Простете, но нема тука што да се каже ново или убаво за земја поларизирана до коска, во која е најважно кој е автократот и кај кого лежат парите. А визија и стратегија? Па, такво нешто немаме, ниту сме имале… од времето на социјализмот. Овде владее дивиот закон на пазарот, корупцијата и волјата за моќ. Накусо, Македонија се лаже самата себе и вистинско чудо е како преживува (врз основа на задолжувања и кредити кои не носат развој туку провизии). Можеби ќе очекувате некој збор за Европа (ЕУ)? Ах, оставете! Таму покрај деиндустријализација и воена хистерија, план нема – освен оној на воено-индустрискиот комплекс. Таа Европа веќе не е Венера, туку Марс – но нашата „заспана принцеза“ е заслепена од сјајот на европските палати.
Зошто тогаш пишувам за новата „петолетка“ во Кина? Толку ли е значаен овој пленум кој тукушто заврши – тивко и со многу резултати? Свесна сум дека некои ќе речат дека губам време, дека е тоа далечна земја од која не можеме многу да научиме (т.е. не ни даваат да учиме од добри социјалистички примери). Други ќе ме обвинат за ширење малигно влијание врз овој наш „европски рај“. Трети се среќни што не сум веќе на универзитетот, па имаат една пречка помалку во градењето „отпорност и безбедносна култура“ во научната сфера, кога се соработува со Кина. Не, драги мои! Пишувам за Кина секогаш кога среде хаос и лом, ќе посакам да најдам оаза на ред, хармонија и план за поубава иднина. Секогаш кога сакам да си потврдам дека постои алтернатива.
Овде едвај некој и да го забележи одржувањето на Четвртата пленарна седница на 20-иот Централен комитет на Комунистичката партија. Ќе прашате, а зошто е важен? Затоа што на него се усвои рамката на новата „петолетка“ (петгодишен план за развој – 2026-2030), петнаесеттата во историјата на модерна Кина. Целиот план ќе биде готов во март 2026, до кога ќе минува низ сите нивоа на општествена делиберација. Младите веројатно немаат поим за што станува збор, бидејќи овде се живее од денес до утре, од едни до други избори. За нас постарите, зборот „петолетка“ буди спомени на време во кое немаше натпревари меѓу минхаузени и амбициозни, а неспособни татини деца, туку државата (поточно, општествено-политичките заедници ) носеа планови за наредниот петгодишен период. Тоа беше време и на самоуправување во кое и работните луѓе и граѓаните учествуваа во овој потфат. Без илузии и премногу емоции: имаше тука и големи грешки, кои ги плативме со висока цена (особено кога се изгуби од вид општиот, заеднички интерес, а почна фрагментацијата по републиките и општините). Денес нема ништо од тоа. Изборните циклуси се натпревар на новогодишни желби за мали деца, и одговараат на ехото на она: „Еј, Миле, ми текна!“.
Наспроти предрасудите на антикомунистите, ваквите настани за Кина се сè освен бирократски ритуал: тоа се моменти на креативност, визионерство и желба за промени кон подобро; земјата со огромна популација и речиси најголема економија во светот тогаш си го испишува сценариото за иднината. Историјата покажува дека првите идеи за „петолетки“ се должи на советската практика на централизирано и контролирано диригирање на економијата од врвот на партијата. И Кина, но и Југославија, во еден период ја прифатија оваа практика, додека не сфатија дека тоа е претесна и непродуктивна рамка. Затоа денес во Кина овие планови се инструмент за долгорочна визија, не за догматска контрола. Ова е време кога цветаат нови идеи, се создаваат насоки и креативност како да се чекори напред во едно турбулентно време кое е тешко да се предвиди (во време на колапс на Западот). Затоа, во најновиот циклус, Пекинг не зборува веќе за „раст по секоја цена“, туку за „висококвалитетен развој“. Пекинг знае дека во време на небезбедност мора да најде начин за потпирање на своите сили и отпорност кон оние кои сакаат да ѝ наштетат. Тоа значи: повеќе биотехнолошки иновации, ВИ, зелени технологии, домашна потрошувачка наместо евтини извози, и – можеби најважно – технолошка самостојност. Тоа е конкретен премин од квантитет во квалитет, и тоа со џиновски чекори. Самостојноста станува клучен концепт: од санкциите за полупроводници до ограничувањата на вештачката интелигенција, Кина почувствува колку е ранлива во глобален систем каде што правилата или се газат или се наметнуваат со сила и уцена. Новиот план затоа става акцент на истражување, сопствени чипови, научни центри и државна поддршка за технолошка независност. Со други зборови, „не сакаме некој да ни ја исклучи струјата“. Другата голема промена во новиот план е „заедничкиот просперитет“. Тоа е кинески начин да се каже дека богатството мора да се распределува поправедно, дека градот и селото не смеат да живеат во два различни века, и дека стабилноста зависи од тоа дали луѓето чувствуваат дека имаат иднина. Најважната лекција на социјализмот гласи: социјалната нееднаквост е тивок разорувач на секое општество. Елиминацијата на сиромаштијата не е доволна; треба поголем напор и кон правична распределба која ќе ги мотивира граѓаните, а и која ќе ги убеди во вредносната и морална основа на системот што го градат. Затоа петгодишниот план не е само економски документ. Тој е начин на размислување за заедничката иднина. Кога една земја може да каже: „во 2030 ќе бидеме ова и ова“, тоа создава чувство на заедничка цел. Тоа не значи дека Кина нема проблеми – напротив, пред неа стојат големи предизвици, но има стратегија и одговори како да се справи со нив. Тоа е она што во либералните демократии го нема или е во хаотична, конфронтирачка и најчесто популистичка форма.
Документот кој ќе се финализира во наредните месеци е само рамка, но детална и сеопфатна. Од безбедноста до производството, земјоделието и образованието. Но, ако ме прашате што најмногу ми се допадна тоа е делот што се нарекува „убава Кина“. И не, не станува збор за туристичка пропагандна стратегија. Кинезите ја сакаат својата прекрасна земја почнувајќи од зачувување на нејзината природна убавина и богатство. Акцентот е на она што нам овде ни треба како леб – „зелена цивилизација“: еколошката политика и поврзувањето на човекот и природата. Под „Убава Кина“ се подразбира дека развојот не треба само да биде економски по секоја цена, туку дека мора да има и еколошка компонента. „Убава Кина“ означува напредок и во зачувување на природата, намалување на загадувањето, заштита на екосистемите и унапредување на животната средина. Тоа е идејата на Гаја, на синхронизиран развој на човекот и природата, кои се дел на едно цело.
Модернизацијата се сфаќа како паралелна хармонија помеѓу луѓето и природата. „Убава Кина“ носи и подобрување на животниот стандард: почиста средина, подобра инфраструктура, здравје, безбедност, каде што луѓето имаат чувство на среќа и сигурност. Да, за нас идејата за „развој со високи стандарди“, „научно‑технолошка самостојност“ и „социјална благосостојба“ е рамна на научна фантастика, бидејќи во дивиот капитализам на грабеж сето ова не оди заедно. Најчесто се жртвува човечката благосостојба за краткотраен „развој“, т.е. профит на мал дел од капиталистичката елита.
Кога ќе се споредат Пекинг, Брисел и Скопје, разликата е очигледна. Кина планира – со дисциплина, конзистентност, далековидост и државен капацитет. Европа дискутира – често премногу, и сега за воени теми. Македонија импровизира – се движи во магла, реагирајќи на симптомите без да ја лекува болеста. Македонија, пак, живее од ден за ден, без да знае каде оди. Ни фалат не само планови, туку и култура на планирање. Нашите „национални стратегии“ се пишуваат за донаторски проекти, не за државна визија. И затоа нè изненадува сè: и демографската криза, и урбаната анархија, и зависноста од увоз.
Toлку е болно што Македонија живее за денот кога некој градоначалник ќе го исчисти главниот град (ама после изборите), иако смрдеата и стаорците тешко ќе ги елиминираме. Тоа е цената на нашите избори и божемна демократија.
За да објаснам зошто и како треба да го следиме кинескиот социјалистички модел, ќе ми треба подолг текст. Засега ќе кажам само дека не е тешко да научиме нешто од нивната способност да гледаат подалеку од еден изборен циклус. Зашто, без план, секоја криза изгледа како судбина – а не последица на нашето слепило.
Билјана Ванковска











