петок, 3 април 2026
Стефан Влахов Мицов

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

„Пajажина-та“ околу Македонија и останатиот свет

Во својата последна книга „Дрво на ридот“ (1980), поетот Ацо Шопов пророчки утврдува: „по долгите патишта на светот се отсликуваше/ликот на Македонија, /а ликот на светот во Македонија“. Целата поезија на Раде Силјан е творечки, историски и уметнички доказ за поврзаноста меѓу судбината на Македонија и таа на останатиот свет. Неверојатно е како македонската литературна критика доега не го „прочита“ творештвото на Силјан во контекстот на светските дилеми и случувања.

Навидум и новата поетска книга на Раде Силјан „Пајажина“ е целосно сконцентрирана врз македонската Голгота. Додека прологот „Велат грешница била“ ја бара причината за злочестата македонска судбина, епилогот „Проклетство“ става акцент врз завршетокот на тој циклус. Судбината како на индивидуалецот така и на народот, во голем дел е зависна од неговата психа и поетот ја открил величествената метафора – антитеза за македонската болка.

Судбината од Македонците

Оро да играме бара

Ем ајдучко

Ем пајдушко

А ние

Тешкото си го сакаме

Со него се радуваме

Со него боледуваме

„Тешкото“ (импозантно опишано од Блаже Конески), ја репродуцира македонската Голгота во насока на негативен фатализам, ропска матрица и безизлезност, спротивно на ајдучкото и пајдушкото оро, кои утврдуваат победнички дух, желба за живот и борба.

Во епилогот на книгата авторот наведува сомнежи зошто „При свето име/Да живееме без име: „Дали црн ѓавол/Се всели во луди глави/Или човекот безбожник/Ни вети лажни думи“. Во суштина, македонското племе е „болно“, не затоа што „рацете на Бога/Смешаа прсти/Татковина да имаме/Татковина без име“, а по сосема друга причина, која поетот прецизно ја дефинира:

Ни дошле сватови

Од земји далечни

И со луди мисли

Ги изорале нашите глави

Во празни куќи

Ни донесле деца

Играорци стројни

Од незнајни места

/„Ноќеска сонував“/

Како резултат на странски пропаганди и влијанија на македонскиот ген, Македонците „На кочии од лаги/По пат без патоказ/В неврат како одат“. И уште: „Повисоко, подалеку/Пред брегот стрмен/Како осамена вејка/Ветрот те вее/Подлабоко, најдлабоко/Кон дното невидливо/Твојата глава плови/Студен бран ја плиска“/„Повисоко,подлабоко“/.

Дали ние сме „проколнато племе“, не еднаш прашува Раде Силјан. И, ако е така, од кого сме проколнати? Од Господ секако не сме, зашто од осамостојувањето во 1991 г. до денес тој ни даде мноштво шанси и сите ги прокоцкавме. Еве го парадоксот:

Во време на идеали

Народот песни пее

По жив песок оди

А не знае кој пат води

До бродот вкотвен

Во морето од заблуди

Во време на идеали

Јадри мажи песни пеат

Бели знамиња веат

(„Крадци на убавина„)

Оттука и прашањето:

Ќе разберат ли потомците

Зошто во животот трнлив

Место факел на векот

Развеавме шарени лаги

Ќе дознаат ли потомците

Зошто лути рани

Реват во нашите гради

И место златни кочии

Пред нас одат свиени глави

(„Ќе разберат ли потомците“)

Одговорот е во два правца. Од една страна, во Пајажината која ни е сплетена и ни ги одзела силите: „Книга од пајажина“/Ако ги скрие твоите очи/На небото сино/Ќе нема кој ѕвезди да брои („(Пајажина“). И уште:

Во сѐ можеш да веруваш

Сѐ додека не видиш

Човек со рогови на глава

Како плете мрежа

За одродените

И за неродените

(„Можеш да веруваш“)

Меѓутоа, надворешниот фактор се потпира и се храни од тоа што е во нас:

Живееш на седмо небо

А крај тебе човек-сенка

Од твоето тело крв пие

И од маглите на животот

Како невидлива пијавица

Во твојата утроба рие

(„Живееш на седмо небо“)

Во таа смисла, како што вели Раде Силјан, ние се трансформираме во „невидливи луѓе“, луѓе зомбирани и самозомбирани, луѓе без внатрешна содржина: „Дека во земја со славно име/Живеат невидливи луѓе„(„Невидливи луѓе“). Луѓето, а оттука и народот без своја содржина ниту слуша, ниту гледа, ниту може: „Бескрајна приказна/За моите уши/Стрвна ѕверка/За твоите очи/Висока планина/За нашите нозе („Реална слика“/. Со еден збор, ние го изгубивме своето име, зашто одамна пред тоа го бевме изгубиле својот македонски дух, својата македонска посебност.

Веќе спомнав дека сѐ кажано во „Пајажина“ за македонската Голгота се однесува и за денешниот свет. Единствената разлика е дека повеќето држави не си ги сменија имињата, но со глобализацијата одамна немаат своја содржина. Дали има денес човек кој може да негира дека следните стихови на Силјан не се однесуваат за него:

Устата на зверот

Отворена школка

Во постела стара

Пред сонцето да зајде

Твојата матна глава

Заклано јагне

На животот река

(„Устата на Ѕверот“)

„Црна магла“, „Црн облак“, „Црни абери“, „Гладна ѕверка“, „Народ мамурен“, итн. („Самотија“) се илустрација на симбиозата меѓу изгубената посебност („Невидлив е човекот“) „Долго што спие/Во куќа од спомени“ во („Заветна песна“/ и „лажните светци“ од надвор и однатре кои провоцираат „Во нашите глави „Неплодни мисли„) Кое е упориштето и на „лажните светци“ и на „Ѕверот“, и кое овозможува „Големото око на ѓаволот ѕирка/Твојата глава ја бара“ („Крадец на твоите очи“)?

За крај, уште една моја сугестија. Не читајте современи анализи за македонските состојби. Читајте ја книгата на Раде Силјан „Пајажина“ и сѐ ќе ви биде јасно. И за денешна Македонија и за останатиот свет.

Стефан Влахов-Мицов

КОЛУМНИ

Љубомир Николовски

Лука Дончиќ од друг агол

Братислав Димитров

Балада за тарабука и клавир

Ристо Цицонков

Енергетската криза мотив повеќе кон зелена енергија

Александар Иванов

Кога ќе ги имаме сите одговори, а нема да знаеме што...

Јове Кекеновски

Министерот за правда и правосудството – поделбата на власта и реалното...

Мојца Пишек

Страв од геополитичка наивност

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ