сабота, 13 декември 2025
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Огледалце, огледалце мое: Трамповата Стратегија за национална безбедност и американските илузии

Како што е тоа обичај со секоја американска администрација, така и Трамповата излезе со еден текст наречен Стратегија за национална безбедност. Велам „наречен“, бидејќи кога не би бил издаден како официјален документ, овој текст тешко би ја заслужил квалификацијата на „стратегија“.

Бидејќи тука нема ништо стратешко или ново, а што веќе не сме го виделе и знаеле за длабоките корени на американскиот империјализам и желба за глобална доминација (дипломастки наречена „надворешна политика“). Без оглед на партиската определба или личните одлики на конкретниот претседател, таа е константа. Или поточно, не ја менува насоката на движење и своите цели, дури и ако реториката се менува – веројатно со цел секој претседател да биде запаметен по нешто. Лошиот квалитет, што некој го опишаа и како шарена салата на нафрлени зборови, а други тврдат дека и ЧатГТП би напишал поосмислен текст, сепак не нѐ ослободува од обврската барем кратко да се осврнеме на неа. Навистина, има и умни луѓе кои сметаат дека не треба да ѝ придаваме преголемо значење, туку наместо во зборовите да се фокусираме на делата. Но, низ призма на конструктивизмот и влијанието на наративите кои доаѓаат од највисока позиција, сепак и најлошата Трампова стратегија создава ефекти, дури и ако е само на хартија.

Погледнете ја вжештената дебата во политичките кругови и медиумите во Европа! Веќе се поставуваат (по кој знае кој пат откако е Трамп на чело на САД) прашања дали е ова почеток на крајот на евроатлантското сојузништво, дали САД и Европа не се само различни (цивилизациски, политички, идеолошки – како што велеше Каган, како Марс и Венера), туку и дали се на работ на „развод“.

Гледано низ оваа призма, интересно е, ако не и забавно, ова да се разгледува низ призмата на Хантингтоновата теза за судирот на цивилизациите. Расцепот како да се случува во рамки на една (западна) цивилизација или политичка и безбедносна структура и култура. Мојот чешки колега Ладислав Земанек заклучи дека стратегијата е „доволно моќна за да ја редефинира иднината на Западот“ и дека претставува своевиден геополитички земјотрес. Лично, не мислам дека е така, бидејќи процесот на слабеење на ЕУ е подолг од Трамповиот (втор) мандат, а ќе продолжи кон пропаст и кога неговиот мандат ќе заврши. Но, тука клучното прашање е дали на САД (Трамп) му одговараат радикални потези со кои ќе ги напушти своите најверни поданици и најдобри муштерии кои му го одржуваат воено-индустрискиот комплекс во живот, а со тоа и сериозен дел на американската економија. Таа е зависна од војување, односно од продавање оружје на оние кои се доволно луди да ги прифатат барањата за фамозните 5% од БДП за потребите на НАТО.

Поради недостаток на време овој мој придонес во општата дебата стасува со мало задоцнување: апелите за игнорирање или недавања преголемо значење не успеаја. Анализи (семантички и други, меѓу редови, или експлицитно врамување на американскиот поглед на светот) се нижат, од разни страни. Дури се добива впечаток дека секој го чита она што му одговара или што му боде очи и вознемирува. Веќе кажавме дека Европјаните се најгласни, Москва е доста задоволна со начинот на кој е третирана, а Кина е мудро тивка (и веројатно научена да не верува на зборови туку на дела).

Но, сепак, ајде да се обидеме да видиме што е ново во оваа Стратегија, ако е нешто воопшто ново… Нов е речникот, и тоа по својата површност, самофалење, хубрис, ароганција, делење лекции (особено на европјаните) – сето она што е типично за Трамп. И за Ј.Д. Венс. Оние што ја пишувале го имале пред себе ликот на претседателот кој требале да го направат среќен. Слично како кројачите од бајката за царевата нова облека. Па така, ако пред себе имате нарциосиден и ментално неизбалансиран човек, кој никако не е државник, туку опасен егоманијак, вие пишувате онака како што тој сака да се види себе и државата што ја води. Веројатно мислата водилка, произлегла од друга бајка за деца, односно од она волшебно огледало кое Трамп секојдневно го прашува: Огледалце огледалце мое, на светот најмоќен и најбогат, кој е? Одговорот е однапред познат, иако царот е гол. Некои аналитичари со право сметаат дека е ова документ кој брзо ќе се заборави, дури и од Трамп кој менува мислење за стратешки прашања трипати на ден, а освен тоа не смее да се заборави фрактурата во американската администрација за која не знаеме колку е свесен и самиот Трамп. Затоа прашањето останува: дали зборовите стратегија и Трамп одат заедно? Дали не е ова посебен вид на оксиморон?

Ајде сепак и јас да почнам со Европа, која Трамп сака да ја оправи цивилизациски, небаре е Америка цивилизациски рај и извор на вредности. Ова повеќе личи на крстоносна војна со остатоците на европските елити кои се дресирани повеќе во духот на демократите (и Соросовите свештеници), отколку на работа што ги засега американските граѓани и нивната безбедност. Од друга страна, ова наликува на егзорцизам од духовите на „бајденизмот“ (ослободување од woke културата), но и наметнување на американската верзија на ксенофобична и фашизоидна анти-миграциона политика, која Европа ќе ја направи „чиста“, бела, христијанска. Ако на ова се надоврзе и пофалбата во врска со воените издатоци за НАТО, но и капитулацијата на ЕУ пред царинските уцени, Европа е веќе во американско заложништво. Но не е никаква закана за САД. Таа е закана самата за себе, поради милитаризираната матрица во која живее „Коалицијата на подготвените“, и илузиите за раѓање на Четвртиот Рајх. Во тој контекст, ЕУ (и Британија) се во самоубиствена мисија, во која индиректно ги турка и САД, подеднаков адикт од војни. Прашањето е само каде, на кој континент побргу ќе пукне нова глобална војна.

Оние кои веруваат дека оваа т.н. Стратегија ги признава реалностите на изменетиот мултиполарен свет се или наивни или кратковиди (кажано нежно). Или, да ја употребам духовитата споредба на еден драг пријател (Џон Рос), кој вели дека тоа е како да верувате дека тигарот решил да стане вегетаријанец. Ова со Европа, е брачна кавга (која секако може да заврши со пошироки последици), но нема геостратешко значење. Европа ќе остане субмисивна, а главниот господар е Империјата. Ако, или поточно кога ќе пропаѓаат, тоа ќе биде истовремено.

Засега многу позначајно е внимателната проценка на она што се проектира за сферата/сферите кои се надвор од домот на колективниот Запад и кои се намерите на САД. Враќањето кон „својата“ сфера на интерес, Латинска Америка, сега со спецификите на Донроовата доктрина, не е ништо ново. И токму ова ни дава за право да тврдиме дека САД се однесува како насилник, како феудалец и хегемон – без оглед што друго се тврди во обландата на Стратегијата. Се разбира дека е ова опасно затоа што означува интерес за поцврста рака (дури можеби и кон Канада), и легитимација на санкции, но и војна како средство за дисциплинирање и експлоатирање. Венецуела е првиот и најнепосреден случај, во кој актите на агресија се веќе во тек, па потсмешливиот назив за „Пиратите од Карибите“ почнува сосема добро да им одговара на тие што го следат хегемонот. Интересно е зошто Европејците, толку загрижени за Украина, воопшто не посветуваат внимание на другите агесивни акти кога доаѓаат од Вашингтон. Затоа што и самите се под силната рака на хегемонот. Така, салдото на самиот потеок покажува дека САД има намера да ги држи под узди и експлоатира најмалку две сфери – европската и латиноамериканската. Латинска Америка се смета за стар колонијален посед, даден од Бога. Но, во мултиполарниот свет (за кој Вашингтон станува свесен, но не и подготвен да се вклучи во него како еднаков партнер), овој континент (според Белата куќа) е во „опасност“ од „штетни влијанија“. Се разбира, станува збор и за БРИКС и за спречувањето на сите кинески проекти, од кои некои се готови, а други во тек или во план.

Иако реториката на САД кон Русија и Кина е сменета, односно помалку заканувачка од таа во минатото, треба да се потсетиме на стара изрека дека волкот го менува влакното, но не и карактерот. Овде реториката (во Стратегија преполна со контрадикторности) е сменета, но не и долгорочната опседнатост со зачувување на својата глобална доминација. Можеби шаховската игра бара менување на пристапот, или соочувањето дека Кина (на пример) е невозможно да се победи ниту воено, ниту економски, го наведува Императорот да облече ново руво, и да се прикаже како повеликодушен. За Русија, нештата се малку појасни: САД несакајќи да признаат пораз во прокси војна која сами ја започнаа (уште во 2014), сега изигруваат медијатор и неутрален актер, оставајќи ја Европа сама да се соочи и со својата воена немоќ (без да се спречи да се заддолжува кај американските воени корпорации, напротив!) и со нужноста да ја издржува продпадната држава и евентуално обнови.

Подобрените односи со Москва можат да бидат и обид за нарушување на нејзините блиски сојузнички односи со Пекинг и обид за нови бизнис зделки (зошто Џеред Кушнер би одел во Москва?!) особено во однос на користење на ресурсите и Арктичките планови. Не е потребно да се чита Стратегијата (која на моменти е како стенограм од веќе кажаните Трампови ставови) за да се сфати дека притисокот и заканите поврзани со Тајван ќе омекнат, како и вкупната комуникација со Кина. Без оглед на Денот на ослободувањето, Трамп доби важна лекција и шлаканица од Кина за прашањата поврзани со трговијата, ресурсите, размената и развојот, па сега му е потребен тајм-аут. Но, вкупната реторика на burden-sharing со сојузниците (кои се и на азискиот континент) особено во т.н. Прв појас околу Кина, зборува за непроменета стратегија на САД во однос на containment на Кина. Лаура Руџери со право укажува дека „Првиот островски синџир“ околу Кина, кој почнува од руските Курилски острови преку Окинава и Тајван, преку Филипините, и надолу до Борнео, се сметаат за првата линија на воено распоредување. Вашингтон го претставува овој периметар како свој „заштитен штит“ (?!), продолжувајќи со логиката на Студената војна. Ова покажува дека политиката на САД останува закотвена во хегемонистичките традиции, потпирањето на алијански, воено позиционирање и насилсни средства за да се попречи улогата на Кина во Аазија и Пацификот.

Накусо, ако внимателно се избегнат звуците на сирената која заведува, во суштина целата Стратегија е до болка искрена во намерата да се употребат посредници, во зајакнување на милитаризацијата… глобално НАТО (наместо пропаднатото европско НАТО)… Зборувањето на „својата“ Западна хемисфера е исто така само начин да се каже дека САД ќе сторат сè за да се обидат да ги дестабилизираат Русија и Кина со тоа што ќе ја држат цврсто Латинска Америка, чии ресурси ќе бидат основа за нивните освојувачки планови. Иако некои поинаку ја читаат Стратегијата, Русија, Кина и Иран (како и целиот мултиполарен комплекс) остануваат закана. Единствената измена е во тоа што се зборува за „избегнување доминација од кој било друг конкурент“. Тоа не е ништо друго туку МАГА во (замислена) акција.

Зошто е важно читањето и толкувањето на овој текст, колку и да е некохерентен и контрадикторен, а сепак искрен? Ако на Европа ѝ се заканува „цивилизациско бришење“, овде станува јасно дека САД го изгубила компасот и нема стратези за новото време. Тие остануваат потенцијално опасни, поради воената моќ и безглавата (безумната) администрација, која одамна ги напуштила рамките на меѓународното право и Повелбата на ОН. Но, оваа аматерски напишана стратегија зборува за слабоста на империјата во опаѓање. Таа би сакала да води војна за да ја задржи глобалната хегемонија, ама сака други да платат за тоа. Сепак, привремената промена на реториката не е никаква причина за задоволство во Москва, Пекинг, или Њу Делхи и Токио. Оваа стратегија е објава на војна не само на Венецуела, туку е најава за колонизаторска крстоносна војна во соседството, со која истовремено ќе се ограби сè што е вредно, а истовремено ќе се растури сè што е постигнато. САД се во состојба во која веќе немаат моќ да го креираат светот по својот лик, ама имаат доволно моќ да му нанесат штета на новиот што се раѓа и формира.

Деталната анализа, ред по ред, пасос по пасос, не открива ништо освен Трамповата мегаломанија, орвелијанскиот дух и инфантилните обиди да се дефинираат божемни принципи (на суверенитет на државите или неинтревенционизам – сè додека не се укаже потреба или можност за интервенција). Во сенката на оваа божем нова Стратегија и во заглушувачка меѓународна тишина, веќе се одвива агресија врз Венецуела. Покрај (помалку заборавениот) геноцид во Газа…

Можеби навистина потрошивме премногу време на очигледното: документ што не вреди за хартијата на која е отпечатен. Вистинскиот проблем е бавната мобилизација на Глобалното Мнозинство, кое мора да спречи катастрофа што ќе го придружува последниот чин на Империјата. Нашата задача — барем за оние од нас што сме „одоздола“ — е да бидеме бабици на нов и поправеден свет, наместо хроничари на светот што умира. Тоа е во духот на Марксовата мудрост: не е доволно светот да се толкува — треба да се промени.

                               Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Далибор Ступар

Зошто Србија толку многу се плаши од Русија?

Илина Мангова

За системски, наместо проектен, пристап кон државата

Ристо Цицонков

Мигранти заради климатски промени

Јове Кекеновски

Што мора да следи по конгресниот говор на Мицкоски?

Братислав Димитров

Врата на тишината

Билјана Ванковска

Како изгледаат среќни луѓе?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ