Кога би се набројувале сите ентитети и сите нивни оперативни зафати ширум светот, тоа би барало навистина многу време и простор. Најновата вест зборува за протестот и поплаките на вработените на медиумските работници на Гласот на Америка, Радио Слободна Европа, Радио Слободна Азија итн. Под превезот на јавна дипломатија и ширење демократија, сите досегашни администрации (и републикански и демократски) вршеа проекција на т.н. мека моќ и моделираа политички системи и креираа лидершип (да употребам нивен збор) кој би бил лојален на атлантската агенда и западна вредносна хегемонија. Со едноставни зборови кажано, стануваше збор за ширење американска (прозападна) пропаганда. Таму каде што не можеше со сомотска ракавица, се одеше со воена интервенција.
Сега, откако наводно дувна поинаков ветер, почна отворено да се зборува за она за што порано се шепотеше или не можеше да се докаже. На пример, неодамна еден грчки политичар сведочеше за тоа како ММФ ги обучувала грчките новинари како да пишуваат за финансиската криза која ја тресеше земјата во 2015 година, за време на владеењето на левичарската влада на Сириза. Голем број (бивши) вработени во Стејт департментот на поткасти зборуваат, меѓу другото, и за шарената револуција во Македонија, чија цел беше уривањето на „режимот“ (како што обично се нарекува секоја власт која не му одговара на Вашингтон) и туркање на Македонија во НАТО со потпишување на Преспанскиот договор. Јавна тајна е дека стотици милиони долари беа влеани и во Македонија и во Грција, особено во медиумскиот простор, кој требаше да ја подготви јавноста, односно да ја „продаде приказната“ (да го цитирам поранешниот министер за надворешни работи на Македонија, Љубомир Фрчкоски).
Но, да бидеме реални: ова не беше само американска операција. Удел имаа и бројни „контрактори“ од Обединетото Кралство (ви текнува на фирмата Stratagem International ангажирана од владата на Заев за да помогне во градење позитивен став пред референдумот од септември 2018?), но се вмешаа и други европски фондации и служби. Се разбира, за ваквите операции тешко ќе дојдете до јавни податоци. Подготвувањето на теренот значеше внесување конфузија кај секој којшто размислуваше здраворазумски или дури и со правни аргументи. Второто беше демонизација на секој кој ќе се спротивставеше на „лекот“ припишан од Западот, со негово/нејзино прогласување за националист, реакционерен елемент, или дури и агент на Русија или друга незападна сила. Кога ваквиот третман ќе се применеше на некои познати личности, тоа беше показна вежба и пример за сите останати: ако може ваков однос со професор, уметник, доктор – тогаш што може да му се случи на обичен човек? Тоа беше речиси симултано (метафорички речено, шизофрено) испраќање пораки: „народот“ се дигна на (обоена) револуција, ама секој кој ќе се спротивстави на тоа или на новата однадвор наметната власт не е народ и не смее да протестира. Орвелианско двојно мислење, прифаќање на две контрадикторни тези во исто време, што на крајот резултираше со општествена парализа, апатија и недоверба.
Општиот впечаток е дека Трамп се откажува од досегашните методи на „зборување нежно“ и дејствување преку „ракавици“. Но, затоа мавта со големиот стап (на тарифи, санкции, закани за анексија на територии на други држави и сл.). Неговиот личен стил, но и на неговите најблиски соработници (како потпретседателот Венс, државниот секретар Рубио или секретарот за одбрана Хегсет), на прв поглед изгледа дека е сменета парадигмата на хегемонот кој сакаше да се претстави како доброчинител ширум светот. Трампoвата Америка само ја симна маската и си ја покажа суштината: себичен џин, чиј национален (олигархиски) интерес е на прво место. Но, останува да видиме што ќе се случи понатаму, поради променливоста на Трамп и неговите неретко и налудничави идеи за „мир“ (како онаа за Ривиера во Газа). Но, американската надворешна политика има константа: не се менува ни лесно ни брзо. Таа живее и дејствува во континуитет, колку и да се навидум променети методите. Причината за тоа е што (симболички кажано) „нивите“ беа орани, сеени и жнеени со децении. Она што е посеано сè уште може да никне, нешто порано, нешто подоцна. Американизацијата во тек на многу децении беше изедначувана со модернизација, со прогрес и слободарство. Така пораснаа генерации на Холивуд, Кока Кола, стрипови Мек-бургери и други производи на масовната (консумеристичка) култура.
Ајде за момент да претпоставиме дека на сето тоа му доаѓа крај, затоа што Трамп води поинаква политика (што не значи и помирољубива, да нема забуна). Кои се резултатите од семето на американизацијата кое остана зад нив (освен пепелот на уништените држави, општества, заедници)? Доволно е да се погледнат историските факти кои покажуваат дека УСАИД, НЕД, Гласот на Америка, Радио Слободна Европа и сличните – сите се реликти од времето на (првата) Студена војна. По падот на социјализмот во 1989 тие само добија залет, да освојуваат срца и умови на нови подрачја (кои порано биле зад „железната завеса“).
Во подрачјето на поранешна Југославија, нештата одеа со нешто позабавено темпо и со акцент на постконфликтното помирување. Но, суштината беше втемелување на неолибералниот поредок по секоја цена, како и внесување на западниот капитал во вид на божемни инвестиции. Постојат научни анализи за т.н. либерален или корпоративен мир, кои покажуваат дека општествата кои уште се не беа оправиле од воениот виор не можеа да ги заштитат своите природни и други ресурси, туку ги отстапија на западните корпорации. Ширум регионот завладеа атмосфера на промоција на странски инвестиции како знак за стабилност и прогрес, а притоа и политички реформи и наративи кои требаше да покажат дека „Не постои друга алтернатива“ (освен западната). Но, стварноста покажува дека ниту една од овие континуирани „реформи“ на западните стејтбилдери не ги постигна целите кои ги прокламираше. Состојбата е очајна, бидејќи стабилитократијата (поддржување лидери послушни кон западот, па макар и корумпирани и неспособни) има висока цена за локалната популација. Какистократијата со западен белег создаде колонии, но не и општества кои знаат да го дефинираат својот интерес (наспроти тој на неоколонизаторите). Со влошувањето на безбедносната состојба во Европа, но и пошироко, земјите од нашиот регион, вклучувајќи ја и Македонија, се вклопија во парадигмата на воено-индустрискиот-медиумски-академски комплекс. Сите елементи се усогласени, место за спротивно мислење нема, а профитот (економски или геополитички) завршува на западот. Кога нешто ќе тргне наопаку, виновни се „локалците“. Никогаш Западот! Затоа, може да се заклучи дека немало ништо „меко“ во моќта на Западот, дури и кога употребува(л) меки методи и влијанија одоздола.
Но, сега како да се случува пресврт, бидејќи евро-атлантската врска е пред развод. Хаотичен, нетолерантен, со ниски удари и битка на интереси и суети. Трамп престанува да финансира мека моќ за општествени пресврти, особено во земји кои баш и не му се од интерес, но дали може да се каже дека влијанието на демократите (и нивното посеано семе по балканските ниви) е завршена приказна? Постојат и европски спонзори, кои се соочуваат само со едно прашање: колку финансиски средства се подготвени да издвојат од огромниот воен буџет (од 800 милијарди евра на Урсула за вооружување на ЕУ) и какви капацитети имаат за проектирање моќ и влијание во својата (заборавена и запуштена) периферија? Онаа која досега ја третираа со презир и со гледање одозгора кон сиромашните и нецивилизирани роднини…
Билјана Ванковска