петок, 16 јануари 2026
Љубомир Николовски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Одлуки што ја променија историјата на НБА

Во НБА светот на високи влогови и одлуки што носат или губат стотици милиони долари, еден единствен избор може да предизвика децениски последици, преобликувајќи ги клубовите, династиите и самата историја на лигата. Иако слободните кошаркари и нивните трансфери најчесто доминираат во оваа смисла, сепак има такви, навидум изолирани моменти на принципи, стратегија или лојалност кои имале ефект на земјотреси за НБА. Овие моменти на избор и одлука  дефинираа цели епохи, обликуваа кариери и фундаментално влијаеја на лигата и на кошаркарскиот спорт.

Мајкл Џордан

Од влегувањето во лигата сезоната 84/85 до почетокот на 90-тите, Мајкл Џордан се наметна како неспорен крал на НБА терените. Со просек од 31 поен во првите 5 сезони и рекордни 37 поени по натпревар во 86/87 година и без никаква назнака дека кој било, поединец или одбранбен систем, може да го запре во намерата да поентира, Џордан се промовира во неспорен лидер не само меѓу соиграчите, туку и кај менаџерскиот тим на клубот. Но сепак, Булси имаа сериозен проблем, продолжуваа да губат во плејофот. Од година во година Детриот наоѓаа начин да ги разоткријат границите на индивидуалната брилијантност на Џордан и да симнат рампа на патот кон шампионската круна.

Пресвртницата дојде со промоцијата на Фил Џексон во главен тренер во 1989-та. За Џордан, до доаѓањето на Џексон, играта беше едноставна, изолација, импровизација и шут според негова проценка. На тој начин, до доаѓањето на Џексон за прв тренер, Џордан ги освои трофеите за најкорисен играч, за најдобар дефанзивец и 4 титули најдобар стрелец на лигата. Но, без шампионски прстен.

Со новиот триаголен систем во нападот промовиран од новиот прв тренер, Џордан во голема марка ја загуби можноста да го презентира својот талент преку импровизација во играта. За Џордан новиот систем значеше губење на индивидуалната контрoла врз играта, помалку шутеви за време на натпреварите, перцепција дека му се одзема од ореолот на лидер, но и конкретна тешкотија за влегување во сложен офанзивен систем во кој треба да мисли и на соиграчите. Првата негова реакција беше негативна. Но, Џексон, трпеливо и внимателно го воведуваше во системот тврдејќи дека повторно ќе биде најдобар стрелец во лигата, дури и ако го намали просекот за 6-7 поени, а со тоа им овозможи на соиграчите да имаат поголем удел во нападот. Клучната реплика за Џордан беше тврдењето дека ако системот не донесе чист шут или поени до последните 6-7 секунди од нападот, тој може самиот да реши како да заврши нападот. На тој начин, полека „Ер Џордан“ почна да го прифаќа новиот пристап, а кога по два пораза по ред од Детриот, со новиот систем ги принудија Пистонси на 7 натпревари во плејофот 1990-та, Џордан сфати дека тоа е начинот да го освои посакуваниот трофеј и дефинитивно се вклопи во стратегијата. Резултатот дојде веќе следната година со првата од трите по ред шампионски титули.

Одлуката на Џордан да го прифати Џексон и неговиот стил, беше радикална за кошаркар и човек со толку големо его. Играч кого сите го сметаа за кошаркарски Бог, прифати да се прилагоди на систем што наизглед го лимитираше неговиот талент. Но, времето покажа дека не стана помалку доминантен, напротив стана покомплетен со тоа што им дозволи на другите да бидат важни. Сетете се само на последните решавачки шутеви и тројките на Џон Пексон 1993-та во 6-от натпревар против Феникс и на Стив Кер во 1997-ма, исто така во 6-от натпревар против Јута Џез. Во првиот случај Џордан беше дури втор додавач, а во вториот директен асистент на шутевите кои на Булси им ја донесоа третата и шестата титула НБА првак. Сите шест шампионски титули на Булсите не беа изградени врз основа на тоа што Џордан постигнуваше повеќе поени, туку врз основа на тоа што одлучуваше кога да не шутира. Неговата одлука да прифати тимска игра целосно го промени погледот на тоа што значи да се биде лидер, вистинска ѕвезда и пример за следните генерации НБА кошаркари.

 Дирк Новицки

Одлуката на Дирк Новицки за посветеност и лојалност кон Далас Маверикс, создаде еден нов, дотогаш невиден и нечуен пристап и аспект на однос меѓу играч и клуб во НБА. 2014-та, кога му заврши 4-годишниот договор во вредност од 80 милиони долари, Дирк Новицки беше сигурно најбараниот слободен играч во лигата. Со веќе 15-годишно искуство во НБА, со една шампионска титула од 2011-та и признание за МВП на финалната серија, со просек од скоро 26 поени во 12 од претходните 15 сезони и со општо признаен и прифатен авторитет, Новицки беше јасна цел за луѓето од Лос Анѓелес Лејкерс, клубот кој секогаш оди по најквалитетното што НБА пазарот во моментот го нуди. Понудата доставена до Новицки од тогашниот менаџер на Лејкерси Мич Купчак и од Џим Бас, синот на газдата Џери Бас, изнесуваше максимални 92 милиони долари за период од 4 години. Плус отворени понуди за спонзорство од најголемите калифорниски компании. Сѐ заедно проценето на окулу 200 милиони за понудениот 4-годишен период. Истата понуда, без лукративниот спонзорски дел, ја доби и од тимот на Хјустон Рокетс.

Одговорот на Новицки беше јасно и прецизно „не“ кое ги збуни не само менаџерските тимови на клубовите, туку и самите НБА ѕвезди. Во време кога лигата влезе во ера на миграција на ѕвезди и градење на супертимови, кога ЛеБрон се врати во Кливленд за 42 милиони по сезона, Кајри Ирвинг потпиша со истиот клуб за 90 милиони за 4 години, кога Кармело Ентони го продолжи договорот со Њу Јорк на 5 години за 125 милиони долари, Новицки реши да ги одбие Лејкреси и потенцијалните 200 милиони долари. И не само тоа, останувајќи во Далас прифати минимален договор од 25 милиони за три години за да му помогне на клубот да донесе нови играчи и да биде конкурентен, а сепак да остане во рамките на дозволениот НБА платежен лимит. Ова значеше околу 67 милиони долари помалку само од директниот договор, а сѐ со цел да остане во тимот во кој играше низ целата своја НБА кариера. Што се однесува до понудите од спонзорите, одговорот на Новицки беше дека е задоволен од договорот со Најк и не сака да гради свој бренд преку други компании. Новицки ваквата позиција и став можеше да ги изгради самостојно, без никакви притисоци, со оглед на тоа дека никогаш во кариерата немал официјален, ниту неофицијален агент што го застапува, а кој секако би го принудувал на договори за повеќе пари. Реакцијата од медиумите, навивачите и сите клубови во лигата беше максимална почит за посветеноста кон Далас Маверикс како клуб и кон навивачите од Далас. Неговата одлука беше еден вид позитивна аномалија во ера во која платите на кошаркарите максимално растеа како резултат на новиот договор меѓу кошаркарите и лигата и кога главниот фокус на играчите беше максимизирање на заработката. По овој потег на Новицки, низ медиумите се одомаќини и фразата „loyality over money/лојалност пред парите“ и стана синоним за поинаков однос меѓу играчите и клубовите. Во средина, во која постојаната трка за што повеќе е императив, одлуката доби митски статус, а Дирк Новицки углед на човек со редок карактер и непоколоблива лојалност. Дресот со број 41 Далас Маверикс го повлекоа од употреба, а негова статуа стои пред „Американ ерлајнс центарот“, промовирајќи го неговиот статус на најомилена фигура во историјата на клубот.

Џејмс Харден

Листата на НБА шампиони и историјата на лигата можеше да изгледа многу поинаку доколку менаџментот на Оклахома Сити Тандер во 2012 година донесеше поинаква одлука во врска со својата голема ѕвезда Џејмс Харден.

Во 2012 година, Оклахома Сити Тандер имаше извонредно младо трио кошаркари составено од Кевин Дурант, Расел Вестбрук и Џејмс Харден. Дурнат и Вестбрук имаа по 24, а Харден 23 години и пред нив барем една цела деценија на настапи со полна физичка сила. Таа година Оклахома заврши како втора во западната конференција и стигна до Финалето на НБА каде што беше поразена од Мајами хит со 4:1. Во пресрет на следната сезона менаџментот веќе го имаше потпишано новиот 5-годишен договор со Кевин Дурант за 86 милиони долари и со Расел Вестбрук за 80 милиони исто така за 5 години. Џејмс Харден го очекуваше својот потпис на договорот, но тоа за Оклахома ќе значеше надминување на дозволениот лимит за плати и дополнителен трошок за „таксата на луксуз“ утврдена со правилата на НБА. Поради тоа менаџментот реши на Харден да му понуди четиригодишно продолжување за 55,5 милиони долари, 4,5 милиони помалку од максималите 60 на кои според правилата имаше право. Но, Харден бараше максимален договор. Соочен со изборот да го плати данокот на луксуз за да ја задржи својата „голема тројка“ заедно или да го продаде својот „шести играч на годината“, генералниот менаџер Сем Прести го избра второто, продавајќи го Харден на Хјустон Рокетс неколку дена пред почетокот на сезоната.

Последиците од оваа финансиска одлука беа огромни и го преобликуваа пејзажот на лигата со години. Хјустон веднаш стана кандидат за шампион, а генералниот менаџер на Рокетс, Дарил Мори, веднаш подготви петгодишно продолжување на договорот со Харден за 80 милиони долари. Џејмс Харден во Хјустон се промовира во трикратен најдобар стрелец на лигата и  НБА МВП во 2018 година. Одлуката на Прести раздели еден од најперспективните млади состави во историјата на НБА. Доколку Тандер ги задржеа Дурант, Вестбрук и Харден заедно, без сомнение ќе изградеа династија што можеше да им конкурира на Сан Антонио Спарс и на Голден Стејт Вориорс. Потегот на Оклахома отвори силни дебати окулу потребата за рамнотежа меѓу ограничувањата за плати и барањата на суперѕвездите и за тоа дали плаќањето на „таксата за луксуз“ е исплатлива доколку имате потенцијал за еден или повеќе шампионски трофеи. Во годините по оваа одлука, многу од клубовите се решаваа за плаќање на оваа такса, а оправдувањето го бараа во примерот и пропуштената шанса на Оклахома.

Одлуката на Оклахома стана поука и одличен пример и за играчите како Леброн Џејмс, кои подоцна ги структурираа своите договори за да добијат поголема контрола врз својата иднина и заработка. На крајот сѐ прерасна во иницијатива и движење на играчите за засилување на нивната финансиска сигурност во договорите што сега е дефинирачки критериум при донесувањето одлуки на оваа тема од страна на комесарот на НБА.

Љубомир Николовски

КОЛУМНИ

Александар Иванов

20 дена до новата геополитичка анархија? Од Ерос до Танатос

Ристо Цицонков

Јaглероден хаос

Братислав Димитров

Графити

Алекандар Иванов

Кризите не се „менаџираат“ – тие се командуваат: Зошто ни е...

Пржински хаос-трето издание

Драган Даниловски

Што (не)значат новите американски препораки за вакцини за Македонија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ