вторник, 22 јули 2025
Филип Клетников

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Пинџурот на неоколонијалистите

Еврокомесарката за проширување и добрососедски односи Марта Кос уште еднаш го демонстрира европскиот (нео)колонијалистички менталитет како длабинска психосоцијална карактеристика на унијците, карактеристика, која после повеќевековно западноевропско минато на меркантилистичко-колонијалистичка експлоатација и империјалистички војни и хушкања, веќе се има импрегнирано во западноевропскиот психосоцијален идентитет (кога веќе говориме за идентитети!).

Еден од клучните наративи кои го легитимираат овој менталитет е дихотомијата рационалност – ирационалност, при што првава унијците си ја припишуваат како сопствена екслкузивност, додека вторава е особеност на колонизираните, кои според колонијалниот светоглед се ирационален психосоцијален ентитет неспособен за автономно донесување одлуки и самовладеење, кој како таков треба да биде „цивилизиран“, т.е. преведен во „човечност“ од своите рационални учители. Една од нус-појавите на колонијалистичкиот менталитет, како, впрочем, и на секој хегемонски менталитет (во меѓуколективното општење) и ароганција (во меѓуличното општење) е бесрамната неукост, односно простотилак, кои, пак, произлегуваат од непредизвиканото континуирано чувство на надмоќ. Така, Хан во својата (не)славна изјава за „балканските методи“ ги сопостави балканското наспроти рационалното. Доволно да се запрашаме дали можеби во ЕУ – која, меѓу другото, кај нашиве лекоумни новинари и „експерти“ уште се смета за синоним на меритократија и унапредување на образованието и науката – своите највисоки функционери ги собираат од некое гранапче во Брисел или Стразбур: имено, зарем не го научиле Хан уште во основно дека токму од Балканот потекнува парадигмата на европската рационалност (Сократ, Платон, Аристотел…) ?

Егзотизмот е уште една предрасуда на Западот за Другиот од Ориентот, за незападниот Друг воопшто; како таков, егзотизмот е еден од подвидовите на ирационалното –  незападниот дивјак, покрај тоа што е нецивилизиран и ирационален, е исто така и опасно и сензуално привлечен. Тој можеби нема култура и цивилизација, но тој (или таа) има плот која го излудува западниот освојувач, која го фрла во екстаза, лудило  – и во неизбежниот христијански „грев“, при што за оваа растроена неврастенија на западниот човек повторно е виновна предизвикувачката сензуалност на незападниот Друг: во асиметричното општење со незападниот, ирационален Друг, (псевдо)моралот е проектиран така што е секогаш на страната на западниот човек. Одличен каталог на овие егзотични пароксизми ни дава книжевниот историчар Марио Прац во своето дело преведено на српски како „Agonija romantizma“; сепак, кај Прац овие егзотизми се  од уметничка природа.

Меѓутоа, Кос, како и нејзините претходници и колеги-унијци не е западен декадентен уметник (камо среќа да беше!), туку политички претставник на ЕУ. Во тој контекст, мнозина се обидуваа да одговорат на дилемата дали нејзината „тавче-гравче“ формула за македонскиот идентитет, зачинета со егзотизмот на македонските манастири била несвесен лапсус или добро осмислена порака меѓу редови. Лично, повеќе мислам дека станува збор за првото. Но тоа не го менува фактот дека во тој лапсус е кондензиран, во психоаналитичка смисла, и вредносниот суд за македонскиот идентитет – а со тоа и неговата политичка тежина – на Кос и институцијата која таа ја претставува. Од тој лапсус јасно можеме да ги прочитаме границите кои ЕУ губернаторите му ги допуштаат на македонскиот идентитет, кој (во најдобар случај!) е во сферата на тривијално-бестијалното и егзотичното (пинџур и тук-таму некојси манастир). Како таков, македонскиот „идентитет“ за НИВ, за европските колонизатори и не е идентитет, туку псевдоидентитет, затоа што на неговите носители им недостига основната димензија на човечност, имено западната „рационалност“ која за унијските (нео)колонијалисти е предуслов за влез во идентитет. Што, пак, за нив всушност е рационалноста, образложил добро уште пред повеќе од столетие социологот Вебер во својата „Протестантска етика“ – не е тоа способноста за критичко и етичко расудување (со што обично ја поистоветуваме рационалноста), туку капацитетот за економска експлоатација и во таа смисла, способноста за наменска калкулација и спекулација, кои заедно водат до генерирање профит како најбогоугодната активност на европскиот протестантски меркантилист и колонизатор (Калвин: земното богатство е знак на божја милост). Но би биле мошне наивни ако заклучиме дека оваа профитерска парадигма на рационалност го исклучува моралот – таа само го первертира: исто како што рационалното е подредено на економската експлоатација, така и етичкото ѝ е подредено нејзе. Оттука произлегува и парадигмата за „успешниот човек“, пренагласувањето на гревот и сопствената виновност пред бог (читај: пред Капитал(изм)от), постојаниот, тмурен самопрегор, непрекината активност, особини од кои произлегуваат два толку различни „хомо европеикуси“: нервно растроениот естет како израз на унилост и протест, и психопатолошкиот претприемач (Маск, Безос…) како врвна афирмација на новата капиталистичка етика и рационалност.

Од ваквиот хегемонистички менталитет произлегува и една друга контрадикција: ексклузивното, узурпирано право на колонизаторот, т.е. хегемонот, да наречува кои проблеми, прашања и чинители засегнати од истите  се легитимни, а кои не. Или во современ контекст, кои идентитетски проблеми ќе бидат прифатени и разгледувани како такви, а кои ќе бидат потиснати како табуа, кои протести(рачи) се народ(ни), а кои се „руско влијание“, кои влади се легитимни (читај: ЕУ-помазани), а кои се „режим“… Во таа смисла, крајно лицемерно е негирањето на идентитетот на цели нации, додека истовремено агресивно се политизира конструктот на трансродови идентитети. Да бидеме јасни: личното самочувство околу својата сексуалност и врската помеѓу неа и нејзиниот општествен контекст не смеат да бидат табуизирани и монополизирани од ниту еден центар на моќ и ниту една идеологија или институција, верска или секуларна. Токму самочувството и самоопределувањето се една од конститутивните димензии на она што го нарекуваме „цивилизација“, или барем на подобриот нејзин дел. Но кога еден облик на идентитет политички се первертира и злоупотребува (што најмалку оди во прилог на оние кои автентично се засегнати од истиот) и се издига на догматско сакросанктно рамниште (трансродовост), а друг (националност) се стигматизира и табуизира, кога индивидуата има (наводно) неограничено право на родов, но нема никакво право на (македонски) национален идентитет, кога Орбан е злосторник затоа што го негира родовиот идентитет, додека челниците на Грција и Бугарија кои го негираат македонскиот национален идентитет се ЕУ-помазани велеевропејци – тоа не е цивилизација – секако не во добрата смисла на оваа амбивалентна категорија. Тоа е лицемерие, подлост и угнетување и бришење на цел еден народ. Тоа е ЕУ, тоа се тие „европски вредности“ кои некои неуки (па макар биле и добронамерни) кај нас уште не ги вадат од уста.

Филип Клетников

КОЛУМНИ

Светлана Јовановска

Како ЕУ се загуби во меѓународното право?

Билјана Ванковска

Мoнтипајтоновски чекори на македонската власт

Рајко Пеколски

Глави и безглави

Јове Кекеновски

Морална одговорност во Македонија: Мислена именка, ретка птица или урбана легенда

ЕУ е непријател на Европа

Билјана Ванковска

Првата пукнатина во тврдината на НАТО? Словенија во референдумски лавиринт

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ