четврток, 24 април 2025
Бранко Азески

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Oдливот на мозоци мора да престане, а извозот да загосподари

Долго време, македонскиот образовен систем и бизнис-секторот функционираа како два паралелни света. Едниот произведуваше кадри, другиот бараше кадри – но ретко кога овие две потреби се среќаваа. Резултатот? Млади кои дипломираат без практични вештини. Компании кои тешко наоѓаат квалификувана работна сила. И економија која тапка во место.

Комората во 2017 година ја презеде иницијативата за воведување на дуално образование. Започнавме како пилот-проект со само две квалификации – од секторите електротехника и машинство. Денес, сликата е сосема поинаква: овој модел се применува на 78 квалификации во рамки на 14 сектори, со активно учество на 560 компании и 69 средни стручни училишта. Имаме импресивна бројка од 259 дуални паралелки во училиштата.

Зошто ова е важно за компаниите? Затоа што времето на чекање – помина. Денес не можете да чекате да се појави идеалниот кандидат. Морате да го создадете. А тоа значи да се вложи во млади кои ќе бидат обучени конкретно за вашите процеси, технологии и потреби. Дуалното образование токму тоа го овозможува. И тоа не е „инвестиција во некое туѓо дете”, туку вложување во сопствената иднина. Секоја компанија знае: иднината не се гради само со машини, туку со луѓе.

Ако сакаме младите да останат тука и да имаат перспектива, мораме да им дадеме образование кое води кон вработување. Мораме да ги подготвиме за пазарот што постои, а не за оној од пред 20 години.

Дуалното образование не е крајната цел, туку почеток на едно ново разбирање: дека образованието мора да зборува на јазикот на економијата. А Комората е тука – за да биде преведувач, посредник и двигател на тој процес.

Во спротивно и понатаму ќе бидеме сведоци на одливот на мозоци на запад. Македонија нема иднина без да го спречи овој процес. Затоа Комората од денес е во нова офанзива да ја убеди Владата со заедничка платформа да направат пресврт како кај дуалното образование.

Според извештајот на Светска банка за 2023 година Македонија е рангирана на 23 место, во група од 25 земји, со најмногу емигранти. 40% од високообразовниот кадар, во последните 10 години, ја има напуштено државата и според индексот на Глобал економи (Global economy) е рангирана на 5-то место од 41 европска држава.

Но, причината за иселувањето не е само од економска природа:

а) Лоши можности за вработување.

б) Невработеност од 24% кај младите до 29 години.

ц) Младите се иселуваат за поквалитетно здравство, социјална заштита и поквалитетен начин на живот.

За да се спречи трендот на иселување на младите образовни лица и враќање на веќе иселените, мора да се направи платформа во која водечко место ќе имаат Владата и Комората, а на која би се приклучиле универзитетите и невладините организации кои ќе понудат соодветни решенија.

„Одамна си заминаа песимистите, тука останаа само оптимистите. Да направиме обид да ги задржиме овде“.

П.С. Дуалното образование и вештините

Дуалното образование и вештините беа централно прашање до сега. Тоа ќе продолжи и понатаму, но на тоа ќе се додаде и спречувањето на одливот на мозоци. А за извозот и да не зборуваме. Тој ќе биде алфа и омега на нашиот опстанок. Поконкретно за извозот во наредната колумна.

Бранко Азески,

претседател на Стопанската комора на Македонија

 

КОЛУМНИ

Џефри Сакс

Раѓањето на новиот меѓународен поредок

Флориан Несими

Распадот на коалициите и демократијата

Билјана Ванковска

ЕУ на распаќе: Царини од пријателите, трговија од ривалите

Александар Стојановски

Германија ги занемарува своите национални интереси

Соња Стојадиновиќ

Зошто САД градат сè повеќе ѕидови – и што тоа значи...

Билјана Ванковска

Националниот однос кон понижувањата: примерот со Кина

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ