сабота, 6 декември 2025
Илија Димовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Оската што недостасува: Патот за Битола е клучен национален приоритет

Додека на картата на нашата земја се исцртуваа и се исцртуваат нови автопати и експресни патишта, една витална артерија, крвотокот што треба да го поврзе главниот град со историското, економското и културното срце на Македонија, Пелагонија, долги години остана алармантно заборавена.

Потребата од брзо, безбедно и модерно патно поврзување на Скопје и Велес со Прилеп и Битола не е само прашање на инфраструктура; таа е прашање на национална стратегија, прашање на ум, економски разум и исправување на една долгогодишна неправда кон регионот кој отсекогаш бил столб на македонската државност.

Моменталната патна врска, особено на потегот од Фариш преку планинскиот превој Плетвар до Прилеп, е слика за сите инфраструктурни пропусти од минатото. Овој пат со две ленти, некаде и со три, но преполн со остри кривини, бавни камионски композиции и постојани колони, е тесно грло кое го гуши протокот на луѓе и стока. Во 21. век, патувањето од Скопје до Битола, двата најголеми града во државата (со Велес и Прилеп помеѓу себе), сѐ уште е непредвидлива авантура која може да потрае и до три часа. Изградбата на експресниот пат Градско – Фариш и почетокот на изградбата на автопатското решение од Прилеп до Битола се чекори во вистинска насока, но динамиката мора да биде немилосрдна, а визијата комплетна, мора да има целосно автопатско или експресно поврзување од Скопје, преку Велес и Прилеп до Битола.

Ова не е луксуз, туку неопходност. Зборуваме за поврзување на главниот град, каде според пописот од 2021 година живеат над половина милион жители, со двата најголеми центри на Пелагонија, Битола со околу 72.000 и Прилеп со над 63.000 жители. Заедно со Велес, оваа оска поврзува речиси половина од урбаното население на државата. Да се остави ваков потенцијал на милост и немилост на застарен и опасен пат е економски и стратешки неодговорно.

Во периоди во кои се изградија патишта кон Тетово и Гостивар, сега и втор пат, се градат патишта кон Кичево, Охрид и Струга, се градат патишта кон Крива Паланка, се изгради пат кон Штип, Кочани и Радовиш, имаме автопатска трансверзала кон Куманово и Гевгелија, да се остави патот кон Битола (а со тоа и кон Ресен, Лерин и Костур) на ниво на заборавен пат од шеесетите години е тотална несериозност за сите минати генерации на политичари.

Имало обиди за лобирање за изградба на овој пат, имало расправии и кавги кога се лоцирале буџетските средстав. Одговорот од повисоките и поодговорните функционери секогаш бил дека нема економска исплатливост за изградба на тој пат. Но искрено, никогаш ниту сум го прифатил, ниту сум го разбрал тоа оправдување. Впрочем, во Македонија, освен патот кон Тетово и Гостивар, и тоа само во летните три месеци, ниту еден друг пат нема сурова економска исплатливост. Во изградбата на патиштата треба повеќе да се гледа економскиот потстрек за развој и стратешкото значење на самиот пат.

Мора да се подвлече дека овој пат не е пат само за Битола, овој пат е и пат за Ресен, Прилеп, Демир Хисар, Крушево, Новаци, Могила, Долнени. Овој пат е и пат за Охрид за сите градови кои се наоѓаат кон Велес и источна и југоисточна Македонија. Овој пат е и пат кон Лерин, Воден, Костур, Кајлар, Нестрем, Герман и сите населени места со Македонци во северозападна Грција.

Пелагонискиот регион не е само житницата на Македонија. Тој е значаен индустриски центар. Од прехранбената индустрија во двата големи градови, тутунскиот комбинат во Прилеп, до металската и текстилната индустрија и огромниот енергетски капацитет на РЕК Битола, но и потенцијалот за развој кој е присутен кај многу нови средни компании значи дека економскиот пулс на овој регион е силен, но неговиот раст е ограничен од логистичките бариери.

Замислете ги можностите кога еден камион со земјоделски производи од нивите во Могила или со мермер од прилепските рудници, или со пиво од прилепската пиварница или со кондиторски производи од Витаминка, ќе може да стигне до Скопје или до европските пазари за двојно помалку време, со помали трошоци и поголема безбедност. Модерниот пат значи поголема конкурентност за илјадници бизниси, полесен пристап до пазарите, свежи инвестиции во индустриските зони и отворање на нови, добро платени работни места. Тоа значи и задржување на младите во регионот кој, за жал, се соочува со сериозни демографски предизвици.

Повеќе од економијата, ова е оската на македонската историја. Регионот помеѓу Велес, Прилеп, Битола, Демир Хисар, Кичево, до Костур, Воден и Лерин е националниот македонски рбет. Нема востание и револуционерна борба која во овој регион не била над 80% од вкупното македонско национално движење. Комитските чети на ВМРО, партизанското движење, просветата, слободарската мисла и идеја за Македонија во најголем дел се темели на оваа македонска трансверзала. Можеби српското, бугарското, грчкото или албанското приоретизирање на инфраструктурата е различно, некои сакаат повеќе коридор 10, некои коридор 8, но ние мораме да вложиме во македонскиот коридор, да ги поврземе Скопје и Битола.

Затоа, поврзувањето на Скопје со овој регион е и чин на почит кон сопствената историја. Тоа е начин да се овозможи полесен пристап до културното наследство, не само за нашите граѓани, туку и за странските туристи, интегрирајќи го овој крај во пошироките туристички понуди.

Новата патна артерија нема да застане во Битола. Таа е портата кон нашиот јужен сосед, Грција, и отвора директна врска со градовите Лерин, Воден и Костур. Граничниот премин Меџитлија, кој сега е недоволно искористен, со брз пат до него би станал фреквентна точка за трговија, туризам и културна размена. Од Битола до Лерин се стигнува за само половина час, а до Костур за околу час. Потенцијалот за развој на заеднички туристички производи, особено во регионот на Преспа, е огромен.

Уште поважно, оваа рута е најбрзиот излез на Македонија кон Јонското Море. Од Битола, преку грчки автопат Игнација, до пристаништето Игуменица се стигнува за околу три часа. Ова го позиционира Пелагонискиот регион, а со тоа и целата држава, на клучна транзитна мапа, нудејќи алтернативен и брз излез кон пристаништата што водат кон Италија и Западна Европа.

Истовремено, не смее да се заборави поврзаноста со Охрид. Модерниот пат до Битола значително ќе го скрати и патувањето до најголемиот туристички центар во земјата. Со тоа се создава туристички триаголник, културното наследство на Пелагонија, природните убавини на Охрид и Преспа, и прекуграничната соработка со Грција и Албанија.

Крајно време е државата да го препознае овој проект не како трошок, туку како најисплатлива инвестиција во сопствената иднина. Целосното, брзо и квалитетно патно поврзување од Скопје до Битола е повеќе од асфалт, тоа е влог во економски просперитет, демографска стабилност, регионално поврзување и зацврстување на националниот идентитет. Тоа е оската што недостасува за Македонија конечно да профункционира како целосно интегриран и модерен европски простор.

Илија Димовски

КОЛУМНИ

Јове Кекеновски

ВМРО и Европа: Православието како дел од европската цивилизација наспроти теоријата...

Божин Павловски

Бугарите можат и подобро

Ристо Цицонков

Нема „парно“…

Сања Велкакова

Што ги турка младите надвор, и што би ги вратило назад

Александар Грижев

Фрагментирани институции, силни манипулациски кампањи: зошто ни треба интегриран одговор

Димитар Љоровски Вамваковски

Костурчанецот што ги збуни и Атина и Софија: Анастас Јанков, Македонец...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ