Во таа смисла , пленет од присутноста на нашите највисоки првенци, како симбол на ретка државна симфонија меѓу световната и духовната власт, би споделил некои мои размисли и би иницирал еден проглас за прекин на сите насилства во светот. Би поддржал оваа благородна двогласна порака-урби ет орби да се разнесе ширум светот како охридско послание за мир. Ваква цивилизациска повелба би креирала институционална синергија и создава интелектуална обединувачка сила. Дополнително, се истакнува хуманистичкиот придонес на добитниците на наградата, се зајакнува мисијата/идејата со што ќе ја облечеме во емоција/емпатија и ќе ја поткрепиме со дејство.
Ова е иницијација за проактивно дејствување на оние што се првоповикани и избрани од Нас, што сме ги поставиле највисоко да можат да гледаат подалеку од нашиве тривијалности. Ги прегрнуваме сите луѓе со добра волја кои ја крепат и торжествуваат оваа идеја, за оние другите кои не умеат да промислуваат и да ја чувствуваат оваа фреквенција на љубовта, не ќе е зијан, да си останат во своите приземни одаи/зандани, паднати таму од својата неукост/нискост или злоба сеедно.
Да го ослушнеме и уважиме говорот на просторот и шепотот на времето, како и чекорот на идеите кои се родиле овде и се разнесувале по светот во различни периоди. Да ја откриеме и оваа многузнаковита природа на денов и празников, почнувајќи со милениумска дистанца која не потсетува на тоа што токму на дворот во Пела е пишувана самата Хипократова заклетва. Има ли поургентна потреба за акција од сегашнинава кога броиме милион загинати , три пати повеќе ранети и 33 пати ментално/психолошки повредени како ново регрутирани пациенти. Згора на сиот досегашен траор, сѐ уште стои како Дамоклов меч, заканата за ново разгорување на судирите и не се гледа никаков признак да застане огнената стихија на војната .
Треба да нѐ буди/ѕвони и ова просторно совпаѓање, имено токму овде под сводовите на овие црковни зданија пред 1.170 години почна покрстувањето на кнегињата Олга и Киевската Рус.
Над сѐ, можеби најдлабоко нѐ повикуваат денешните седмочисленици, кои како претечи/превасходни словено-европејци ја оградија/окадија и духовно воздигнаа таа словенска Европа. Во име на таа најсилна и најпросветлена седморка, почнувајќи од рамноапостолните Светите Кирил и Методиј, преку Свети Наум и свети Климент настојникот на градов и денов денешен, до светите Англелариј, Горазд и Сава. Има ли поприроден и поправеден глас/крик што треба да се вознесе на денешниов Свети Пантелејмон и да летне фреската на оплакувањето на Христа, од ѕидовите на предренесансното Нерези, за да тажи и рида над полињата на смртта. Таму кај што гине цветната младина и наследниците на оние што беа првопокрстени од нашиве светии. Од овде покрај белото езеро, од словенскиот Ерусалим до источните браќа по вера и јазик , и до сите меридијани да се издигне тој молебен восклик , да престанат бесмислените војни, туркани од алчни врхушки, за приватни/приземни интереси, ,,за туѓи бели дворови,, каде се е отаде умот, онострано и далечно а жртвите се само наши.
Да се опреме на овој хаос кој ни се нуди како единствена алтернатива на преживување, треба да ги препознаеме и вратиме трајните одредници на постоењето. Всушност, иако површно изгледа дека планетава ја движат силата на моторите/машините, сепак правецот го одредуваат и го водат силата на идеите. Прибидејќи, поводлив е мирисот на парите кој ги навлекува луѓето често на ирационално дејство, при што егоистичките интереси доминантно ги одредуваат постапките во економија и политика. Арно ама, светот за да опстане, неопходно е да се тркала/движи на морални вредности и принципи, зошто без нив немаме ни насока, ни смерност ни смисла . Така, постанувајќи свесни за својата двојна природа не смееме да сме владеани/доминирани само од биолошките инстинкти кои се посилни, за да ги скрајнеме спиритуланите кои се повозвишени. Оттаму, мора трајно да се вложува во духовната надградба, оти многу е индикативно тоа што за разлика од умот, стомакот стално ќе ти сигнализира дека е празен.
Притоа, корисно би било да му веруваме на Виктор Иго кој го посведечил тоа, велејќи ни дека нема поголема сила од таа, кога на некоја идеја ќе ѝ дојде време да се реализира. Самата Македонија е пред се идеја, која денес повеќе од кога било заслужува дела.
П.С.
Да се има на знаење на сите од почеток до крајот, од овде до Алјаска.
Љубомир Кекеновски
(Реч по повод Наградата за Хуманизам во Охрид на 9 август 2025)












