сабота, 12 јули 2025
Мануела Преотеаса

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Нови избори во Романија: Повторно координирани онлајн кампањи

Иако поништени минатата година заради странско мешање, повторените претседателски избори во Романија сè уште се во сенка на загриженоста за нејасни поврзаности, сајбер напади и координирани онлајн кампањи. Кандидатот од крајната десница освои 40,96 проценти од гласовите.

Претседателските избори во Романија во 2024 година беа поништени заради наводно странско мешање. Силен доказ за координирани онлајн активности со содржина што потекнува од Русија беше откриен во извештајот на британскиот тинк-тенк Центар за надворешна политика (Foreign Policy Centre – FPC), кој го користеше Осавул (Osavul), софтверот за детекција на закани поткрепен со вештачка интелигенција (ВИ), за анализа на повеќе од 3.500 пораки што циркулираа во периодот на поништените избори на платформите Телеграм, Фејсбук, Икс (поранешен Twitter) и Јутјуб (Martinescu et al., 2024). Извештајот покажа дека најголем дел од содржината потекнува од Русија или поврзани актери, вклучувајќи државни медиуми како „Русија денес’ (RT) и „Спутник“ (Sputnik). На повторените претседателски избори, нови докази од проектот PROMPT укажуваат дека координираното однесување продолжило во онлајн просторот, придонесувајќи за невиден екстремистички бран, во кој крајнодесничарскиот политичар Џорџ Симион (George Simion) освои 40,96 % од гласовите во првиот круг, што се одржа на 4 мај 2025 година.

Што се случи на повторените избори? Идентификувани координација и астротурфинг (оркестрирани кампањи)

Како дел од проектот PROMPT, истражувачи од Универзитетот во Урбино анализираа 45 272 објави на Фејсбук од 1 454 профили во периодот од 17 до 24 април 2025 година. Анализата, со користење на големи јазични модели (LLMs), се засноваше на листи на актери составени од AI de noi, мрежа на волонтери што следи содржини кои ги прекршуваат правилата – како лажни профили, слики генерирани од ВИ и емоционални манипулации.

Наодите покажаа дека поголем дел од објавите придаваа приоритет на емоционално набиена, кликомамец содржина наместо на фактографско известување. Многу од нив вклучуваа слики генерирани од ВИ и се фокусираа на теми како трагични лични приказни, вести за славни личности, стравови поврзани со јавното здравје и националистичка носталгија – често пати навидум аполитични, но со имплицитни политички пораки. Содржината во голема мера се разликуваше од актуелната информативна агенда. Други релевантни бази на податоци, како Martinescu et al. (2024), се сè уште предмет на анализа во рамките на PROMPT.

Мета (Meta) ја дефинира координираната неавтентична активност – КНА (coordinated inauthentic behavior – CIB) како кампањи за манипулирање со јавната дебата преку различни платформи (Meta, n.d.). Типична КНА тактика е астротурфинг – оркестрирани кампањи за симулирање на поддршка од основата – користена од актери со сопствени интереси (Chan, 2022). Чан (Chan) ја опишува како „проблем што оди подалеку од дезинформација“, со зголемени ризици за демократскиот интегритет.

Случајот на Романија ја нагласува опасноста од алгоритамско насочување, емоционални апели и координирано дистрибуирање, што може да го наруши јавниот дискурс и да го поткопа изборниот процес.

Докази за координирана неавтентична активност на Фејсбук мрежите во Романија (Избори 2025)

Во контекст на претседателските избори во Романија во 2025 година, анализата на мрежа од 1 489 објави на Фејсбук, спроведена од PROMPT, откри обрасци што упатуваат на координирана неавтентична активност. Овие објави беа дистрибуирани од 21 различен профил на Фејсбук, од кои неколку покажаа силни докази за поврзани јазли – термин во мрежната анализа што се однесува на профили поврзани преку синхронизирана активност или сличност во содржината. На пример, три профили – România EternăRomânia Modernă и România Autentică – објавиле во просек по 149 објави во анализираните месеци во рамки на 9,3 секунди, што е аномалија која укажува на автоматизирано однесување или централна контрола (карактеристично е речиси истовременото објавување идентична или многу слична содржина).

Слики на деца, возрасни или постари луѓе, осамени во двор во рурални области, со роденденска торта, кои велат дека се осамени и тажни, ја засилуваат темата на раздвоени семејства. Дајреста и Голдстајн (DiResta и Goldstein, 2024) идентификуваа неколку методи со кои спамери и измамници користат слики генерирани од ВИ на Фејсбук за да ја зголемат својата публика. Честа техника е објавување неозначени слики со натписи како „Ова е мојата прва торта! Би ми било драго да ги добијам вашите оценки“ или „Сам ја направив“, кои експлицитно бараат коментари и ангажман. Целта е двојна: да се зголеми публиката и да се внесат лажни информации во политичкиот дискурс.

Романија има најголема дијаспора во Европа – 5,7 милиони луѓе според официјалните статистики (Pop, 2025). Некои други објави ги следат вестите од денот, во стил на клик-мамка, и главно водат кон веб-страницата romaniaculturala.eu, со шокантни слики од несреќи, пожари, бури, смртни случаи и линкови во коментарите, кои, ако се кликнат, антивирусните програми предупредуваат за фишинг. Во политички интензивни периоди, страниците се преплавени со политички теми (главно поврзани со страницата romaniaculturala.eu), со пофалби за Џорџ Симион, Доналд Трамп или со објави на астролог што „предвидува“ кој ќе победи на изборите.

За да се добие претстава за метриките: România Eternă има 116 000 лајкови и точно 116 000 следбеници, România Autentică има 133 000 лајкови и 132 000 следбеници, додека România Modernă има 115 000 следбеници, но 0 следени профили и не е прикажан бројот на лајкови.

[Натпис: Објавата за националистичкиот лидер на Алијанса за единство на Романците (AUR), Џорџ Симион и неговата мајка е дистрибуирана во рок од неколку секунди од три профили. Извор: Meta Library, истражување PROMPT, 2025]

Квалитативна анализа на содржина

Што се однесува до содржината, профилите прикажуваат слични естетски и наративни стратегии. Објавите често содржат емоционално силни сцени: деца, постари лица и изолирани граѓани кои слават родендени сами – слики дизајнирани да апелираат на различни возрасни групи.

Сепак, во деновите околу изборите (4 мај 2025), содржината нагло се префрли од општи културни или емоционални објави кон отворени политички пораки. Новите теми вклучуваа: пофалби за меѓународни личности како Доналд Трамп и Илон Маск, нагласување на исклучувањето на Романија од американската Visa Waiver програма (објавено непосредно пред денот на изборите), про-Георгеску наративи и антиевропски теми.

Оваа нагла тематска промена, заедно со координираното темпирање, дополнително ја поткрепува хипотезата за стратешка манипулација со цел да се влијае врз однесувањето на гласачите во завршната фаза на кампањата. Анализираните објави покажуваат „јасна популистичка и националистичка пристрасност од десницата, особено во начинот на кој се прикажуваат политичките актери“, според анализата координирана од Универзитетот во Урбино во рамки на проектот PROMPT. Карактеристични беа пораки против партиите од владејачката коалиција – социјалдемократите и либералите – и пораки против претседателот на Романија, Клаус Јоханис (Klaus Iohannis) (декекмври 2014 – февруари 2025). Сепак, други објави на овие страници покажуваат силна поддршка за Алијансата за единство на Романците  (Alliance for the Union of Romanians – AUR) и нејзиниот лидер Џорџ Симион, евроскептицизмот и поширокиот популистички антиестаблишмент дискурс.

Иако многу од анализираните објави на прв поглед изгледаат неповрзани со политиката, често содржат имплицитни или експлицитни политички пораки, било преку критика на одредени партии или поддршка за други. На пример, некои објави ја таргетираат владејачката Социјалдемократска партија (PSD) со изјави како: „PSD пак прави што најдобро знае: ветува, па потоа им се потсмева на луѓето“ и „Крадците од PSD ја уништија Романија. Престанете да гласате за црвената мафија!“. Овие примери ја рефлектираат силната анти-PSD сентименталност, во согласност со ставовите на крајната десница и про-AUR ориентацијата.

Некои објави нудеа директна поддршка за крајно-десничарската Алијанса за единство на Романците (AUR) и нејзиниот лидер Џорџ Симион: „AUR е единствениот глас што ја кажува вистината! Останатите партии се во нечии џебови!“ и „Џорџ Симион не се плаши од никого! AUR се бори за Романците!“.

Критики беа упатени и кон тогашниот претседател Клаус Јоханис, чие поврзување со Националната либерална партија (PNL) го направи честa мета на антиестаблишментска популистичка реторика, надминувајќи ги строго левичарско-десничарските поделби.

Кога овие политички набиени пораки беа комбинирани со емоционална резонантна, но неполитичка содржина – како лични трагедии, здравствени стравувања или националистичка носталгија – целокупната дискурзивна средина упатуваше на медиумски екосистем што високо придонесува за ширење на популистички и екстремистички наративи, особено од крајната десница.

Координирано неавтентично однесување

Координираното неавтентично однесување (coordinated inauthentic behavior – CIB) )и астротурфинг беа наведени во одлуката на Уставниот суд како една од главните причини за поништување на изборите во ноември 2024 година и повторно излегоа на површина во 2025. Романија има 9 милиони корисници на Тик-ток и 13,03 милиони корисници на Фејсбук.

Во април 2025 година, Тик-ток деактивираше две тајни мрежи насочени кон влијание врз политичките наративи за изборите во Романија 2025. Едната била составена од 27 неавтентични профили со над 9 000 следбеници, кои користеле псевдоними и генерички аватари претставувајќи се како медиуми, со цел да засилат одредени наративи и да влијаат врз изборната дебата (Ardelean, 2025). Втората мрежа била составена од 4 453 неавтентични профили, главно промовирајќи ја партијата AUR и, во помал обем, независниот кандидат Калин Георгеску (Călin Georgescu). Оваа мрежа, управувана од Турција, користела измислени идентитети за објавување коментари поврзани со романските избори, наместо за создавање оригинални видеа. Секој профил имал просечно три следбеници. Истражувањето на Тик-ток сугерира дека трета страна, добавувач на лажна ангажираност, била платена за објавување на тие коментари, иако идентитетот и локацијата на лицата кои ја воделе оваа активност остануваат непознати (Ardelean, 2025).

Постизборни истраги беа покренати и од романските власти и на европско ниво. Тик-ток идентификуваше околу 27 000 профили управувани од Турција (Тик-ток, 7 јануари 2025), секој со по две или три видеа, поддржувајќи ја партијата AUR и Калин Георгеску до 17 декември 2024.

„Се сеќавате на тие ботови што генерираа десетици илјади коментари во секунда, чијашто улога беше да објавуваат објави?“ – реторички праша Кристијан Тереш (Cristian Terheș), и самиот кандидат за претседател и член на Европскиот парламент избран на листата на AUR. Јавно ги обвини романските власти дека не препознале дека манипулативните техники не биле насочени само кон Калин Георгеску, туку и кон AUR, без да бидат преземени правни мерки (Terheș, 2025).

Користење на емотикони за алгоритамска манипулација

Особено впечатлив случај на алгоритамска манипулација излезе на виделина само два дена пред претседателските избори во Романија на 4 мај 2025, како резултат на заедничка истрага на истражувачките новинари од Context и нивниот тим на компјутерски специјалисти.

(скриншот од Context, 30 април 2025)

Тимофте и Биро (Timofte & Biro, 2025) обезбедуваат емпириски докази дека манипулацијата со алгоритмите за рангирање на содржина на Тик-ток за време на претседателската трка во Романија 2025 оди подалеку од добро познатите техники како масовно објавување, преплавување со коментари и користење хаштаг. Студијата особено покажа дека емотикони биле систематски користени за манипулација со метриките за ангажман и за зголемување на видливоста на одредени кандидати. Користејќи сопствен софтвер, истражувачите анализирале над 519 Тик-ток профили, над 70 000 објави, над 4 милиони коментари и илјадници видеа. Шемите упатувале на координирана, можеби автоматизирана активност.

Клучен случај бил Џорџ Симион (AUR), чии објави содржеле обилна употреба на емотикони (пр. „🥰Simion Președinte 🥰🥰🥰🥰“). Слични тактики биле забележани кај други кандидати, вклучувајќи ги Крин Антонеску (Crin Antonescu) (🙏🌹), Марчел Чолаку (Marcel Ciolacu) (🌹🌹🌹), Виктор Понта (Victor Ponta) (💯✌️) и Елена Ласкони (Elena Lasconi) (💙💙💙) (Timofte & Biro, ibid.).

Истрагата исто така открила пренос на влијание од Калин Георгеску кон Симион, кој ги удвоил своите следбеници на 1,3 милиони за само 30 дена. Старите про-Георгеску профили останале активни, засилувајќи ја кандидатурата на Симион преку координирани коментари и содржини.

Ова ја отсликува способноста на крајно-десничарските движења да ги пренаменат дигиталните мрежи на влијание и да ги експлоатираат алгоритмите на платфорите за да ги заобиколат формалните дисквалификации и да ја задржат својата видливост. До мај 2025, кога изборите беа презакажани, напорите за манипулација се интензивираа. Околу 15 % од последните 400 000 коментари кај Симион сѐ уште се однесувале на Георгеску (Timofte & Biro, ibid.)

Студијата исто така покажува транс-партиска динамика: некои кандидати од крајната десница наводно ангажирале консултанти поврзани со центристички или либерални актери (Neag et al., 2024), замаглувајќи ги идеолошките линии во корист на тактички дигитални придобивки. Во целина, случајот истакнува како суптилни елементи, како емотиконите, можат значајно да влијаат на алгоритамската видливост. Се повикува на поголема транспарентност на платформите и форензичка контрола за да се спречи изобличување на јавниот дискурс преку инженерско дигитално влијание.

Онлајн параметри на координираното неавтентично однесување и поврзаноста со странско мешање преку дигитални информации

Неколку извештаи фрлија светлина врз феноменот на координираното неавтентично однесување преку различни техники. Се појавија низа докази – некои дури и пред изборите да бидат поништени – вклучувајќи извештаи објавени од Expert Forum и истражувачки медиуми, а други по поништувањето на изборите.

Извештајот на Службата за надзор и заштита од странско дигитално мешање, француска разузнавачка агенција, при анализата како Калин Георгеску добил толкава видливост на социјалните мрежи, истакнува „софистицирана кампања за манипулација со алгоритмот на Тик-ток и го опишува моделот на платформата“ (SGDSN, февруари 2025). „Софистицираната астротурфинг кампања вклучувала намерна манипулација со алгоритмот за препораки преку масовна дистрибуција на видеа и коментари со таргетирани хаштагови и клучни зборови“ (SGDSN, ibid).

(Извор: скриншот – SGDSN – VIGINUM извештај, феруари 2025, стр. 4)

Руските надворешни разузнавачки служби реагираа про-Георгеску

Калин Георгеску беше единствениот романски кандидат по падот на комунизмот за кого Руската надворешна разузнавачка служба SVR јавно зазеде став, обвинувајќи ја Европската комисија дека стои зад „одлуката на романското обвинителство да го обвини Георгеску“ (Izvestia, 2025). Службата на ЕУ за борба со дезинформации објави дека нема докази што ги поткрепуваат ваквите тврдења и укажа на теории на заговор (EuVsDisinfo, 2025).

По поништувањето на романските избори, властите го обвинија Калин Георгеску за шест кривични дела, вклучително и поттикнување на дејствија против уставниот поредок, во обид – обвинет е дека планирал заговор за дестабилизација на Романија. Поради овие обвиненија, му беше привремено забрането да ја напушти земјата и му беше забрането да се кандидира за претседател.

„Дискурсот на Калин Георгеску, како што се појавува на социјалните мрежи и видео платформите, беше анализиран од медиуми и граѓански активисти за идентификување на про-рускиантинатовски и антиевропски теми, измешани со бројни референци кон Бог, псевдонаука и суверенистички пристап кон земјоделството и економијата“ (Radu, 2024).

Механизмите што го направија Калин Георгеску релевантен во онлајн просторот не беа целосно непознати; тинк-тенк организацијата Expert Forum предупреди уште пред изборите на 24 ноември 2024 за техники на манипулација, особено кампањата со хаштагот #balanceandverticality (#рамнотежаивертикалност) на Тик-ток. Сепак, немаше суштинска реакција од властите. (Voinea, M.E., Ioniță, S., 18.11.2024).

Калин Георгеску доби 2,4 милиони прегледи во два месеца, иако немал никакви средства за својата изборна кампања, под хаштагот #balanceandverticality. Покрај привидно безопасниот хаштаг, другите механизми вклучувале мрежи на лажни профили (27 000 од нив идентификувани од Тик-ток како активни од Турција) и микро-плаќања на блогери без политичка припадност, посредувани од агенцијата Fade Up. Оваа агенција беше спомната во декласифицирани документи на романските разузнавачки служби и подоцна истражувана од Le Monde (2024).

„Следејќи го моделот на кампањата на Стојаногло (Stoianoglo) од Молдавија, постојат романски инфлуенсери без политичка припадност – односно фокусирани исклучиво на мода, шминка и забава – кои помогнале во одвлекување на вниманието од кампањата на либералната партија. Името на Георгеску не било експлицитно спомнато“. (Expert Forum, 2024). Од септември 2024 до крајот на годината, хаштагот #calingeorgescu има добиено 120 милиони следбеници.

Кампањата на Тик-ток била слична на „Брат до брат“ (Brother Near Brother), кампањата што Русија ја водеше во Украина, заснована на манипулација со микроинфлуенсери (декласифициран извештај на Министерството за внатрешни работи, 2024) и на онаа посветена на Стојаногло (Cristea,2024, Expert Forum, 2024).

Покрај првичното предупредување, Expert Forum истражуваше и даде препораки за идни активности, вклучувајќи:

  • Податоците зачувани според наредбата за задржување издадена од Европската комисија до Тик-ток мора да бидат јавно достапни за истражувачи.
  • Потпирањето само на нетранспарентни внатрешни истраги спроведени од Тик-ток не е само нефункционално, туку и ги поткопува принципите на транспарентност и отчетност, особено во критични периоди како избори.
  • Дополнително, мора да се спроведе истражување за да се испита системот на препораки на Тик-ток, вклучувајќи практики како „системот за греење“ (‘heating system), каде што вработени рачно ја зголемуваат вирулентноста на содржина. (Expert Forum, 2025).
  • Мануела Преотеаса (Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Рајко Пеколски

Забрането постоење!

Драган Симоновски

Заробени во чекалницата на ЕУ: Кога идентитетот станува валута за пристапување

Ристо Цицонков

Нуклеарни електроцентрали, да или не?

Кристина Пота

Самопочитување, умешност која сите можеме да ја научиме

Наташа Котлар

Модерни (ЕУ) народи!

Јове Кекеновски

Гoлемите комплекси на една мала политика

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ