Трамп или сѐ сака или сѐ мрази – нема средина. Но, без разлика дали го сакаме или не, едно е неспорно: 47-от претседател, Доналд Трамп, создава Нов економски поредок (НЕО). Во блиска иднина, некој економски теоретичар ќе стане познат создавајќи теорија која ќе ги објасни политиките на Трамп, како што своевремено беа блиски теориските поставки на Кејнс (J.M. Kaynes) и праксата на Рузвелт (Roosevelt). Се надевам дека ќе го спомене и мојот скромен придонес, со синтагмата: „Нов економски поредок“.
Иновативните економски потези најчесто ги иницираат луѓе од пракса: политичари и бизнис лидери. Подоцна, истражувачите ги анализираат, формализираат или теоретизираат тие дејства. На пример, „New Deal“ на Рузвелт дојде пред целосно да биде артикулирана теоријата на Кејнс. Отворените пазарни операции на Федералните резерви беа користени пред монетарната теорија формално да ги објасни.
Неповолни промени има и во индустријата! Многу бизнис иновации прво се појавиле во компании, а дури потоа биле предмет на академски студии. „Lean manufacturing“[i] започна во „Toyota Motor Company“, а отворените Town Hall Meetings станаа средство за трансформација на организациската култура во „General Electric“.
Зошто е ова така?
И политичарите и бизнисмените решаваат реални проблеми. За првите, тоа е нивна обврска – да дејствуваат за доброто на мнозинството. Често работат под притисок, користат интуиција, искуство или политичка нужност. За вторите, тоа е секојдневна борба за опстанок во „пазарната џунгла“.
За разлика од нив, истражувачите од општествените науки се во релативно комфорна позиција. Валидноста на нивните теории не се тестира веднаш во пракса, туку во академски дискурс – на некоја конференција или на страниците на стручни списанија.
Стариот економски поредок – теоретска и политичка позадина
Што, всушност, менува претседателот Трамп? За да одговориме, мора најпрво да прашаме: Кои се клучните карактеристики на Стариот економски поредок? И, како последица, што се „уништува“ за да се изгради нешто ново – особено од перспективата на САД?
Намерно го користиме терминот „уништување или деструкција“, затоа што се поврзува со познатиот концепт на Јозеф Шумпетер, „Креативна деструкција“, а тоа е процес кој тој го опишува како суштинска движечка сила на капитализмот.
Од крајот на Втората светска војна, светската економија се обликуваше преку постепено намалување на трговските бариери и либерализација на трговијата. Овој развој може да се види во две главни димензии:
- Мултилатерализам – експониран преку Генералниот договор за тарифи и трговија (GATT), кој ја постави основата за Светската трговска организација (WTO), но и асоцијации како како Г7 и ОЕЦД.
- Регионализам – со појава на бројни регионални економски иницијативи, како:
а) Европската економска заедница (ЕЕЗ), која подоцна прерасна во Европска унија (Римски договори, 1957; Договор од Мастрихт, 1992),
б) Северноамериканскиот договор за слободна трговија (NAFTA, 1992), подоцна заменет со Договорот САД–Мексико–Канада (USMCA, 2020),
Царините на Трамп претставуваат нарушување на воспоставениот поредок, предизвикувајќи ги и мултилатералните и регионалните структури кои долго време го поддржувале глобалниот трговски систем.
Сведоци сме на нарушување на класичната економска теорија, која значи оддалечување од идеите на Адам Смит и Дејвид Рикардо. Принципот на Рикардо нагласуваше дека земјите треба да се специјализираат во производството на добра кои најдобро ги произведуваат, дури и ако се помалку ефикасни во други области. Наспроти тоа, пристапот на Трамп ја истакна самодоволноста: колку што е можно повеќе да се произведува дома.
Импликации од Бретон Вудс и GATT, 1941–1947
За време на и непосредно по Втората светска војна, Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство и другите сојузнички држави учествуваа во низа преговори за воспоставување правила за меѓународната економија по завршувањето на војната. Резултатот беше создавањето на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка на конференцијата во Бретон Вудс во јули 1944 година, како и потпишувањето на Генералниот договор за тарифи и трговија (GATT) на меѓународна конференција во Женева во октомври 1947 година.
Станува збор за време кога економијата на Америка беше доминантно национална, а не глобална. Надворешната трговија учествуваше со помалку од 10% од БДП на САД. Дури 40 години по Втората светска војна, надворешната трговија ја надмина границата од 15% од американскиот БДП. Така, со години и децении, Америка беше најголемата воена, економска и извозна сила, со економија која беше речиси самодоволна.
Графикон 1: Американската надворешна трговија како процент од БДП, 1945–2025

„Зголемувањето на надворешно трговската размена доведе до зголемен дефицит на трговскиот биланс на Америка.“.
Графикон 2: Американскиот трговски дефицит во милијарди долари
Америка 1945–2025 (или Америка пред Новиот Економски Поредок на Трамп)
Ајде повторно да се навратиме на Шумпетер, кој напиша: „Отворањето на нови пазари, странски или домашни, и организацискиот развој – од занаетчиските работилници до компании како U.S. Steel – го илустрираат истиот процес на индустриска мутација – да ја искористам таа биолошка метафора – кој постојано ја револуционизира економската структура одвнатре, постојано го уништува старото и постојано создава ново. Овој процес на креативна деструкција е суштинскиот факт за капитализмот (стр. 83).“
Нашето скромно мислење е дека: Доналд Трамп го менува текот на историјата. Тој „креативно го уништува“ претходниот економски систем. Претходната доминантна претпоставка од аспект на Америка беше: „Ние сме богати и моќни, можеме да уживаме затоа што сиромашните (или посиромашните) ќе произведуваат за нас. Ние можеме да уживаме живеејќи во постиндустриското општество!“ Овој начин на размислување доведе до најголемиот буџетски дефицит и трговски дефицит во историјата!
Кај некои автори имаше одреден скептицизам околу долгорочната одржливост на постиндустриското општество изградено претежно врз услуги. Идејата дека можеме „ние да дизајнираме и пласираме, а другите да произведуваат“ изгледа суштински проблематична, ако не и неодржлива.
Сепак, најголемиот дел од американската економија се потпираше на услуги, и тоа е тренд во втората половина на XX-от и XXI-от век.
Графикон 3: Промени во структурата на американскиот БДП – производство наспрема услуги

Она што е уште полошо за Америка е фактот дека порастот на дефицитот во надворешната трговија беше придружен со континуирано зголемување на буџетскиот дефицит. Ова може да се илустрира преку следниот графикон:
Графикон 4: Тренд на федералниот буџетски дефицит на САД

Резултатите од тие дефицити се кумулативно зголемување на односот долг/БДП:
Табела 2: Тренд на националниот долг

Ова беше состојбата во 2024-та година, кога претседателот Доналд Трамп го започна својот втор мандат. БДП беше на високо ниво, но другите аспекти не беа толку добри:
- Трговскиот дефицит растеше (а со тоа и американската зависност од странско производство);
- Буџетскиот дефицит растеше (а со тоа и американската зависност од приватно домашно и странско финансирање)!
Кина имаше позитивен трговски биланс со Соединетите Американски Држави, при што извозот го надмина увозот за 18 милијарди долари. Уште полошо – од американска перспектива – не само Кина, туку и други земји, како на пример Германија, бележат огромен раст на извозот. „Во јануари 2025 година, Германија забележа трговски суфицит од 16,6 милијарди американски долари, наспроти 21,7 милијарди долари во декември 2024 година.“ Холандија, Ирска, Италија, Унгарија и Полска се исто така забележани како придонесувачи кон трговскиот суфицит на Еврозоната.
Слично, САД имаат негативен биланс со Канада[ix] од 29 милијарди долари, и со Мексико од 166,2 милијарди долари, со што Мексико[x] се позиционира како еден од најголемите извори на американскиот трговски дефицит.
„Што би направилe вие доколку станевте претседател на САД? Дали би се обиделе да промените нешто или би ги оставиле работите да бидат status quo?“ ( Иако, се разбира, начинот на спроведување на промени секогаш може да биде поинаков.)
Политички превирања
Претседателот Трамп го започна својот втор мандат со закани кон Кина. Навистина, сериозни царини беа воведени против Кина, која се сметаше за најзначаен противник на САД. Но, сведоци сме и на дејствија насочени кон некои од најважните сојузници; ЕУ е една од нив.
Некои критикуваа одредени изјави на претседателот Трамп, како на пример оваа: „Ајде да бидеме искрени, Европската Унија беше формирана со цел да ги уништи Соединетите Американски Држави. Тоа е целта, и тие добро си ја завршија работата.“ Ваквата реторика некои ја сметаат за непотребно провокативна кон клучните сојузници на САД. Историски гледано, Европската унија не е создадена за да ги поткопа Соединетите Американски Држави, туку за да поттикне мир и соработка во Европа, особено меѓу нациите како Франција и Германија, кои беа непријатели во повеќе војни за време на 20-от век. Оттогаш ЕУ стана темел на стабилност и соработка на континентот, придонесувајќи за силно трансатлантско партнерство.
Вториот политички шок е односот кон Канада. Да се биде толку агресивен кон земја која низ историјата била најблизок сојузник на Америка е, едноставно кажано, неочекувано. Дополнително, критиката на придобивките што Канада и Мексико ги добиваат според USMCA е тешко да се оправда, ако се има предвид дека Соединетите Американски Држави доброволно го потпишаа договорот. Никој не ги присилил да се приклучат -тие свесно имаат избрано да бидат дел од овој трилатерален договор.
Новиот економски поредок на Трамп (Trump’s NEO)
Сите политики на американската администрација одразуваат јасно отстапување од рамката на глобализација и соработка воспоставена по Втората светска војна и насочување кон нова парадигма. Оваа нова рамка можеме да ја наречеме Нов економски поредок (NEO). Кои се неговите клучни карактеристики, според визијата на администрацијата на Трамп?
1) Глобално нарушување на трговијата:
Воведувањето царини предизвика масовни мерки на одмазда и сериозно ги наруши глобалните синџири на снабдување. Овие дејствија придонесуваат за пазарна нестабилност, зголемени цени за потрошувачите и повисоки оперативни трошоци за компаниите, што на крај доведува до затегнување на меѓународните трговски односи и економската стабилност.
2) Концептот на економската национална држава:
Новиот економски поредок (NEO) ја нагласува примарната улога на националната држава во економското креирање политики. Оваа промена е видлива преку повторното појавување на тарифни и нетарифни бариери како алатки на националниот интерес. Претседателот Трамп го започна овој тренд со агресивно таргетирање на Кина преку високи царини, претставувајќи ја како главен економски противник на САД. Но, овој пристап се прошири и кон клучни сојузници, како Канада и Европската Унија, што укажува на пошироко повлекување од мултилатерализмот и повторно нагласување на националниот суверенитет во трговските односи.
3) Намалување на улогата на мултилатералните организации:
Ова е уште една клучна карактеристика на Новиот економски поредок. Соединетите Американски Држави се повлекоа од Светската здравствена организација (СЗО – WHO), што означува отстапување од глобалната институционална соработка. Истовремено, беше поткопан авторитетот на Светската трговска организација (СТО – WTO), преку еднострани трговски политики кои ги игнорираат воспоставените правила и рамки на СТО, со што се намалува глобалното влијание на организацијата.
4) Враќање на производството во САД (reshoring):
Централна карактеристика на Новиот економски поредок е стратегиското насочување кон враќање на производството во Соединетите Американски Држави. Овој тренд ги одразува растечките грижи околу ранливоста во синџирите на снабдување, националната безбедност и економската самостојност. Со стимулирање на домашното производство и намалување на зависноста од странски производствени центри, особено во Кина, САД имаат цел да ја зајакнат својата индустриска база, да создадат работни места и да се обидат да ја вратат контролата врз критични сектори, како што се полупроводници, фармацевтски производи и технологии за чиста енергија.
Предизвици за враќањето на производството:
Овој процес бара значителна работна сила со пониски квалификации т.н. blue collar workers. Сепак, рестриктивните имиграциски политики, какви што ги застапува Трамп, создаваат јаз во понудата и побарувачката на работна сила. Интензивните акции на Агенцијата за имиграција (https://www.ice.gov/) влијаат на намалување на работната сила. Прашањето е: Дали ќе може јазот да се премости со автоматизација и користење на роботи?
Што може да направи една мала држава, како Македонија?
Краткорочен пристап (тактички мерки)
Во краток рок, ова се најважните активности што државата треба да ги преземе:
- Билатерални преговори за преференцијални услови
Најважно е да се добие статус кој би одговарал на Most Preferred Nation, каков што во моментов има Велика Британија. Говориме за статус кој е економски, но и политички. САД се стратешки партнер на Северна Македонија и Македонија треба да се обиде да го валоризира ова партнерство. - Поддршка за извозно ориентирани индустрии
Македонија треба да се обиде да ги поддржи индустриите што извезуваат во САД. Сепак, тоа мора да се прави внимателно, за да не се ризикуваат антидампинг мерки.
Некои од мерките може да вклучуваат:
- Инвестиции во иновации и продуктивност,
- Подобрување на трговската логистика, и
- Поволни заеми преку Развојната банка на Северна Македонија.
Долгорочен стратешки пристап
Од долгорочна перспектива, како мала земја, Македонија мора да ги приоретизира и адресира клучните стратешки предизвици важни за одржливиот развој. Главни области на фокус се:
Долгорочна стратегија за диверзификација
За намалување на ранливоста, Северна Македонија треба да се насочи кон:
Производна диверзификација: зголемување на производството на производи со висока додадена вредност и на „пазарни ниши“
Диверзификација на пазари: намалување на зависноста од неколку држави преку настапи на нови пазари.
Во моментот, фокусот на македонската индустрија е во автомобилската индустрија и на извозот, претежно во Германија и ЕУ. Оваа концентрација на определени производи за определени пазари ја прави Македонија поранлива на надворешни шокови.
Производство со повисок степен на финализација: кон пософистицирани готови производи или специјализирани компоненти.
Инвестирање во брендирање и сертификација на квалитет: Промоција на „Made in North Macedonia“ како знак на квалитет, одржливост или иновација.
Добивање меѓународни сертификати (ISO, CE, итн.) за подобар пристап до премиум пазари и намалување на ранливоста од протекционистички мерки.
Дигитална трговија и проширување на е-трговијата
- Поттикнување на МСП да влезат на глобалните пазари преку дигитални платформи, надминувајќи дел од традиционалните трговски бариери,
- Инвестиции во дигитална инфраструктура и логистика за поддршка на прекугранична е-трговија. Стратешка соработка со дијаспората
- Искористување на македонската дијаспора за пристап до пазари, инвестиции и деловни врски во странство,
- Креирање стимулации за бизниси предводени од дијаспората да инвестираат во извозно ориентирани сектори.
- Обезбедување на стабилност на политиките и зајакнување на правната сигурност и институциите.
- Обезбедување на правна сигурност: „Правната несигурност“ е проблем за економските субјекти. Политичката и правна нестабилност, честите промени на законите и слично, претставуваат уште поголем проблем. Затоа ни требаат предвидливи и транспарентни трговски политики за привлекување странски инвестиции. Уште повеќе, за задржување на домашните инвестиции.
- Зајакнување на институциите кои се релевантни за извозниците, како: царина, агенции за промоција на трговијата и иновациски хабови.
И, последно, но не и најмалку важно:
Регионална интеграција и трговски сојузи – вклучување на Македонија и земјите од Западен Балкан (WB6) во ЕЕО – Европска економска област (European Economic Area). Авторот во неколку наврати ги објаснуваше во неколку написи придобивките од вклучување на Македонија и сите WB6 земји во ЕЕА.
- Стратешката вредност на овој предлог е:
Надминување на пречките со уставните измени – доколку Бугарија не ја блокира Македонија за влез во ЕЕА, тоа може да биде добар сигнал за македонскиот парламент да ги усвои уставните измени. На овој начин, можеме да ги започнеме преговорите за членство во ЕУ. - Забрзување на економската интеграција: им се нуди на WB6 земјите пристап до единствениот пазар без да чекаат целосно членство во ЕУ.
- Зајакнување на владеење на правото: Членството во ЕЕА би барало усогласување со правните стандарди на ЕУ, вклучително и со надлежноста на Европскиот суд на правдата.
- Се олеснуваат четирите слободи на ЕУ: луѓе, стоки, услуги и капитал. Граѓаните и компаниите би имале корист од полесни премини на граници и бесцарински пристап до пазарите на ЕУ.
Македонија би можела дури и да аплицира за Шенген членство, како Швајцарија и Норвешка, на пример.
Епилoг
Доналд Трамп несомнено го менува текот на економската историја.
Дали оваа трансформација ќе биде одржлива зависи од два клучни фактора:
а) доследноста на претседателот Трамп во спроведувањето на неговата визија, и
б) можноста Ј. Д. Венс да го наследи како претседател и да продолжи со истите политики, односно „тврдата републиканска струја“ да остане доминантна во американската политика.
Крајниот исход на овие промени — дали истите ќе бидат корисни или штетни за САД и за остатокот од светот – сè уште е неизвесен и ќе се покаже со текот на времето.
На крај, економските мислители ќе ја оценуваат и толкуваат важноста на овие политики за благосостојбата на Америка но и на другите народи, исто како што Џон Мејнард Кејнс го елаборираше New Deal на претседателот Рузвелт.
Се надевам дека, во иднина, некои од тие анализи ќе се повикаат на овој скромен текст како прв што го воведе поимот „Нов економски поредок на Трамп“.
Засега, сепак, претседателот Трамп целосно се има посветено на овој пат. Неговиот став најдобро е изразен преку древната спартанска максима: „Со штитот или на него“, или буквално „Врати се победник (со штитот), или мртов (на штитот)“. „Ἤ ταν ἤ ἐπί τας“












