Ваквиот систем честопати знаеше да води до погрешни толкувања, да се нудат наслови што мамат кликови и читаност, но и чувство кај играчите дека нивните зборови, па и целите нивни приказни, не се пренесуваат автентично.
Tаа ера сега е завршена. Нова генерација НБА играчи, технички максимално писмени, вооружени со паметни телефони, па дури и со студиска опрема и продукциски компании, ја презедоа контролата врз обликувањето на наративот и имиџот, како сопствениот, така и на НБА генерално. На овој начин кошаркарите ги заобиколуваат традиционалните чувари на спортското новинарство, репортерите, колумнистите и ТВ водителите и создаваат директна комуникациска линија со своите фанови и навивачите.
Овие медиуми од „новата ера“ се далеку од само забава и бенигна комуникација, тие се една стратешка игра на моќ што фундаментално го преобликува медиумскиот пејзаж на лигата.
На врвот од популарноста на новиот начин на комуникација со НБА следбениците е поткастот. Поткастите станаа исклучително влијателен медиум на играчите кои, преку него, имаат можност да се изразат без филтри и да ја дадат својата слика на начин што им одговара. Овој начин на презентирање и комуникација е далеку поотворен, поаналитичен и поуверлив од на пр.брзото интервју веднаш по натпреварот, иако и тоа има свој шарм со оглед фактот што импресиите на играчот се искажани непосредно по средбата. Гостување во интервју на традиционален медиум има други граници, говорни, естетски, временски, на кои гостинот, треба да се придржува што може да го лимитира неговиот начин на изразување. Подкастот нуди време и простор за долги, искрени разговори, делува кежуал, се следи многу порелаксирано и нема некои посебни ниту говорни, ниту естетски лимити во експресијата.
Поткастот на Дрејмонд Грин е одличен пример. Неговите емисии редовно имаат преку еден милион прегледи што е бројка за која некои од традиционалните медиуми можат да сонуваат. Ваквата гледаност беше причина што една од највлијателните спортски медиа компании „The Volume” на Колин Каухард го зеде под свое и гo продуцира неговиот поткаст. Се разбира, од бизнис аспект, популарноста носи и спонзори, а поткастот на Грин со мултимилионски договор е спонзориран од „Hard Rock Bet“. Дрејмонд Грин, еден од најпргавите и најконтроверзните играчи во НБА, се разбира не може да биде поинаков ниту на својот подкаст, а тоа е многу привлечно за публиката. По инцидентот со газењето врз Домантас Сабонис, на пример, за кој беше суспендиран на еден натпревар, Грин го искористи поткастот да ја даде својата страна од приказната, да ги критикува судиите, објаснувајќи го својот начин на размислување кој беше во директна спротивност со ставовите на мејнстрим медиумите и на НБА. Со тоа предизвика огромен интерес, жолчни дискусии и врвна гледаност на поткастот.
Неговата директна, нефилтрирана анализа на натпреварите и настаните во лигата го промовира неговото шоу во задолжително за гледање за сите НБА фанови, и тие што го почитуваат и оние другите.
„Поткаст П“ на Пол Џорџ исто така е екстремно популарен и на фановите им дава еден оригинален поглед во умот, размислувањата, животните ставови на една суперѕвезда. На својот поткаст, на пример, тој отворено дискутира за неговиот трансфер од Клиперс во 76-те, давајќи нефилтрирани податоци за деловната страна на клубовите и на лигата, што никогаш не би се објавиле на формална прес-конференција или ТВ интервју.
Но, се чини дека најголемо влијание и најголем бенефит од сопствениот поткаст имаше Џ.Џ. Редик. Неговата транзиција од коректен кошаркар, преку почитуван спортски аналитичар, до прв тренер на Лејкерси беше во голема мерка резултат на сериозниот пристап, длабинските анализи и презентацијата на врвно познавање на проблематиката со извонредна елоквентност во серија негови поткасти. Посебно интересни и за него значајни беа последните два насловени како „The old man & the three” и „Mind the Game”, првиот популарен по длабински прегледи на кошаркарската стратегија, а вториот по анализите со неговиот ко-водител ЛеБрон Џејмс. Поткастот со ЛеБрон само на Јутјуб уште со првата епизода привлече 1,3 милиони прегледи и 500.000 следачи во само еден ден. Во просек, сите епизоди имаа преку 1,5 милиони прегледи, а некои од нив достигнаа и 4 милиони.
Поткастите како медиум им овозможуваат на поранешните и актуелните играчи да се претстават како повеќедимензионални личности, не само како спортисти, туку и како интелигентни, промислени, па и духовити личности, а со тоа си ја креваат популарноста, го поправаат сопствениот имиџ, но и дополнително заработуваат. Посебно популарни поткасти, покрај овие што ги спомнавме имаат и Тајрис Макси, Кевин Дурант, Мајк Портер Јуниор, како и поранешните НБА кошаркари Мет Барнс, Стивен Џексон, Јудонис Хеслем, Мајк Милер…

За ЛеБрон Џејмс учеството во поткастот „Mind the Game”, се разбира, не беше доволно. Како и секогаш, тој оди чекор понатаму, па формира своја продуцентска компанија „Uninterrupted“ која продуцира оригинална содржина фокусирана на спортисти, вклучувајќи филмови, документарци, телевизиски серии и поткасти, но исто така се занимава со продажба на спортска опрема и гардероба преку интернет. Оваа компанија ги продуцираше филмовите „Hustle“ со Адам Сендлер и „Space Jam: A New Legacy“, со ЛеБрон во главната улога и документарната серија на Нетфликс „Starting 5“ која го следи професионалниот живот на 5 НБА ѕвезди, Леброн, Тејтум, Батлер, Едвардс и Сабонис низ сезоната 2023/24. Но, и ваквиот медиумски подем за ЛеБрон Џејмс е малку, па сега има потврдени извештаи дека подготвува спојување со друга голема продуцентска компанија од Британија “Фулвел 73“, со цел заедничката фирма да биде една од најважните компании за спортска содржина на глобално ниво. Инаку Фулвел 73 е позната во светот на забавата по продукцијата на шоуто „Кардашијанс“ и организацијата на наградите Греми.

На овие начини играчите повеќе не се само субјекти на новинарски стории, тие станаа продуценти на сопствените приказни и погледи кон светот на спортот.
На Инстаграм прославуваат победа, на Твитер ги изразуваат политичките ставови, на Tикток делат моменти од нивниот секојдневен живот…
Оваа директна врска со публиката значи дека новинарот може да пишува за неговата перцепција за играчот, но играчот може да објави контранаратив и да ја обликува јавната перцепција во реално време.
Традиционалните спортски новинари пред себе сега имаат голем предизвик. Нивната улога како канал за информации и анализи веќе не е примарна. Не само играчите, туку и навивачите можат самите да објавуваат најнови вести директно од социјалните медиуми на играчот или пак сублимирани анализи од различни подкасти. Ова ги принудува новинарите да се прилагодуваат на новите услови. Наместо само да известуваат за „што“ и „кога“, тие мора да се фокусираат многу повеќе на „зошто“ и „како“. Мора да обезбедат длабок контекст, привлечни долги статии и издржана критичка анализа што не може да се најде на личниот канал на играчот. Новата медиумска ера им овозможи на играчите да го истакнат својот глас, мислење и став и да се ослободат од етикетите и наративите создадени од други. Оваа можност за спортистите нуди ниво на контрола што беше незамисливо пред една генерација, за навивачите, ова е златно доба на директен пристап до нивните спортски идоли, а за традиционалните медиуми – предизвик и можност за еволуција.
Љубомир Николовски












