Од друга страна, не ни се непознати ни оние ситуации во кои не можеме да ги задоволиме своите потреби и кои ги опишуваме со различни придавки со негативна конотација. Од нив излегуваме незадоволни и фрустрирани, а често и лути, бесни, исцрпени, тажни и повредени. Тоа се ситуации во кои не се случило нешто што требало да се случи и по тоа и сме ги и запамтиле. Тие ситуации поминале, но некои од нив за нас не се завршени, како да останале да тлеат во нас и повторно и повторно да се одигруваат.
Враќање во минатото
Некои од нас често се „враќаат“ во минатото така што се присетуваат на различни настани и повторно „поминуваат“ низ нив. Доживувањето е реално, како пред очите да им се проектира филм со интензивни бои, поделени улоги и јасни дијалози. Се знаат глумците, се знае поделбата на улогите, сценографијата е утврдена, локацијата избрана, се знае кој кога почнува, што работи и кога и како завршува. Понекогаш тоа се делови од филмови, одредени сцени или поедини секвенци што ги повикуваме во сеќавањето.
Една од главните причини поради кои размислуваме за минатото и ги премотуваме минатите настани се нашите чувства и потреби кои останале незадоволени, а кои се врзани за тие настани.
Незавршени работи
Во теоријата на Гешталт терапијата, незавршените ситуации се нарекуваат „незавршени работи“ и тие незавршени работи континуирано ни одвлекуваат внимание, време и енергија. Фредерик (Фриц) Саломон Перлс, еден од основачите на Гешталт терапијата, психијатар и психоаналитичар, сметал дека гомилањето на незавршени работи нé блокира и го оневозможува нашиот развој. Нашата психолошка динамика е таква да имаме потреба од заокружени и завршени целини за да можеме непречено да продолжиме понатаму. Таа потреба ги опфаќа сите сегменти на нашиот живот, како целите кои на себе си ги поставуваме, така и процесите низ кои поминуваме. Затоа, кога некоја ситуација е незавршена, ние и понатаму се занимаваме со неа. Ја „премотуваме“ во мислите, ја прераскажуваме или повторуваме низ очекувањата од и однесувањето кон другите луѓе, како да повторуваме иста снимка неброен број пати. Она што е заедничко на снимка и на незавршена ситуација е нивната непроменливост – дејствието се одиграло онака како што се одиграло и нема да се промени затоа што ние го разгледуваме повторно и повторно, со желба да се одигра поинаку.
Хронично незадоволство, чувство на безидејност, отсуство на иницијатива, раздразливост, депресивност, лутина, стрепња и чувство на безнадежност се честа последица на незавршени работи. Незавршените работи неретко се една од причините за влошено расположение и енергија и доколку не ја откриеме вистинската причина за нашето незадоволство, може да ни се случи да почнеме да решаваме нешто, а да не знаеме точно што. Така на пример, може да се случи да избереме пасивно однесување со цел да се заштитиме од непријатни чувства и да го поминуваме времето во мечтаење и фантазирање, а да не преземеме конкретна акција што би водела кон конкретни резултати. Или, можеме да избереме да си задаваме различни задачи или да си наметнуваме одредени активности со цел „да влеземе во форма и да се доведеме во ред“.
Со оглед на тоа дека тоа се често задачи и активности со кои во суштина не сакаме да се бавиме, ефектот од овие избори е уште поголема отуѓеност од себе бидејќи се присилуваме себеси на активности што вистински не нѐ интересираат. Целта на обете „стратегии“ е да се чувствуваме подобро, а заедничка мана е тоа што не го решаваат проблемот. Тие само го олеснуваат трпењето, а ефектите траат онолку колку го применуваме одбраниот „лек“.
Според Гешталт терапијата нашиот развој повеќе го попречува она што не се случило отколку она што се случило, а незавршените работи претставуваат големо оптоварување за секој од нас. Од таа причина го привлекуваат нашето внимание и затоа е важно да ги завршиме, за да можеме да ги оставиме зад себе и непречено да продолжиме понатаму.
Сегашниот момент
Во Гешталт терапијата, незавршените ситуации ги решаваме во сегашниот момент. Во сегашниот момент ги истражуваме своите чувства и потреби што останале врзани за некои минати настани што во нас оставиле болна трага. Како се чувствуваме, кои се нашите потреби, што правиме и што сме спремни да направиме сега. На тој начин ја ослободуваме својата енергија да се занимаваме со нешто друго што во овој момент го привлекува нашето внимание и така создаваме простор за нешто ново.
Гешталт терапијата нагласува дека единственото време што постои е сегашниот момент. Во буквална смисла на зборот – токму овој момент во кој сега се наоѓаме. Сите останати моменти не постојат – минатите поминале, а идните сѐ уште не се случиле. Минатото и иднината не постојат во реалноста, туку само во нашите мисли кога размислуваме за нив, а тоа секогаш е во сегашниот момент. Сегашниот момент е единственото време во кое можеме да преземаме конкретни иницијативи, да бидеме активни и да ги постигнуваме своите цели. Затоа е од голема важност она што се случува сега.












