Поинаку кажано, како човештво (но и како дел од „западниот свет“ – колку ова и да ми звучи бизарно и неточно), немаме луксуз на песимизам и депресија. Дефетизмот е контрареволуционерен, т.е. му служи на одржувањето на стариот светски поредок во фатална фаза. Колку повеќе се одржува, толку повеќе страдања создава. Нам ни треба револуција, ама прво на умот и во вид на слобода да се создаваат визии. Пораснати или обликувани од ТИНА принципот (There Is No Alternative – што значи дека нема друга алтернатива за западниот модел), понекогаш не ги ни гледаме ни позитивните придвижувања во светот. Лесно е да се каже дека нè држат заробени со медиумско перење на мозоци, но тоа е само изговор да не се ѕирне „преку плотот“. Во ера на интернет и инстантен пристап до информации од цел свет, потребна е само љубопитност и храброст. Ќе бидам искрена да кажам дека ова што го советувам јавно, неретко ми е тешко и самата да го спроведам. Полесно е да се каже одошто стори, нели? Тешко ми е да признам дека западниот самоубиствен, мрачен и песимистичен поглед на светот ми влегол под кожа, па се одомаќинил. За неговото присуство станувам свесна во разговори со пријатели и соборци од другите меридијани.
Откако ме исфрлија на срамен начин од домашните средини (академска, интелектуална, медиумска), ми се отворија многу нови порти и визии. Редовно, секоја недела, ако не и почесто, комуницирам (најчесто онлајн, се разбира) со умни и храбри луѓе од цел свет. Само во такви контакти можам да се видам себе си во огледало и да си ги видам слабостите. На пример, во една таква средина имам пријатели од кои едниот живее во ЕУ (и НАТО од неодамна), а другиот е човек од западот кој веќе 15 години живее и има семејство во Кина. Она што нè спојува е мировниот активизам, ама и аналитичкиот порив во еден бурен свет. Во тие средби најчесто јас сум онаа „контрареволуционерната“, која за секое решение има проблем (да, ама …). Веројатно потајно ги нервирам моите драги пријатели, но и тие мене… Како може човек да остане оптимист и да вели „барем нешто се случува, сè е можно под небото“, додека мене од умот не ми излегува Газа или Украина и нуклеарната опасност која станува сè поопиплива? На прв поглед, мнозина од вас ќе се сложат дека јас сум во право, а тие не се. Но, дали е така?
Песимизам на умот, но оптимизам на волјата беше рецептот за преживување на апокалиптични времиња за кои зборуваше Антонио Грамши. Но, не е само тоа. Моите оптимистични и борбени, но и умни пријатели, се тука да ме потсетат (и истовремено утешат): има светли моменти, не е сè загубено, тоа е некрофилската атмосфера на западот која ме инфицира, а и пропагандата ги лимитира добрите примери и вести. Ќе споделам само две-три важни и добри случувања на глобален план, за кои ние (зафатени со Бугарија и ЕУ) не сме ни свесни. Да почнам од Азија, која станува регион и модел за мирно решавање на конфликти и регионална соработка, кој што успева да гради стабилност преку мирни средства и мултилатерална соработка, наместо преку воени сојузи и конфронтација. Неговата успешност беше ставена на тест во последните четири децении, во кои регионот избегна големи воени судири, што е реткост во современата историја. Клучните принципи на азискиот безбедносен модел беа презентирани на конференцијата меѓу Кина и соседните земји во април 2025 година. Тој се темели на познатите Пет принципи на мирна коегзистенција (взаемно почитување, ненапаѓање, немешање, еднаквост и заедничка добивка). Новиот безбедносен концепт, кој го заменува менталитетот на блоковска конфронтација, азискиот безбедносен концепт кој ги поврзува развојот со стабилноста, како и кинеската Глобалната безбедносна иницијатива промовира неделива и заедничка безбедност. Не е тешко и за лаик да види со каков речник и средства зборуваат овие држави меѓу себе, но за за светот: решавање на конфликтите преку дијалог, преговори, толеранција и економска интеграција; исклучување на санкции, закани, притисоци или воени средства.
Во пракса, овој модел се спроведува преку разновидни мултилатерални и билатерални формати на соработка, меѓу кои најважен е АСЕАН, со своите рамки „10+1“ (со Кина) и „10+3“ (со Кина, Јапонија и Јужна Кореја). Сите механизми се засноваат на консенсус, немешање во внатрешните работи и почитување на суверенитетот, или со други зборови – на принципи кои се суштински спротивни на западниот интервенционистички пристап. Се разбира, доволно е да се слушнат само говорите на Каја Калас, Високата европска претставничка за надворешна и безбедносна политика, Пит Хегсет, државниот секретар за одбрана на САД и францускиот претседател Макрон (кој беше и главен воведничар) на неодамнешниот форум познат како Шангри-Ла дијалог, што се одржа во Сигнапур (30 мај- 1 јуни) за да се сфати дека азиската визија за мир се соочува со ризици, особено од обиди за милитаризација и воена експанзија на НАТО. Хегсет се осмели да го наметне фамозниот праг од „5 отсто издвојувања за воени потреби“ врз земји илјадници километри надвор од територијата на НАТО, тврдејќи дека САД се индо-пацифичка нација (!?)! Да не остане покусо, што вели нашиот народ, Макрон проговори нешто од што пристојна нација би се срамела. Според него, и Франција е горда што е индо-пацифички играч, повикувајќи се на прекуморските територии (колонијални поседи, фактички). Тоа не беше доволно, па ја засили антикинеската реторика во врска со Тајван, територија која е дел на единствена НР Кина, и опасноста од Кина.
И „плавушата“ (фигуративно кажано, повеќе од фактички) Каја Калас се дрзна да ѝ се заканува на Кина, тврдејќи дека ЕУ имала одговорност и важна улога во Азија (?!). Азиските соговорници мудро и јасно укажаа дека тие имаат друга култура на разрешување на меѓусебните конфликти. Но, јасно е кој е party-breaker, каде и да стапнат. Гордон Думоулин напиша извонреден текст на Сабстак под наслов A Coup de Dialogue, опишувајќи ја стратегијата за киднапирање на самитот и преврат во начинот на водење дијалог (за Западот дијалогот е опасен исто колку и мирот).
Вториот настан кој заслужува големо внимание е првиот уникатен трилатерален самит на АСЕАН–Кина–ГЦЦ (Gulf Cooperation Council – регионалниот Совет за соработка на земјите од Заливот), кој се одржа во Куала Лумпур (на 27 мај). Тој на едно место собра 17 земји од т.н. Глобален југ. Познатиот геополитички аналитичар Пепе Ескобар го нарече прослава во духот на „Новиот пат на свилата“ или нов Бандунг. Малезискиот премијер, како домаќин и претседавач на АСЕАН, Анвар Ибрахим тоа го кажа на следниот начин: „Од древниот Пат на свилата и живите поморски мрежи на југоисточна Азија, сè до модерните трговски коридора, нашите народи се долго време поврзани преку трговијата, културата и размената на идеи“. Она што радува во финалната заедничка изјава од овој самит не е само духот на заедничка соработка во сферата на економијата, инфраструктурата и сл. туку и единствениот и јасен став во однос на осуда на геноцидот во Газа.
Третиот настан кој се одвиваше во речиси истиот „згуснат“ азиски пејсаж на соработка (на 30 мај) беше потпишување на Конвенцијата за основање на Меѓународната организација за медијација (IOMed), со што се заокружи Глобалниот форум за меѓународна медијација. Хонгконг беше домаќин на церемонијата предводена од министерот за надворешни работи на Кина, Ванг Ји. Основачи и потписнички на Конвенцијата беа триесет и три земји, кои покрај Кина, ги вклучија и Индонезија, Србија, Камбоџа и Пакистан. На церемонијата учество зедоа и претставници на преку 50 земји и речиси 20 меѓународни организации, вклучувајќи ги и ОН.
Иако форумот Шангри Ла (што ме потсетува неодоливо на ла-ла-ла или бла-бла-бла) доби такво медиумско внимание (заради западните учесници), сепак многу поголемо значење имаат другите два настани. Азија покажува дека конфликтите не мора да се решаваат со оружје — туку со дипломатски канали, економска меѓузависност и културна размена. Регионалната безбедност не се гради со ѕидови и ракети, туку со вклученост, трпеливост и негување на заедничките интереси во општа полза.
Основањето на новата Меѓународна организација за медијација покажува дека во рамки на Повелбата на ОН постојат многу можности за негување на мирни начини за решавање спорови, но и за креативност и културна и правна различност. Со децении се наметна уверување дека западноцентристичниот пристап е единствена алтернатива со неговите судски и арбитражни механизми, кои фаворизираат утврдување кој е победник, а кој не. Меѓународната организација за медијација ги надополнува и унапредува постојните механизми, и уште поважно – внесува (правно и културно) подиверзифициран и софистициран систем за решавање на меѓународни спорови, со огромен потенцијал за мирољубиви решенија.
И тоа не е сè, како што велат во ТВ рекламите… Овој месец во Астана се одржува вториот Самитот Кина и Централна Азија, кој веќе се претвора во редовен форум за соработка на лидерите на Кина, Казахстан, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан. Имено, по првиот самит одржан во Ченгду во 2023 година, веќе наредната година во март се воспостави секретаријат, што зборува за институционализација на идна регионална организација. Овогодишниот јунски самит е знак за функционално, инфраструктурно и културно регионално поврзување во срцето на големиот континент, кој некогаш бил лулка на цивилизацијата (додека Европа била во темниот среден век). Овие земји, нивните лидери и интелектуална класа се будат од ерата на понижувања. Интересно е што западните медиуми или го премолчуваат овој тек на настаните или го прикажуваат како безбедносна закана (за Русија, за Западот, за светот). Да потсетам: тоа се истите оние кои до бесвест ќе ве учат за историјата на европската интеграција и за создавањето „зона на мир преку соработка“. Динамиката на поврзување од регионот се пренесува на глобален план веќе на почетокот на идниот месец, во Рио де Жанеиро каде ќе се одржи 17-от годишен самит на БРИКС.
Се шегувам малку кога ги спомнувам „рекламите“, но навистина – на пропаганда и културна хегемонија (што би рекол Антонио Грамши) треба да се одговара со контра-културна хегемонија. Тоа значи истакнување на на добрите и конструктивни, невоинствени иницијативи од каде и да доаѓаат. Зошто, потопени во очај, ние не сме добри ни за себе ни за другите. Иако станува збор за иницијативи и дипломатски механизми кои цветаат во далечен континент, за целиот свет е важно да види дека е можно и поинаку да функционира светот, а дека реториката на „империјалната моќ“ за која зборува Марк Руте е не само глупава, туку и опасна.
Мојот пријател Гордон, оној исполнет со добра мисла, оптимизам и визија, оваа приказна ја завршува со препев на кинеска поезија за значењето на тишината. Поентата е, се разбира, дека не се помудри и поразбрани оние кои погласно врескаат и удираат со тупаници по говорницата, туку оние кои умеат да слушаат, размислуваат и за мислењата на другите, ја ценат тишината на контемплација од која се раѓаат добри и нови идеи за храбриот нов свет. Цун Цу Ву, меѓу другото, ја оставил и мудрата изрека дека времето на криза е и време на можности. Можеби навистина треба да се осмелиме да бидеме позитивни и да веруваме и во себе и во можниот инаков, мирен свет.
Билјана Ванковска