петок, 13 март 2026

Нова „петолетка“ на Кина за 22 век

Во Пекинг денеска завршија „Двете сесии“, главниот политички настан на годината во Кина. Национален народен конгрес (ННК) и Национален комитет на Кинеската народна политичка консултативна конференција (КНПКК) поќ 10 дена секојдневна работа го донесоа планот за развој на Кина во наредните пет години. Безмалку 3.000 делегати на ННК и 3.000 членови на КНПКК ја дефинираа стратегијата за новата „петолетка“. Она што останува како главен впечаток е дека ова не е само протоколарно донесување на еден важен документ предложен од Комунистичката партија на Кина.

Во Пекинг вчера завршија „Двете сесии“, главниот политички настан на годината во Кина. Националниот народен конгрес (ННК) и Националниот комитет на Кинеската народна политичка консултативна конференција (КНПКК) по 10 дена секојдневна работа го донесоа планот за развој на Кина во наредните пет години. Безмалку 3.000 делегати на ННК и 3.000 членови на КНПКК ја дефинираа стратегијата за новата „петолетка“. Она што останува како главен впечаток е дека ова не е само протоколарно донесување на еден важен документ предложен од Комунистичката партија на Кина.

Објавено на

часот

Сподели

Тоа може да се види насекаде во Пекинг. Во Големата сала на народот, во разговорите со кинеските новинари, по медиумите, меѓу народот, во посветеноста на пратениците и членовите на консултативното тело, па дури и во звукот кога три илјади присутни во салата во иста секунда вртат нов лист од рефератот на некој од говорниците, што значи дека сите тие внимателно и дисциплинирано го следат сечиј говор.

И она што по медиумите следуваше по секоја сесија, обработката на сите аспекти на политичкиот настан на годината, организираните конференции за медиумите со министрите, со пратениците, со експертите… само го утврдуваше впечатокот дека ова не е само уште еден документ, само уште една добро организирана политичка претстава, која брзо се заборава.

Нивото на развој на Кина денес, фактот дека е втора економска сила во светот по САД, дека се развива со неверојатна брзина, дека по она што е тука постигнато во последните 20-30 години изгледа како од некој футуристички филм… само докажува дека овие „петолетки“ се чини се плодотворни. Досега ги имаа 14. Оваа им е 15-та.

Овој социјализам има поинаков лик, со кинески карактеристики, како што вели нивниот претседател Си Џинпинг.

Во Пекинг, во секој говор, не само во Големата сала, туку и на секоја конференција за медиумите, на секоја средба со новинарите на политичари, на бизнисмени, професори, научници, доктори… секогаш се споменуваат ликот и делото на претседателот или се цитира некоја мисла од неговите говори. Но, барем вака навидум, се чини е дека тоа не е по директива, туку вистинска посветеност, амбиција, желба… да ја направат Кина поразвиена, економски посилна, социјално праведна и еколошки чиста.

Во петогодишниот план се дефинираа економски цели, стратегии за развој и придружните клучни закони што ќе го обликуваат правецот на земјата. Националниот народен конгрес, највисокото законодавно тело во Кина, донесе закони, го одобри финансискиот план и темелно ги проучи, анализира и оцени извештаите на Владата. Во КНКК, тело што има советодавна улога, се собрани претставниците на различни општествени групи, вклучувајќи политичари, бизнисмени, академици и организации на граѓанското општество, се систематизираа предлозите на сите интересни групи во општеството.

Сите заедно го дефинираа економскиот раст, стабилноста на пазарот на трудот, индустрискиот развој и технолошките иновации. Годинешниве „Две сесии“ се одржаа во време кога Кина се соочува со голем број предизвици, од глобалната економија, трговијата и геополитичките тензии до потребата од структурни реформи и зајакнување на домашната потрошувачка. Во овој контекст, кинеското раководство ја нагласи важноста на стабилниот развој, поддршката на економијата на микро и макрониво и промовирањето на економскиот раст.

И не само тоа. Тука се и плановите со вработувањето, особено кај младите, развојот на високотехнолошката, дигиталната економија и вештачката интелигенција, како и енергетската транзиција и заштитата на животната средина. Кина се стреми да го усогласи својот економски развој со политиките што вклучуваат намалување на емисиите на јаглерод диоксид, а воедно да обезбеди енергетска безбедност и профитабилност. Инвестирањето во обновливи извори на енергија и зелени технологии е еден од клучните столбови на стратегијата за развој за одржлив раст. Кинеските власти нагласуваат дека иновациите и технолошкиот развој ќе играат клучна улога во долгорочната стратегија на земјата. Планирано е зајакнување на развојот на дигиталните и интелигентните технологии, а се работи и на поттикнување нови форми на бизнис и зајакнување на заштитата на малолетниците во сајбер-просторот.

Не се заборава и на здравствената заштита, образованието, социјалната политика и грижата на постарите.  Оваа „петолетка“, вели Пекинг, многу ќе се работи на намалување на регионалните нееднаквости (север – југ) преку поттикнување на компаративните предности и посебните силни страни и подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Посебен акцент е ставен на развојот на руралните средини и продолжувањето на политиката за ревитализација на селата.

Еве како тоа изгледа денес, преку некои бројки.

Во Кина во 2025 година се основани 1,13 милиони нови компании во индустрии во подем и идни индустрии, што е раст од 9,9 отсто на годишно ниво, што го нагласува силниот замав во секторите како хуманоидна роботика, цивилна авијација и генеративна ВИ.

Во Кина лани влегле 30,08 милиони меѓународни посетители без виза – речиси 50 отсто повеќе во споредба со претходната година. И да, меѓу нив е и Македонија, која сè уште им издава визи на посетителите од Кина.

8,32 милиони патнички автомобили биле извезени од Кина во 2025. 3,43 милиони од нив биле НЕВ (возила со нова енергија, електрични или приклучни). Произведени се 14 милиони возила. Или удел во светскиот извоз 25%. ЕУ и Европа лани произвеле 3,3 милиони возила, а САД 1,8 милиони. Во Кина повеќе од половина од новите автомобили веќе се електрични или приклучни. Кина произведува повеќе електрични автомобили отколку САД и Европа заедно.

Роботи ви прават кафе во парк. Робот машини ги чистат улиците. Во еден кварт во Пекинг во тест фаза е примената на такси возила без шофери. Вештачката интелигенција веќе се применува во сите сфери.

Беспомошен си ако немаш мобилен телефон, со кој плаќаш сè, по супермаркети, во големи трговски центри, по мали продавнички, купуваш брза храна на улица, нарачуваш такси, резервираш билети за автобуси, возови, авиони…

Возовите се движат со по 350 километри на час.

Кина успешно ја заврши првата фаза од тестирањата на 6Г технологијата, со акумулирана резерва од повеќе од 300 клучни технологии, целосно ја започна следната фаза од испитувањата.

Бројот на студентите во Кина во областите како информатички науки, дигитални технологии, ИКТ и вештачка интелигенција е огромен и е дел од национална стратегија за технолошко лидерство – 400 до 450 илјади дипломирани студенти годишно во компјутерски науки и сродни ИТ дисциплини. 1,5 милиони студенти се запишани во истражувањето на вештачката интелигенција и поврзани студии… Повеќе од 300 илјади студенти годишно дипломираат на ВИ.

Бројот на универзитетите со ВИ програми пораснал од 50 во 2018 на 540 во 2023.

Ако се комбинираат главните технолошки области, компјутерски науки, податочни науки, ВИ, електроника, комуникации, софтверско инженерство… се проценува дека во Кина има околу 5 милиони студенти во технолошки и дигитални области во секој момент.

Кина има 1,2 милиони ВИ професионалци…

Иако „Двете сесии“ се првенствено фокусирани на домашни теми, нивните пораки се внимателно следени и надвор од Кина, поради што овој настан го привлекува и вниманието на меѓународната јавност. Одлуките и упатствата што се усвојуваат имаат важно влијание врз глобалната економија, меѓународната трговија, инвестициските активности и политичката динамика, со оглед на улогата на Кина како доминантна сила во глобалната економија.

Тука, во Кина веќе се наѕира како ќе изгледа 22 век и како ќе се развиваат новата светска геостратегија и новиот мултиполарен свет.

Александар Дамовски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ