петок, 11 јули 2025
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Нoва секвенца на Спајдермен: уште една секунда поблиску до судниот ден?

Пред нешто повеќе од три години бев поканета да учествувам во book project кој собра врвни научници од целиот свет за да работат на темата која уште тогаш се чинеше како исклучително значајна и ургентна: менаџирање со нуклеарниот поредок. Во тој контекст организиравме неколку онлајн дебати, а јас како еден од ретките учесници кои доаѓаат од светската (или европската) периферија се осмелив да прашам: каков поредок? Каде гледате поредок со најубиственото оружје на планетата?

Мојата поента беше радикална (по обичај): нам не ни треба менаџирање со нуклеарното оружје, туку имплементација на Резолуцијата на ООН за аболиција на нуклеарното оружје. Некои од моите западни колеги изгледаа вџашено – иако сум убедена дека ниту еден од тие добри луѓе нема добро мислење за нуклеарен армагедон. Но, кога дојде време за евалуација на нашите поглавја за книгата, еден од уредниците беше резолутен во оценката дека мене не ми е место во таа книга. Не му се допаѓал мојот „тон“ и „стил“ (што тоа и да значи). Вториот уредник беше воодушевен од текстот, но моќта на ќесето со пари не лежеше во неговите раце. Така, вообичеаните западни величини и/или тие со образование од елитните западни универзитети се најдоа во книгата.

Ова е само мала анегдота која зборува за тоа како се третираат гласовите на оние од „маргините“. Една од моите тези требаше да создаде аларм „одоздола“, од нас обичните смртници и активисти – барем така се договаравме со уредувачите . Таа гласеше дека светот тргнал кон незамисливото (unthinkable) сценарио, што беше содржано во поднасловот: Ave Caesar, morituri te salutant! Поентата беше дека додека не го собориме Цезар, владетелот (во вид на глобален систем заснован на насилство), сите сме осудени на смрт. Тука првенствено алудирав на (не)одговорноста на т.н. западни демократии, свесна дека Западот е во залез и длабок морален, политички и економски пад.

Да потсетам, тоа сè уште беше времето на почетокот на она што се викаше специјална воена операција покрената од Москва, а што сега веќе отворено се нарекува – војна. На прашањето за каква војна станува збор најчесто се одговара со неколку зборови, како асиметрична, хибридна и прокси-војна. Но, од 1 јуни 2025 година, од масовниот напад на нуклеарните стратешки цели во длабочината на руската територија, сѐ повеќе се зборува и за можна трета светска војна односно пуштање на духот од шишето на нуклеарен судир. Операцијата наречена „Пајакова мрежа“ била наводно во подготовка 1,5 година (за што Трамп би можел повторно да каже дека сето ова е дело на Бајден). Многу непознаници има околу инволвираноста на НАТО земјите во она што претставува апсолутна црвена линија за секоја нуклеарна сила, односно за операција каква што за време на Студената војна не можеше ни да се замисли.

Но, две работи се овде јасни: првата е дека јунакот на оваа приказна не е Спајдермен – Зеленски. Освен тоа ова не е доказ дека Давид може да го победи Голијат, бидејќи секому му е јасно дека во прокси војната на Западот тој е само потрошен пион. Улогата на овој Спајдермен и неговата иперација е веројатно пресметана со ограничена цел: провокација на „Мечката“ и нејзино преземање мерки на одмазда кои на Западот ќе му ја потврдат тезата дека Путин е новиот Хитлер (она што го вртат пи-ар компаниите и медиумите со години). Откако мина првиот бран на аплаузи и восхит од малата храбра Украина, која истовремено учествува во (божем) мировни преговори, сега се сумираат штетите нанесени на Руската Федерација и се анализира можниот одговор. Иако е точно дека Кремљ не може да биде среќен со уште еден пропуст на својата одбрана и безбедносна структура, сепак ефектите од акцијата се само симболични. Ова е покзна вежба за тоа што и како би можело да се случува во ситуација на иден посериозен судир меѓу две (или повеќе) нуклеарни сили. Дури и индиско-пакистанските искри од неодамна сега се анализираат низ таа призма на новата технологија и тактика. Стратегија тука нема – бидејќи блиску е до умот и да помислите дека ќе има победници во нукеларен судир.

Мнозина сметаат дека Спајдермен (како и во почетокот на војната во 2022) и натаму е под директно британско влијание. Но, прашањето е каква е улогата на САД? Дали секретарот за одбрана сам ја набљудувал операцијата (во реално време) и фаќал сеир, или тоа го правел заедно со колегата Рубио и претсдателот Трамп. Ова е реторичко прашање се разбира. Овде е многу поиндикативно што брборливиот Трамп молчи како риба, дури нема ни порака со големи букви или некое безбедно адолесцентско меме на неговата социјална мрежа. Од самиот почеток бев скептик дека Трамп може да има капацитет на миротворец и дека некој кој е страна во судир не може да биде медијатор. Да не бев во право, наместо Лавров и Рубио, сега ќе разговараа директно Трамп и Путин – и тоа не куртоазно за семејствата, туку за опстанокот на светот.

Ако и операцијата Пајакова мрежа била долго подготвувана, нејзиното лансирање токму во пресрет на продолжението на разговорите во Истанбул (заедно со обидот за атентат на Путин и двата терористички напади на цивилна инфраструктура) – зборува за отворена намера за ескалација на војната, а не за нејзино завршување. Или барем ставање под контрола… Сосема друго легитимно прашање е зошто Спајдермен не ги употребил сите тие убиствени дронови за јакнење на одбраната на својата земја, туку одел по патот на менторите кои му дале задача да се испроба против надмоќниот ривал на негова територија (сѐ до далечниот Амур). Ние од поранешна Југославија сме виделе многу примери за слично жртвување на свои сили и луѓе за туѓи цели и воена пропаганда. Зеленски не се грижи за „последниот Украинец“, туку за „последниот (западен) човек“ иако тезата на Фукујама е одамна предмет на потсмев.

Оној „нуклеарен поредок“ за кој пишував на почетокот на овој текст е непостоечки, демонтиран, а сега со нападот (со сателитска и разузнавачка помош од Запад) врз воздухопловите кои стоеле на отворено за да спротивната страна биде убедена дека Русија не планира атак (согласно билатералниот СТАРТ договор со САД), од довербата не остана ништо. Поуката не ја прими само Москва, туку и сите други – единствено правило во оваа игра е дека нема правила. Сиот поредок (меѓународен, економски, трговски, па и нуклеарен) е во парампарче.

Последен пат кога го проверив Doomsday Clock (Часовникот на Судниот ден) тој покажуваше 98 секунди до тоталниот мрак. Иако рускиот нуклеарен арсенал е далеку од драматично намален (како што зборуваат западните пропагандисти), идејата за „нуклеарно табу“, т.е. за апсолутна забрана на помислата дека некој прв ќе употреби нуклеарно оружје, е сега распрсната како глупост. Сѐ навестува исход како во изреката дека ако во првиот чин на драмата видите огнено оружје, можете да се обложите дека тоа ќе биде употребено во последниот чин. Дека Трамп сè уште верува во неговиот Golden Dome како апсолутна заштита на САД од нуклеарен напад е видливо, иако е прашање дали и кога и како би го реализирал тој свој „убав“ сон. Засега судбината на светот е сепак во рацете на Путин, кој за среќа не е каубоец од Дивиот Запад кој би повлекол куршум на првата, втората или третата провокација. Но, тоа нема да може долго да трае колку и да се неговите нерви смирени, а умот стратешки и рационален. Веќе подолго време тој е на удар од внатрешните хардлајнери кои бараа „мала тактична нуклеарна бомба“ врз Украина, а кои сега како да добиваат ветер в грб со тврдењето: нели ти кажавме? Позицијата на Путин не е лесна: тој е проклет ако не се одважи на реталијација, но е проклет и ако го стори тоа на убедлив и видлив начин.

И да не заборавиме, НАТО подготвува самит на кој ќе даде целосна поддршка на Спајдермен, ќе ги ограби сите граѓани на државите членки со образложение дека сега ситуацијата е апсолутно опасна (иако таа опасност тие ја создаваат), а ЕУ ќе фаќа белешки „како да стане НАТО“. Тоа дека Западот го подготвува својот погреб и смрт од прекумерна доза на милитаризам е некако јасно, но дали остатаокот од светот мирно ќе продолжи да го гледа палењето на Рим со прелевање на пожарот и во другите делови на светот? Веројатно вакви калкулации се правеле и за време на јакнењето на Хитлеровата воена моќ, но тоа сепак беше време без „глобален нуклеарен поредок“.

 Билјана Ванковска  

КОЛУМНИ

Драган Симоновски

Заробени во чекалницата на ЕУ: Кога идентитетот станува валута за пристапување

Ристо Цицонков

Нуклеарни електроцентрали, да или не?

Кристина Пота

Самопочитување, умешност која сите можеме да ја научиме

Наташа Котлар

Модерни (ЕУ) народи!

Јове Кекеновски

Гoлемите комплекси на една мала политика

Мухамед Халили

Кој негува илузии дека го симнал од дневен ред во ЕУ...

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ