петок, 27 февруари 2026
Алекандар Иванов

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Образованието, инфраструктурата и прогресивноста на идеите: зошто старите ѕидови бараат нови темели?

На повик на драг колега од Белград, пред извесно време се приклучив на една амбициозна иницијатива за создавање конзорциум за развој на раното предупредување. Од таа иницијална искра произлезе апликација до европската програма COST, а самиот проект почна да се спроведува во 2024 година, со предвиден рок до 2028. Како еден од двајцата национални членови на Управниот одбор, во рамки на оваа акција имав можност да патувам во Келн, Букурешт, и претходната работна недела во Мурсија, Шпанија.

Оние кои биле дел од вакви европски мрежи знаат дека овие средби секогаш се интензивни и „набиени“. Агендите се точни, термините за дискусија кратки, а задачите пресметани до минута. Но, добрите организатори, оние кои навистина разбираат што значи академско лидерство, знаат дека состанокот не смее да биде само сувопарна презентација на работни пакети. Тоа е прилика да се покаже визија: да се демонстрира во пракса како се учи, како се тренира и како се размислува за иднината. Токму таков концептуален шок ми се случи во Мурсија.

Манастир што изгледа како минато, а внатре ја живее иднината

Средбата се одржа на Католичкиот универзитет во Мурсија (18–19 февруари). Првиот впечаток е фасцинантен: комплексот е буквално манастир од средниот век. Масивниот камен и широките арки тежат со традиција, па и покрај дворовите полни со млади студенти, лесно може да помислите дека таму времето едноставно застанало во минатото.

Но, на крајот од вториот ден, кога ни ја презентираа нивната работа за управување со ризици и вонредни состојби, сликата целосно се промени. Нè симнаа во подрумите на тој историски комплекс – и токму таму нè пречека иднината.

Училници целосно опремени за виртуелна реалност (VR) или пак за креирање, тестирање и натпреварување во видео игри. Роботизирани системи. Напредно програмирање. Софистицирани симулации. Ова не е технологија што се купува за да се слика за на реклами и студентски флаери, туку опрема што секојдневно се троши во реална употреба и наставна рутина.

Моментот што најмногу ме задржа и ме натера на размислување беше тренингот за реакции во итни и вонредни состојби. Не се работеше само за тоа „како изгледа дигиталното сценарио“, туку како човекот физиолошки и психолошки реагира на него. Симулациите беа следени со прецизни мерења на невро-биолошки показатели кај учесниците и тоа: ниво на стрес, фокус на погледот, пулс во момент на криза итн.

На едно место видов интегриран екосистем: видео библиотека со симулации, практични вежби, строги систематски протоколи, и над сето тоа – цврста истражувачка рамка што ја претвора обичната обука во егзактна наука, а таа наука во релевантни публикации.

Професорот што ни ја презентираше методологијата, без трошка ароганција или двоумење кажа: со помош на овие методи, тие веќе имаат објавено десетици трудови во списанија со висок импакт-фактор, вклучително и трудови индексирани во Web of Science. Тоа не беше евтино фалење; тоа беше демонстрација на еден супериорен модел. Кога инфраструктурата, наставата и истражувањето се органски поврзани, врвните резултати не се случајност, туку едноставно се резултат на добро поставен систем.

Зошто ми беше познато  и каде всушност заглавуваме

Оваа глетка не ми беше целосно непозната. Преку мојот матичен Универзитет „Св. Климент Охридски“ и Факултетот за безбедност – Скопје, претходно бев дел од еден одличен повеќегодишен проект во рамки на НАТО програмата за „Мир“ (2020–2022). Таму имавме ретка и драгоцена можност да видиме што значи да се користат технологии како фотограметрија и виртуелна репродукција на место на настан. Видовме како изгледа обуката кога сцената на злосторството или кризата не е нацртана скица на табла, туку тродимензионална средина во која се движиш, анализираш и носиш одлуки. Во септември 2022 година, дури и присуствував на завршниот состанок во Шефилд, Обединетото Кралство, каде се сумираа овие резултати.

Но, токму тоа искуство, соочено со реалноста во Мурсија, ми отвори едно едноставно, а исклучително тешко прашање: Како јас, како истражувач од Македонија (особено во областа на општествените науки), да добијам континуиран пристап до истите технологии за да направам систематско споредбено истражување? На пример, како да ги споредам невро-биолошките реакции во криза на испитаници од Македонија и Шпанија?

Краткиот одговор е непријатен: реално – многу тешко. И тоа не е затоа што немаме паметни луѓе, талентирани студенти или посветени професори. Проблемот е што страдаме од „синдромот на пилот-проекти“. Ни недостасуваат одржливи услови да го претвориме знаењето во континуиран резултат. Откако странскиот донатор ќе си замине, опремата често останува неискористена поради недостиг на буџет за одржување или лиценци. Тука доаѓаме до горчливата суштина: прогресивните идеи не се раѓаат само во главите на исклучитлено поединци, тие може да преживеат и растат само во систем што знае институционално да ги поддржи.

Пет причини зошто кај нас „не оди“ (иако неспорно имаме потенцијал)

1) Недостаток на визија и стратешко поставување на целите: не зборувам за паушални политички амбиции од типот „да влеземе во топ 100 на Шангајската листа“. Зборувам за основно, логична и здраворазумна одлука: кои 3 или 4 клучни капацитети сакаме да ги изградиме во следните 5 години и што ќе биде нашиот препознатлив национален придонес во европската наука? Без ваква цел, купувањето скапа опрема е само случајна набавка на играчки, а не градење систем.

2) Немање национален инвентар на технологии и инфраструктура: денес не сум сугурен дека знаеме на национално ниво што точно поседуваме. Се потсетувам на набавени медицински апарати за здравството што се заборавиле заклучени во некоја соба во која никој не влегува. Кои лаборатории постојат, какви уреди фаќаат прашина по факултетите, со какви лиценци располагаме и кои се можностите за нивно заедничко користење? Без ваков јавен „катастар“ на истражувачки капацитети, владее институционално его, секој почнува од нула, а државните трошоци се дуплираат.

3) Осуетување наместо групирање: премногу често се случува факултети и институти да работат паралелно, па дури и конкурентски, на иста проблематика каде што треба да бидат комплементарни. На мал и финансиски кревок систем му треба стратегиска координација, а не ситни дневно-политички победи на еден деканат над друг.

4) Погрешни стимули во високото образование: кога државниот и образовниот систем го наградуваат агресивниот маркетинг (особено носителите на јавни функции) и хиперпродукцијата на трудови во сомнителни списанија повеќе од вистинскиот квалитет, тогаш добиваме „образование како бизнис“, наместо образование како јавна вредност. Проблемот не е во приватното образование само по себе; проблемот настанува кога правилата за напредување не го наградуваат макотрпното истражување и развој, туку само бркањето бројки.

5) Необединети ресурси во дефицитарни области: ние сме мала земја со ограничен буџет. Некои истражувачки капацитети се едноставно премногу скапи за да ги има „секоја институција посебно“. Тука мора да проработи здравата логика за споделување: ако ни требаат современи лаборатории за форензика, или моќен национален центар за вештачка интелигенција, тоа треба да биде една, врвно опремена инфраструктура што ќе служи како сервис за сите – универзитетите, јавниот сектор и индустријата.

Суштината е дека прогресивноста не е мода, тоа е организација

Она што го посведочив во Мурсија е длабоко симболично. Старите ѕидови на манастирот не им пречат на новите, технолошки идеи. Напротив – традицијата таму не е кочница, туку служи како основа за академска дисциплина, додека технологијата е само моќна алатка во рацете на таа дисциплина. Модерната наставa не значи „да купиме VR очила за да изгледаме модерно на социјалните мрежи“. Модерна настава значи да развиеме методологија што го поврзува тренингот со истражувањето, а истражувањето со реалната јавна корист.

И тука, општествените науки ја имаат можеби најважната улога, иако често се неправедно маргинализирани во ерата на ИТ експанзијата. Еден софтвер може совршено да симулира пожар, разорна поплава, земјотрес или масовни немири. Но, само општествените науки можат да го дадат клучниот контекст: како реагира толпата во паника? Како лидерите носат одлуки кога системот колабира? Како стравот, недостигот на доверба во институциите и лажните информации го менуваат колективното однесување? Во сите итни состојби, „човечкиот фактор“ не е само спореден параметар или обично дополнување, туку тој е самиот центар на кризата. Технологијата ја црта сцената, но човекот ја дефинира последицата.

Затоа, иднината на високото образование кај нас, а со тоа и профилот на идните професори и истражувачи не смее да се сведе на банален избор меѓу „технологија“ и „класична наука“. Иднината е исклучиво во нивната синтеза:

Технологијата како неопходно средство за креирање реални симулации и егзактно мерење.

Општествените науки како интелектуален компас што ги анализира и насочува тие процеси.

Институционалната инфраструктура како стабилен мост што ги поврзува првите две.

Ако навистина сакаме да спроведуваме споредливи истражувања со нашите европски партнери, ако сакаме да генерираме валидни податоци што ќе бидат прифатени во престижни меѓународни списанија, и најважно, ако сакаме да креираме државни политики базирани на докази (а не на интуиција) – тогаш мора да направиме нешто што можеби звучи бирократски досадно, но е суштински револуционерно: мора да ја организираме државата како систем за знаење.

Што може да се направи реално, без мегаломанија и постепено:

1.Национален попис на опремата: Едноставен, јавен регистар за да знаеме точно каква научна опрема веќе има во државата, наместо секој факултет да купува на слепо.

2.Споделени лаборатории: лабораториите да престанат да бидат „приватна сопственост“ на една катедра или професор. Ни треба систем со јасни правила каде скапата опрема ќе се дели меѓу институциите.

3.Заеднички набавки: да ги здружиме буџетите кога се купуваат скапи софтвери и лиценци. Ем е драстично поевтино, ем е стратешки попаметно.

4.Мали грантови за мешани тимови: да се финансираат проекти што нужно ги спојуваат техничките со општествените науки. Главниот услов? Резултатите и базите на податоци да бидат отворени и достапни за сите.

5.Национални центри наместо нови згради: да формираме неколку врвно опремени центри за клучни области (форензика, вештачка интелигенција, симулации за вонредни состојби). Ова не треба да биде уште една нова администрација за вдомување, туку сервис отворен за сите истражувачи во земјата.

Кога ќе се вратам од вакви средби, додека ги средувам мислите и впечатоците, секогаш си го поставувам истото прашање: во што точно се состои нивната „тајна“? Одговорот обично е лишен од секаква романтика. Тајната лежи во фактот што некој, некогаш, одлучил стратешки да спои три работи: образованието, инфраструктурата и истражувањето и да обезбеди континуирано финансирање за нивната одржливост.

Прогресивните идеи се заразни. Но, за да се „фати“ таа зараза и да се прошири низ едно општество, мора да постои плодна средина. А таа средина никогаш не се случува по случајност: таа е резултат на свесен системски избор. Време е и ние да го направиме тој избор.

Aлександар Иванов

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Извесни трендови во денешната енергетска неизвеност

Џефри Д. Сакс

Претседателе Трамп, вратете ги парите и престанете да земате повеќе

Александар Стојановски

Кога знамето станува поважно од стартот

Братислав Димитров

Дај малку од тоа бурекот

Билјана Ванковска

Куба: уште една геноцидна блокада

Ристо Цицонков

Течен природен гас измешан со политика

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ