и еден од најстарите неделници во светот, британскиот конзервативен „Спектатор“ ќе излезе со насловна статија чиј наслов кажува сè: „Кина победи во трговската војна со Трамп“.

Ја забележувате фината порака меѓу редови? Во оваа во старт не само непотребна, туку и нерамноправна битка, од едната страна стои држава, а од другата каприциозен и не многу мислечки лик како претседателот Доналд Трамп. Реакциите во американската и западната јавност по женевските преговори, кои не траеја долго и завршија „успешно“ (како што официјално заклучија двете страни), се речиси едногласни: шарадата и „Денот на ослободување“ на Трамп завршија со негово предавање, а не со победа над Кина. Тукушто минаа првите сто дена од неговиот втор мандат, а Трамп е на жесток удар одвнатре. Ништо од тоа што го вети не оствари, а уште полошо штетата што ја нанесе на сопственото општество (па дури и на олигархијата и бизнисите) е непоправлива. За разлика од малите вазалски држави, како Македонија, во кои американските и европските амбасадори прават црни листи на корумпирани високи личности, во САД се мижи со отворени очи за приватните зделки и нескриениот конфликт на интереси на претседателот и неговата фамилија (и буквално и метафорично) во преку 20-на држави во светот. Најновата вест е за донација/подарок од Катар во вид на Air-Force One, најскап и најлуксузен авион за потребите на Трамп, кој ќе заврши во неговата (идна) претседателска „библиотека“.

Иако некои западни земји (Британија, меѓу првите) веќе капитулираа пред каприците на Трамп, а ЕУ сè уште се подготвува за преговори да добие подобар третман од САД, првата добиена битка на Кина е огромно охрабрување за светот. На насилниците не им е место во меѓународниот економски поредок. Се разбира, Кина е Кина, и не секој може да ги следи нејзините стапки и потези, но може да учи. Може да не се истрчува, може да чека поголемите пред него да го отворат патот. Кај Трамп и онака ништо не е сигурно и предвидливо; наутро мисли едно, до вечерта стопати ќе го смени умот. Парадоксално е секако што Никсон беше тој што ѝ ги отвори портите на Светската трговска организација на Кина, а денес таа како да го брани тој поредок, кој е хардкор неолиберален и нефер економски систем. Но, како што велат некои мои пријатели економисти од западната левица, СТО е подобро решение за некакви меѓународни правила одошто џунглата и дарвинизмот на Трамп. Но, ова не е време за еуфорија, бидејќи Кина (која долго време го предвидуваше ова и се подготвуваше за одговор, дури и со опција која подразбира целосно потпирање врз своите сили) само ја доби првата битка. Не само Трамповата администрација, туку генерално американската (и западната) политика, на Кина гледаат како на примарен (економски) ривал, ако не и непријател. Тензиите нема да запрат тука, на првиот пораз на Трамп. Прашање е само каде и со какви средства ќе продолжат. Едната опција на која типуваат е старото „добро“ притискање на помалите и позависните земји целосно да ги прекинат економските врски со Кина. Со други зборови, ќе бараат заклетва на верност и определување според авторитарната логика „ако не си со нас, тогаш си против нас“. На оваа точка ќе се види кој е вистинска држава која си ги гледа националните интереси (дури и ако е мала), или не е.

Самоповредувањето, предизвикано од непромисленоста на Трамп (благо кажано), ќе ја чини американската економија многу и во иднина. САД веќе не се кредибилен партнер, тие се како во приказната за баба Марта со сто ума. Бизнисот бара сигурност и предвидливост. Сепак, најголемиот удар веќе го чувствуваат најсиромашните – парадоксално, и оние кои гласаа за Трамп верувајќи дека е „пријател на народот“. За жал, американските граѓани не се сензитивизирани доволно на ужасните последици од надворешната политика на нивната држава, па отпорот кон милитаризацијата и империјалниот марш не ги засегаат многу. Почувствителни се кон сопствениот домашен, семеен буџет. И можеби затоа овој претседател е шансата да се разбудат, па дури и да погледнат зад плотот. Зошто Кина не вреска како Трамп? Зошто кинеските граѓани живеат подобро и побезбедно од нив? Што значи кога градиш и вложуваш во колективното добро, наместо во кликата на олигарси (меѓу кои е и дел од политичкиот врв)? САД (и остатокот од Западот, се разбира) имаат уплав од успехот на Кина – не кон надвор, туку дома. Кина е сè што тие не се, во насока на елиминација на сиромаштијата, посветеност на иновациите и образованието како движечка сила, обновлива енергија и грижа за екологијата (т.е. за иднината). Притоа, кинеската надворешна политика не е наметлива, но е убедлива. Кина не сака (само)изолација; напротив, таа сака градење мостови и соработка од која сите вклучени страни ќе имаат полза. Од друга страна, ова е редок пример на нација која без двоумење им покажа на САД дека нема да дозволи понижувања, закани и насилство – и возврати со иста (економска) мерка.

Додека ние со Бугарите се расправаме за „споделена историја“, Кина има стратегија на „споделена иднина и заедничко човештво“. Се разбира, за овие зборови „факт-чекерите“ и оние неколку НГО и тинк тенкови кои се занимаваат со „штетното влијание на Кина врз регионот“ можат веднаш да ме стават на црна листа. Тие се дел на западната армија која е преплашена од добри практики и примери дека светот може да биде поинаков.

За меѓународната левица задачата не е завршена сè додека доминира сегашниот систем на правила во размената и меѓународната економија, кој сепак се држи за СТО и неолибералното сфаќање на глобализацијата. Во изминатиот период, се чини само Јанис Варукафис навлезе подлабоко во суштината на проблемот, правејќи извонредна анализа за потеклото на американскиот дефицит низ системска анализа (не само обвинување за недомаќинско работење и алчноста на американските олигарси). Корените тој ги посочи во капитализмот, но и историските констелации уште од крајот на Втората светска војна, кога САД всушност стануваат супер сила благодарение на воените придобивки кои потоа ги шират со Маршаловиот план (градење на толку потребен пазар заради сопствена економска полза). Кризата од 2008 година и мерките на штедење кои ЕУ ги наметнува на членките и аспирантите сега се враќаат дома, како бумеранг, и ја погодуваат американската економија. И така е создаден ѓаволскиот круг, како и социјализмот за богатите и капитализмот за сиромашните. Без деконструкција на тој систем, светот постојано ќе чекори по работ на новите војни (војни заради профит и војни заради војни) и тензии особено со оние кои не сакаат војни и нудат алтернативи за соработка. Затоа, првата добиена битка не е и добиена војна. Пекинг го знае тоа многу добро.

Билјана Ванковска  

КОЛУМНИ

Јове Кекеновски

7 години oд Преспанскиот договор – што е ветено, а што...

Џефри Д. Сакс и Сибил Фарес

Запрете го Нетанјаху пред да нè убие сите

Бранко Азески

Заедно кон целта

Драган Даниловски

Време е за нова стратегија за здравство

Андреа Перишиќ

Граѓански протести на Балканот: гласници на промените или бунт што брзо...

Стефан Вељановски

Продлабочување на партнерството меѓу Македонија и Казахстан

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ