Најпрво Руте го пофали Трамп за неговата креативна интервенција во Иран и за успехот во постигнување на новата цел — земјите-членки на НАТО да трошат 5% од БДП за одбрана до 2035 година.
Набрзо потоа, на 27 јули ЕУ и САД потпишаа рамковен трговски договор: 15 % тарифи на европскиот извоз во САД и укинување на поголем дел од американските тарифи, во замена за европски инвестиции и купувања од САД. Овој договор најпрво го избегна очекуваното сценарио за можна трговска војна. Сепак, која е цената на ваквиот најдобар можен резултат во дадената ситуација?
Се појавија и коментари кои велат дека договорот на Трамп со Урсула фон дер Лаен е темна дамка за бриселската дипломатија, „колонијален симбол на понижување“, класична ерозија на принципите.
ЕУ се обврза на инвестиции во САД од 600 милијарди долари и на купување енергенси во вредност од 750 милијарди долари. ЕУ ова го третира како можен план, а САД како обврска.
Различните толкувања од двете страни на овој договор произлегува од сложеноста на потпишаното. Ова само ја зголемува загриженоста во Европа од можната нарушеност на трговските норми. Компаниите, особено во фармацевтската индустрија, веќе регистрираа пад на вредноста на акциите како одговор на најавените тарифи.
Овој договор е добар само затоа што е избегната катастрофата од извесната трговска војна. Но, истовремено претставува остар удар врз самодовербата на ЕУ. Се дојде до некаков краткорочен мир, но со напукнати стратешки темели. Европа не успеа да ја зачува својата позиција како цврста автономна сила. Цената на подреденоста на САД допрва ќе се пресметува.
Во Франција, Полска, Австрија… на овој договор се гледа со загриженост, дури и осуда затоа што се доживува како „понижување“ и подреденост пред САД.
Нејасни се обврските, поткопани се меѓународните трговски стандарди, штетни се ефектите врз индустријата и довербата, можни се поделби во ЕУ… Оценката дека ЕУ излезе без стратешка реакција во заштита на европските интереси и вредности на трговскиот систем и натаму виси над овој договор.
Александар Стојановски, Брисел











